Предизборие – збогум на објективното новинарство

Колапсот што го доживеа „државниот социјализам“ отвори слободен и голем демократски празен простор, можност за идеолошко политичко разнообразие и натпревар на креативни мислења, ставови, толкувања. Една од важните придобивки е и широкиот опсег на медиумите што ѝ се ставија на располагање на „демократијата“.
За почеток, круцијалното прашање како да се препознае што е демократија. Едноставно, според тоа што пристапот до власта е отворен и најважните позиции се заземаат преку слободни избори.
Меѓународната Федерација на новинарите и Кодексот на новинарите на Македонија предупредуваат – новинарите треба да избегнуваат надворешни интереси и поврзувања, кои можат да им наштетат на нивната репутација на непристрасност, правичност и интегритет. Истакнатите новинари, како што се популарните презентери на телевизиските програми и водечките колумнисти во весниците, треба особено да водат грижа за својата непристрасност, да известуваат балансирано, да обезбедат професионална дистанца од политичките субјекти. За да го чуваат угледот на својата професија, да не го употребуваат својот медиум за пресметка со личности, вклучувајќи ги и своите колеги, да ја негуваат културата на говорот и да одбијат работна задача доколку е во спротивност со принципите на новинарската професија и Кодексот.
Од Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги нотираат и порачуваат – Медиумите треба да бидат исклучително внимателни при пренесувањето изјави што во себе содржат навреди, клевети или нетрпеливост, за да не бидат злоупотребени за поттикнување насилство или на дискриминација врз која било основа, и да ѝ овозможат на јавноста слободно да го формира своето мислење така што ќе ѝ обезбедат сеопфатни, објективни и непристрасни информации и ќе ги прикажуваат настаните со еднаков третман на различните гледишта и мислења.
Не е никаква тајна ниту некоја нова епифанија дека медиумите како конверзија на сублимираниот потенцијал на стварноста отсекогаш биле цел на центрите на моќ и интерес.
Во постојните услови, поизразени се негативните трендови на конвергирање, па наместо интегрирани дескови и функционални медиумски мултиплатформи, главно сведочиме појави од типот „новинари за сите теми“ и „конвергирање на медиумите и партиите“. Владее општо уверување дека е логична последицата тие што ги финансираат медиумите, платформите во социјалните мрежи, „истражувачкото новинарство“, да го прават тоа со однапред утврдена теза дека за возврат се има одреден интерес.
Нивната улогата во генерирањето општествена моќ и власт и понатаму е голема, но не е веќе клучна, а новинарите се сѐ помалку моќни сами да носат одлуки во тие процеси. Одлучувањето е префрлено надвор од уредничките раце, а копирањето и репродуцирањето готови сервирани информации станува доминантен модел во нивната работа. Па така, новинарите наместо да ѝ помагаат на јавноста да ги следат, надгледуваат и да ги контролираат носителите на одлуки, стануваат предмет на контрола на моќниците и средство за пропаганда. Ваквиот драматичен пад на угледот на новинарите и медиумите се вклопува во постмодерните трендови на изразен скептицизам и губење верба дека пронаоѓањето на вистината е воопшто можно. Од прокламираната позиција на глас на народот, медиумите стануваат глас на моќниците, и сосема природно и легитимно е настојување низ сите историски епохи, таа сфера да се освои и уреди според логиката и правилата на сопственото дејствување
Објективни и слободни медиуми денес всушност и не постојат. Можеби за такви можат да се сметаат некои визури и кадри од Месечината и вселената, кои Земјината топка ја третираат и посматраат глобално во широк тотал? Или е и тоа некаква атракција, монтажа дека тие објективно пренесуваат погледи известувања и значења. Медиумите денес веќе ништо не пренесуваaт, туку најголем дел се цел на самиот себе или се пленици на матните регионални и глобални политички платформи што секојдневно ги анектираат и (зло)употребуваат за сопствени цели и интереси.
Во таквиот амбиент, ново ниво на еволуција во „уметноста на демократијата“ медиуми се претворените во цензура на појасите на слободната волја, и се ползуваат главно за производство на согласност, со други зборови, донесување согласност со помош на нови техники и доктрини на пропагандата. Зона на пресметка со стварноста преплавена со невкус, ароганција, подметнувања, навреди, бакалски чинови што секојдневно атакуваат врз сетилата во вид агресивна меѓусебно одмерување на силите и евтина политичка пропаганда, со што на јавноста, крајниот потрошувач, ѝ е оневозможена врската со реалноста и ѝ е стеснето и узурпирано легитимното право на ползување вистински информации, забава, образование, естетска виртуелна наслада. Видлива последица е главнината на медиумската понуда, во нашиот дел од етерот. Еклатантен пример на евтино продукциско ниво, „ниска уметност“ и забава што претежно е условена од економското устројство на мрежата. Во желбата и напорите за што поголема гледаност како логична функција во нејзината желба да го привлече и задоволи гледалиштето, се прибегнува кон исползување на неговата неотпорност на сензационализам лесна возбуда, и ниските страсти и сеирџиски менталитет. Политички бескрајни дебатирања, препукување, „експертски анализи“, жанрови со „седечки мизанкадар“ забава на ниво на масовниот маркет. Медијализирана стварност, која ни се наметнува и која секојдневно атакува врз нашите сетила, низ интензивните секојдневни информациски виртуелни сеанси, на изглед жанровски разновидни, имаат и една скриена „возвишена“ цел. Најнапред да го скрши отпорот, а потоа да го стесни и задуши просторот на слободна волја, да нѐ претвори во небитие и да нѐ сместат на маргините некаде во меѓупросторот каде што се пресметуваат идеологиите, политиките, бизнис-интересите. Збогум на објективното новинарство – ова се однесува и на медиумските мешетарења и аналитичарство во нашиот сокак, полн со „стандардни смртни гревови“ – дезинформации клевети и озборувања.
„Обвинуваме, судиме и осудуваме по кратка постапка. Слободно ем демократски. По евроатлантски стандарди и колку што гледам, таму сме. Ја презедовме функцијата на институциите. А после? Е, после ќе се правдаме и ќе плачеме дека не сме знаеле, дека нѐ злоупотребиле, нѐ лажеле и дека сме жртви. Новинарите во иднина ќе мора пред ад хок трибунали да одговараат еднакво како и политичарите, генералите, офицерите и армиите за злосторства против човештвото, оти, наместо да информираат објективно, ја заменија професијата со пропаганда“, ќе подвлече во визионерскиот говор Ноам Чомски на светската новинарска конференција одржана во Сеул – Јужна Кореја, во 2011 година, во кој ги нарече новинарите маринци и ги оцени како логистичари на политиките и претходница на завојувачките армади.

Аљоша Симјановски