Фото: Твитер/ Фудбалска федерација на Италија

Италијанскиот селектор Роберто Манчини се соочува со потешкотии при составувањето на одбраната за утрешниот меч против Македонија во баражот за пласман на Светското првенство во Катар, поради отсуството на неколкумина стандардни дефанзивни фудбалери поради повреда.

Манчини нема да може да смета на стандардните бекови Џовани ди Лоренцо и Леонардо Спинацола, како и на стоперот Леонардо Бонучи, додека се очекува искусниот централен дефанзивец Џорџо Киелини да добие поштеда против Македонија.

Дефанзивната четворка против Македонија се очекува да ја сочинуваат Алесандро Флоренци, Алесандро Бастони, Џанлука Манчини и Емерсон Палмиери, според предвидувањата на дел од италијанските медиуми. Постои можност и на местото на Манчини да настапи еден од стоперите на Лацио – Луиз Фелипе или Франческо Ачерби.

Во средниот ред прилика би требале да добијат Николо Барела, Жоржињо и Марко Верати, а во напаѓачката тројка се очекува да се најдат Чиро Имобиле, Лоренцо Инсиње и Доменико Берарди.

Во италијанските медиуми се појавија гласини за петмина италијански репрезентативци позитивни на ковид-19 откако двајца членови на стручниот штаб на „аѕурите“ се заразени со коронавирус, но засега нема информации за допоплнителни отсуства.

Извесно е дека новиот состав на италијанската одбрана може да претставува шанса за Македонија во утрешниот дуел во Палермо (од 20.45 часот). Победникот од овој меч ќе се соочи со подобриот од средбата Португалија – Турција во финалето на баражот за СП, во вторник.