Во футуристичките сценарија на научнофантастичните филмови една од најексплоатираните теми е функционалноста на системот, неговата ефикасност и праведност. Иако интуитивно, ефикасен систем е оној што може да обезбеди правичност во секоја област од општественото живеење, во научнофантастичните сценарија, често ефикасен систем не е нужно еквивалентен со поимот на правичен систем.
Ефикасен систем значи систем што може да опстане и да се самоодржи и во утилитаристичка смисла ја подразбира најголемата среќа за најголем број луѓе. Најголем број луѓе не се сите луѓе и секој поединец. Според теоријата на утилитаристите Џереми Бентам и Џон Стјуард Мил, под ефикасен систем се подразбира оној што може да одговори на потребите на најголем број луѓе и на тој начин ќе создаде рамнотежа и услови за живеење на генерално среќен живот. Кога говориме за среќни нации и анкети во кои граѓаните ја изразуваат својата среќа, често велиме дека, барем според последните анкети, Финците се најсреќен народ.
Но под оваа тврдење не ги подразбираме сите Финци, туку најголем број од нив. На утилитаристичката идеја за праведност низ аспект на ефикасен систем во своето функционирање и самоодржување е спротивставена теоријата на Кант, кој смета дека праведноста не е општа парадигма, туку нејзината справедливост се приспособува на секоја единечна човечка судбина.
Во филмот „Јас, робот“ (I, Robot), робот спасува човек од автомобил што тоне во вода, додека друго лице го остава без помош бидејќи пресметува дека шансите за негово преживување се премногу мали. Сцената го отвора прашањето дали одлуките засновани исклучиво на статистика и логика можат да бидат поправедни од човечката процена и морал, иако се многу попрецизни од човечките предвидувања и можности за правење анализи.
Ако на пример според тврдењата на утилитаристите ефикасен систем е оној систем во кој има предвидливост и закономерност и не прави никакви исклучоци, во теоријата на Кант исклучоците не само што се дозволени туку и се неопходни во некои ситуации. Во долг ред на чекање на шалтер, постојат бројчиња и совршен математички распоред на услуга на граѓани и клиенти. Според утилитаристите, таков ефикасен систем е доволно да обезбеди правилност.
Но теоријата на Кант го поставува прашањето што би се случило доколку во тој ред дојде човек што има астма и за него чекањето ред може да предизвика дури и животозагрозувачки реакции. Кант смета дека, хипотетички, службеникот не би направил грешка доколку процени дека на човек што е болен од астма треба да му даде приоритет во редот и да направи приспособување на системот врз база на состојбите низ човечката димензија. Кога зборува за праведност, Кант не зборува само за апстрактен систем, тој зборува за човечкиот морал.
Фуко, пак, смета дека самата бирократизација на системот во обид да го направиме што е можно поефикасен може да донесе голема концентрација на моќ во техниката, која може да ги контролира и ограничува и човечкото движење и неговите одлуки.
Интересно е да се спомене и теоријата на Хана Арент, која вели дека злото не доаѓа од поединци што се родени како „монструми“ туку од нормален систем, односно од бирократи што со голема доза на послушност ја вршат својата бирократска функција. Тие придонесуваат за создавање еден студен и нечовечен систем, во кој луѓето се претвораат во алатки наместо да бидат цел сами по себе.
Научната фантастика преку судирот меѓу ефикасноста и праведноста покажува дека најголемиот ризик на идните системи не е нивната нефункционалност, туку нивната совршена функционалност без човечност.
Магдалена Стојмановиќ-Константинов

































