Супремацијата на англосаксонската „раса“

По првите две колумни, во кои ги расветливме геополитичките идеи на таткото на геополитиката Мекиндер, со неговиот поим за „хартленд“, и на германската геополитичка мисла на Хаусхофер, со неговите идеи за Lebensraum и Drang nach Osten, кои ги разгледавме во две продолженија, дојде ред да фрлиме поглед и на американското видување на геополитиката и на тој начин да се обидеме да го осмислиме овој бесмислен судир, ако воопшто е можно да се осмислува бесмисленоста на секоја војна.
Историските околности, политичките состојби и особено просторно-географските, долго време ги држеле САД надвор од светските текови. Таканаречената „политика на изолационизам“ била доминантна парадигма во американската политика практично до почетокот на XX век. Од Исток бранета од Атлантикот, од Запад од Пацификот, без сериозни закани од Север и Југ, во американската политика оправдано владеел ставот на изолационистите – САД се самодоволни и немаат потреба да се мешаат во работите на „стариот свет“. Од инаугурацијата (1789) на првиот претседател Џорџ Вашингтон, тоа се востоличило во своевидна американска варијанта на онаа позната британска самодоволност и изолираност од европскиот континент до ниво на „блажена изолација“ (splendid isolation). Сè додека историските, политичките и „географските“ состојби не ги „принудиле“ САД да се замешаат на почетокот на XX, со двете светски војни, особено во втората и дефинитивно по неа. Или додека не се појавиле идеите на таткото на американската геополитика Алфред Тајер Махан (1840-1914). Овој поморски офицер, историчар и теоретичар на крајот на XIX век (тамам колку симболично да го најави крајот на американскиот изолационизам на почетокот на XX век) ја напишал книгата „Влијанието на поморската моќ врз историја“, чии идеи ќе останат темелни во американската геополитичка стратегија до денес, со незначителни варијации.

Интересна е геополитиката – веројатно поради тоа што се заснова на географскиот детерминизам како централна претпоставка – таа речиси и нема промени во нејзините основни идеи, туку само како да се менува и адаптира во согласност со потребите на политиките и државите што ги интерпретираат, во согласност со актуелните историски констелации. Така, од Мекиндер, преку Хаусхофер и Махан, па до руските Евроазијци, централните претпоставки за телурократијата (превласт на копното) и таласократија (превласт на морето), потоа хартлендот и значењето на Истокот на европскиот континент, потребата од „обрач“ (римленд) и сл., воопшто не се напуштени, туку само различно се интерпретирани за да одговараат на актуелните потреби на империите и нивните моментални империјални интереси. Така, идеите на Махан и на другите американски геополитичари се во срцевината и на современите погледи на Кисинџер и на Бжежински.
А симплифицирано, идејата на Махан е воспоставување американска превласт и доминација заснована на нејзиниот потенцијал за поморската надмоќ. Тој сметал дека „водните сили“ историски се покажале како доминантни – од Шпанија, Португалија, Холандија до Британија – и тоа го поттикнало истото тоа да го примени и за САД. Ако сакаат да станат светски доминус, САД треба да ја прекинат политиката на изолационизам и да стапат на светската сцена како империјална сила преку изградба на силна морнарица и контрола на важните поморски точки. На инспирацијата на Махан се надоврзува Николас Спајкмен (1893-1943), кој ги поставува темелите на современата американска геополитика, а со тоа и надворешна политика. Во неговата книга „Американската стратегија во светската политика“, објавена во 1942 година, непосредно по влегувањето на САД во Втората светска војна, тој ја поставува теоријата за „римленд“, со која се постулира стратегијата на американската надворешна политика – поставување „обрач“ (римленд) околу хартленд, со кој единствено ќе може да се воспостават контрола и рамнотежа на силите. Денешната желба за контрола на евроазиските крајбрежни области од страна на САД е директен резултат на таа стратегија.

Приморска Европа, Блискиот Исток, Југоисточна Азија се централни приоритети на американската геополитичка стратегија, преку која не само што се контролира туку и се спречува ширењето на силите од внатрешноста.
Во основа, независно што Махан ги развил своите идеи наспроти оние на Мекиндер, сепак, разликите се повеќе методолошки, отколку суштински. Имено, независно дали контролата се обезбедува од копно или од вода, сепак се работи за контрола на евроазискиот простор, првенствено! Така, слични се тезите и на еден друг интересен автор, повеќе авантурист, отколку теориски геополитичар, Хомер Ли, кој во својата книга „Деновите на Саксонците“ детектира три опасности за „англосаксонската раса“ (тој го користи терминот „раса“, дефиниран во XIX век од британските и американските теоретичари, а кој заради стилски ефект, се одлучивме да го ставиме и ние во нашиот наслов): Германија, Русија и Јапонија. Ако се овозможи овој „фатален“ сојуз, сметал тој, помеѓу „Славјаните“ (Руси), „Тевтонците“ (Германци) и Јапонците, тоа ќе значи крај на англосаксонската супремација. Ова, тој го нарекува „смртен троен сојуз“, кој не смее да се дозволи. Знаеме денес кој им е најголем сојузник на САД во Азија, а во минатите колумни веќе спомнавме дека Германија од 1953 на своја територија ја има „Рамштајн“.
Се разбира, овие геополитички проекции не се егзактна математичка наука и не секогаш се реализираат со стопроцентна точност, особено поради тоа што во овие „шаховски игри“ секогаш имате и друг играч наспроти тебе. Па, така, по Втората светска војна, сите се „изненадени“ и затечени од неочекуваниот и дури неверојатен успех на Црвената армија и нејзиното влегување во Берлин. Со над 20 милиони жртви и веењето на знамето на Рајхстагот во Берлин, едноставно било невозможно да се ограничи влијанието на СССР и да се обезбеди контролата на „хартлендот“ – независно копнено или водено – онака како што го замислувале големите американски геополитичари. Едноставно, по Втората светска војна, „колачот“ морал да биде поделен со СССР. И тоа токму во зоната на „хартленд“ – во голема мера и во полза на СССР. Затоа и големото „славје“ во САД по распадот на СССР и споменувањето на тој распад од страна на Путин, како на „најголемата геополитичка катастрофа во XX век“ – контролата над хартлендот може повторно да се оствари, Русија може повторно да се контролира!

Новата реалност по падот на СССР доведува до нови интерпретации на старите геополитички шеми и стравови, во согласност со новите состојби. Огромниот простор во Источна Европа по падот на советската империја е шансата што САД и сојузниците ја чекаа и нема да ја пропуштат. Во геополитичките игри нема празен простор: напуштањето на едните значи шанса за другите. Затоа, главните стратези од ерата на Студената војна, Хенри Кисинџер и Збигњев Бжежински, се „радуваат“ на оваа „геополитичка катастрофа“, но предупредуваат дека САД не смеат ниту секунда да го свртат вниманието од Русите и поранешните советски простори. Кисинџер ќе предупреди дека независно кој управува со Русија, таа земја има долга империјална традиција и дека секогаш ќе се наоѓа на „хардлендот“. Исто како што подоцна Бжежински ќе порача дека главна цел на САД останува контрола на Евроазија и таа предност, стекната по падот на СССР, една неевропска и неевроазиска земја да ја преземе контролата над оваа територија, не смее никогаш да се испушти. Неговата стратегија презентирана во „Големата шаховска табла“ е првенствено стратегија за Евроазија (т.е. за Русија), која, според него, е „мегаконтинент“, кој „кумулативно ја надминува моќта на американскиот континент“. А ако Евроазија, всушност, е Русија (ќе видиме во една од следните колумни кој е тој простор), контролата на тој дел, контролата на хартлендот, всушност е контрола на светот. Затоа, целата книга „Големата шаховска табла“ на Бжежински, издадена веднаш по падот на железната завеса, всушност е посветена на потиснување и контрола на Русија. Иако деновиве читам некои изјави на Бжежински и Кисинџер, како некаде некогаш рекле дека НАТО згрешил со проширувањето кон Исток и особено со евентуалното кон Украина, сепак, целокупната нивна концепција е фундирана на идејата на супресија на Русија (т.н. стратегија на ограничување/containment). Се разликуваат само пристапите кон таа стратегија – дали преку помагање на Кина (со официјалното зближување преку политиката на Никсон, кој сметаше дека придобивање на Кина ќе значи ограничување на Русија), дали преку поттикнување проблеми во бившите советски републики, арапскиот свет…, геополитиката е иста! Впрочем, не треба да ја заборавиме легендарната изјава на Полјакот Бжежински: „Не може доволно да се потенцира дека без Украина, Русија престанува да биде империја, но со Украина, потчинета и подредена, Русија автоматски станува империја!“ Од оваа перспектива, ова е борба на империјата, со империјата во настанување!

Гледаме, во срцето на сите досега изнесени теории, главниот фокус останува Евроазија! А веќе во следните колумни ќе ги видиме руските погледи на геополитиката и особено на овој евроазиски геополитички простор. Во руската мисла се издвоени три школи на мислење, не само геополитички туку и теориски и философски воопшто: словенофили, западњаци и Евроазијци. Интересно е што можеби првите јасно дефинирани идеи за единството на евроазискиот простор, кој денес е под англосаксонска супремација, доаѓаат од руските теоретичари. Додека, пак, актуелната руска политика во голема мера се движи по траекторијата на мисла поставена од евроазиската доктрина. Затоа, оваа Русија со Путин реши да биде „game changer“, да ја предизвика доминацијата на „англосаксонската раса“ на овој евроазиски геополитички простор, кој „природно“, по географијата барем, треба да е под контролата на тие што живеат на него. Сега за сега, изгледите за тоа се мали, особено по тоа како се постави Европа. Сега за сега, Русија отиде во прегратките на Кина, Европа во прегратките на САД (којзнае по кој пат). Русија најмалку го посакува тоа, а Европа никој не ја прашува.

Автор: Трајче Стојанов