Родителите се тие што ги учат децата на обврските, одговорностите, правилата и навиките. А со усвојувањето на работните навики и одговорности детето ја развива самодовербата, која е многу важна во моментот на тргнување на училиште

На почетокот на учебната година

Сонце, море, плажа, искачување на планина, дишење чист воздух, капење во базен – сето ова беше одлика на летото, но безгрижноста и уживањето веќе завршија и за децата и за родителите. Време е од вода да се скокне во училишните клупи, а за вас родителите веќе почнаа грижите. Од каде да се набави училишниот прибор, каков ранец да се купи, потребна е и нова облека за есен…
Од пред три недели за поголемите ученици почна секојдневната рутина, но за оние што првпат го пречекорија прагот на училишниот двор и зграда, тоа значи едно големо добредојде во првата фаза од станувањето „голем“ човек.
Родители, очекувајте возбуда, солзи, радост и страв во детските очи, нетрпение и неизвесност поради судирот со новата средина, со новите правила, новите пријатели.
Секое поаѓање на училиште значи враќање на навиките за рано легнување и станување наутро, а како мотив за тоа може да биде сугестијата дека ако детето следниот ден стане порано, може прво да стигне на училиште и тоа да биде позитивен пример за другите деца. Од голема помош на помалите деца ќе им биде ако и вие со нив легнете порано, не заборавајќи дека вие сте за нив најдобриот пример.
Наутро колку и да ви се спие, пред детето бидете ведри и насмеани, зашто така и нему ќе му го направите денот повесел.

Септември е месец кога децата се потсетуваат каква беше рутината на училиште, дознаваат доколку има некои нови правила, можеби се запознаваат со нови наставници. Но за оние најмалите, првачињата, сѐ е ново: училишната зграда, наставничката, децата.
Она на што треба особено да се поработи со децата е начинот на кој се склопуваат пријателства. На детето треба да му се укаже дека дури и некои од вашите сегашни пријатели се стекнати уште во училишните клупи и дека добриот пријател треба да се чува. Така детето ќе развива чувство за пријателство и ќе знае дека е добро на училиште да стекне што повеќе другари.

Родителите се тие што ги учат децата на обврските, одговорностите, правилата и навиките. Ако мајките и татковците не покажат такво однесување, тогаш не може да се очекува дека децата одеднаш сами ќе ги усвојат работните навики. А со усвојувањето на работните навики и одговорности детето ја развива самодовербата, која е многу важна во моментот на тргнување на училиште.
Купувањето училиштен материјал треба да го правите заедно со своето дете, затоа што тоа и ќе го користи секојдневно. Вашиот ученик треба да си ги одбере моливите, боичките, фломастерите, линијарите, а ако меѓу нив се најде некоја скапа варијанта, тогаш направете компромис.
Како и да е, родители, бидете подготвени и вие да се вратите во училишната рутина или, пак, да влезете во тој свет, затоа што годината е долга и полна со обврски, но и со насмевки.

Автор: М-р Катерина Спасовска Трпковска


Се учат првите букви

Напред по линиите
широки и тесни.
Моливчето – лево-десно,
работите не се лесни.

Малку ќе се испоти
и десната рака.

Рекле:
– Немало наука без мака.

Другарчето намигнува,
насмевката стигнува.

Од наставничката
порака прекрасна:
– Од утре ќе пишуваш,
работна домашна!

Васил Мукаетов


Замислениот Нино

Седнал Нино со тетратка в рака
земал молив, да пишува сака.
Ама пусто нејќе, мислата му бега
Што ли требаше да пишува сега?
Што чудо ме снајде, си мрмори в брада,
да пишувам морам, а нели е подобро
да си каснам чоколада.
Но некако почна и – ете ти грешка,
а гумата летнала, ко пердув е тешка.
Со судни маки, пак за работа се фати,
ама ете сега, столот му се клати.
Леле мајко моја, некако го смири
и само што почна пак, го огреа сончев зрак.
Низ прозорец ѕирна – долу џагор смеа,
срце му се згреа.
Па шмугна, низ врата се втурна
пишувањето му здодеа!

Марија Таушанска


Моливчето го боли срце

Тања, ете, не сака задачи
да спрема,
кога надвор денов сончев
се бели.
Ученичката чанта ја зема
па мисли, мисли и вака смисли:

– Тетратке, тетратке напиши сѐ.
Тетратката се мурти и ќути.
Лекцијо, лекцијо научи сѐ…
Лекцијата е гневна, се лути.

Моливче, моливче напиши сѐ…
Тања моливчето го моли.
Не може да работи денес Тања –
моливчето срце го боли.

Книго, книго прочитај сѐ…
Книгата достоинствено плаче.
Тања денес не ја сака,
а таа сама не може да се мачи.

А учителката има една мана
во дневникот единици става.
И до крајот на учебната година
ќе треба Тања да научи д
а учи сама!

Евгенија Шуплинова