Владо Костов-Ваце, улица – монтажа, атракција

Пред повеќе од сто години, поточно во 1915 година, Казимир Малевич го наслика црниот квадрат, кој стана симбол и знак на светската авангардна уметност. Концептот „направи го уметнички факт она што пред тебе никој не можел ниту да го замисли како такво нешто“ не е само писоарот на Марсел Дишан од 1917 година, него го препознаваме и во музичката теорија на Арнолд Шенберг и во таинствениот молк 4:33 на американскиот контроверзен композитор Џон Кејџ. И на уште многу други места: од дадаистичкото кабаре до повоената „сиромашна уметност“ (Arte Povera).
Формата како глагол – монтажата – како предмет и метод, е она што на прв поглед се наметнува како размислување и плени во мајсториите на Владо Костов – човекот творец – ловец што во својата мрежа ги лови формите, ги кроти и ги претвора во движечка артистичка метафора. Во таа благородна мисија нешто налик на она што се случувало во раната фаза, во првичната фасцинација, во т.н. монтажа-атракција, она што пред стотина години го откриваат во илузиите при лепење слики во движења и склопувањето во секвенци во целост насловена како филмска магија.
Со медиумска поддршка од Џез фм радио и Американското катче, во текот на годините, со група љубители кон џезот и почитувачи на легендарниот алт-саксофонист Чарли Брд Паркер, најпрвин во кафето „Форум“ на Илинденска, потоа во „Џез стејшен“ во МКЦ во Скопје, во „Порта џез“ и „Ван галерија“ – Битола, приближно истовремено со случувањата во центарот „Линколн“ во Њујорк, се организиравме и се собиравме на неколку пригодни џез-вечери посветени на големиот артист. Тоа беше воспоставување своевиден мултикултурен хипер-линк со случувањата во Њујорк. Во реализацијата на ваквите „дешавки“ учествуваше креативно јадро, составено од уметници, новинари, музичари, скулптори ентузијасти…

Како дел од континуитетот на чествувањето, легендарниот алт-саксофонист, метафората на артистичката слобода, на џез-вечерта пред петнаесетина години, во култното денес /неоправдано/ подзаборавено „Џез стејшн“ во МКЦ, Владо Костов ќе се претстави пред публиката со скулптура на Чарли Паркер, изработена од рециклиран метал. Саксофонистот Чарли Паркер, корифејот на би-бап ерата во џезот, глобален суперхерој и негов најчест синоним е прва во низата извонредни скулптури на музичари уметници од светот на џезот што ги создаде и неуморно ги создава скулпторот велемајстор Владо Костов-Ваце. Следуваат серија извонредни дела на Владо Костов, кои ги поврзуваат реалноста и фантазијата, светот на она што се гледа и невидливото се принципи врз кои ја гради својата уметност настаната од отфрлени метални предмети што тој ги пронаоѓа на складишта со отпад, а потоа од нив создава нова уметничка реалност во која се фокусира на препознатливи градивни елементи и визуелни конотации… Така, конципираните експонати што се темелат на претставување фрагменти на тело или на музичкиот инструмент, при што делото поседува кохерентност и има своја автохтона целост…
„Верувам дека можам да ги поттикнам и придвижам човечките срца со силата на естетската сугестија, која ги фаворизира имагинативното мислење и перцепцијата, осознавајќи ја истовремено важноста за заштита и обнова на Земјата за добро на сите. Верувам во намалување на потрошувачката и во повторна употреба или рециклажа на материјалите, не само во еколошка туку и во креативна и уметничка смисла“, рече Владо Костов, уметник, скулптор, кој денес низ светот се претставува со експонати што се конципирани и се темелат на претставување фрагменти на тело или музички инструмент, движење, при што секое дело – скулптура е создадена како рециклажа од отпаден метал.

Дека и цврстиот отпад има душа и крвоток во визиите и вештите раце на големите мајстори е она што возбудува. Урбаните мемореми и цврстината, моќта и мајсторството да се управува со визиите и сонот и благородната вештина тие да се обликуваат беа она со што ни се претстави пред некоја година Владо Костов-Ваце /во еден извонредно урбан простор насловен „Арт Центар – Скопје“/ во таа пригода насловена УЛИЦИ.
„Верувам дека ги придвижувам и поттикнувам човечките срца и разум со цврстите форми на овој вид уметност, која ги обединува и фаворизира имагинацијата и перцепцијата, истакнувајќи ги важноста и нужноста за заштитата на мајката Земја за доброто на сите. Верувам во смалување на потрошувачката и оптимално користење на ресурсите, но и во повторна употреба – рециклажа на материјалите, не само во еколошки туку и во артистичка смисла“, објавува Владо Костов–Ваце, човекот изнедрен и пораснат на скопскиот асфалт, уметникот што цврсто чекори и на улиците и булеварите во Лондон, Амстердам, Париз, Загреб, Белград, Софија, носејќи со себе врзоп визии и форми и претставувајќи ги своите неповторливи врвни уметнички скулптури и ракотворби, повикувајќи и ширејќи ја вистината за спас на земјата и својата родна грутка мајка Македонија.

Во врвните мајстории на Владо Костов-Ваце едноставно е да се уверите. На улицата Македонија, на ѕидот пред салонот „Божиновски“, се наоѓа металната скулптура „Сѐ уште те чекам“, мајсторија ненаметливо вклопена во просторот. Скулптурата „Коњ“ над влезот во кафеаната „Кај Перо“ во Дебар Маало, 14 скулптури на плоштадот во ентериерот „Мериот“, Мајлс Дејвис во Црна Гора во „Евергрин џез клуб“ – Пјаца 1, шест скулптури на разни локации во Белград, Мајлс и пред зградата ГДи / порано фабрика „Раде Кончар“ во Загреб, во приватни збирки и во галерии во Стокхолм, Сант Пол де Ван – Ница, Франција. Сега и на Јутјуб итн… https://www.youtube.com/results?search_query=tribute+to+arsen+dedic….

Автор:Аљоша Симјановски