Тактички победи и стратегиските порази во Украина и падот на Азовстал

Веќе некое време ги артикулираме парадоксите што ги покажа Украина за да дадеме една поинаква слика и размислување што го предизвикува конвенционалното или, пак, размислувањето обоено со предрасуди на однапред бетонирани ставови и погледи. Изминатата седмица бевме сведоци на конвергенцијата на секојдневните активности на оние што треба да бидат забава со политиката и со воените придобивки или губитоци. Пропагандата никако да запре, а со тоа и маглата што се крева за да се дознае вистината за нештата. Од патриотизмот на опкружените украински сили на отпорот (народни маси), заедно со припадници на баталјонот Азов и дел од украинските маринци што не се предадоа во Мариупол, преку евровизиската еуфорија, која многумина ги замисли каде ли оди светот со стилот (Србија некако ми беше врв), па до „блантот“ на уништување цел руски баталјон што се обиде да изврши опкружување на украинските сили на исток, до вчерашното целосно предавање на силите на отпорот во Азовстал или размената на воени заробеници (зависи чии информации ги читате).
За да не заборавиме, само да потсетиме дека најголем губитник во сите тактички победи, и на едната и на другата страна, сепак, со стратегиски последици е човештвото, а примарно во случајот украинскиот народ. Она што најмногу боде очи и ги боли ушите, барем во последната недела, е кога ќе ги чујам сите што јавно имаат еден став, а зад камери, или како што викаат „онака меѓу нас друже“, имаат радикално спротивен став е врвот на иронијата што нѐ опкружува сите. Но, нејсе, најверојатно ќе мора да се навикнеме на сето тоа. Сепак, Украина може да биде лекција за сите, особено за тоа каде се прават грешки во доменот на водството и управувањето со државата и зошто повеќе од кога било, и покрај технолошкиот бум, луѓето и квалитетот во лидерството и менаџментот ќе бидат одлучувачки во многу нешта. Но, да тргнеме по ред.

Оперативните „бланотви“ на руска страна почнаа да добиваат и јавни осуди од страна на руски колумнисти, кои стануваат сѐ погласни во оцените дека нешто длабоко не е во ред со руските доктринарни потфати во Украина. Да потсетиме, тие се многу битни, бидејќи Путин реши дека употребата на сила ќе биде водечка во неговиот потфат да го смени светот. Кога зборувавме за судирот на вредностите, рековме дека игрите и калкулациите завршија. Генералното мислење во Русија е она што Путин успеа да го протне преку информациските кампањи дека грешките на Русија се уште од времето на Петар Велики, кој сакал да му удоволи на Западот. Но поентата на овој дел од расправата, сепак, е оперативниот проблем што ја мачи Русија во таквата реализација, барем засега. Имено, еден од поеминентните руски одбранбени колумнисти, во неговиот последен настап на почетокот од оваа седмица (пред некој ден), шокантно подвлече низа слабости токму во доктринарна смисла. Михаил Кодарионок (Mikhail Khodaryonok) за Руската национална телевизија како да беше ехо на голем број западни разузнавачки анализи дека изолацијата на Русија (како синхронизиран дел против инвазијата во Украина наметната од Западот) е сепак болна за Русија, особено ако се имаат предвид катастрофалните логистички проблеми и лошото командување на теренот (за ова веќе пишувавме нашироко). Тој, меѓу другото, истакна дека е несфатливо како дел од руските трупи на теренот страда од недостиг од средства, додека Украинците како одминува времето добиваат сѐ повеќе оружје. Само како мала дигресија, според одредени извори, САД успеале да испорачаат повеќе од 80 проценти од планираното офанзивно артилериско вооружување и над 70 проценти од муниција потребна за него. Тоа значително ги зголемува капацитетите за очајно потребната контраофанзива на украинскиот народ против агресорот. Украина, според него, може да мобилизира до милион војници ако го има потребното оружје. Тука само да потсетиме дека и ЕУ го достигна прагот од каде што значително ќе се забрза испораката на оружје и борбени системи неопходни за украинската општонародна одбрана.

Сето тоа, ставено во фактор време, не оди во прилог на руските напори. Напротив, како што веќе рековме, времето како фактор е клучно од два аспекта за Русите. Прво, како период од годината, што им оди во прилог (почвата се суши, може да се зголеми маневарот). Второ, како дел од периодот за изведување операции во контекст на мобилизација на ресурси и сили, што е спротивно на руските интереси. Така, и Кодарионок заклучи дека работите за Русија ќе стануваат полоши. Кога водителката се обиде да го дефокусира и да го измести тежиштето на аргументот со потпрашање за сегашната мобилизација, алудирајќи на проблемот што веќе извесен период го истакнуваме – мобилизацијата во Украина, тој ладно ѝ одговори дека народот секогаш ќе биде подготвен да го брани тоа што е негово. Уште повеќе, тој разби два мита. Прво, тој подвлече многу негиран факт од западните аналитичари дека армија на регрути не може да се бори добро како и професионален состав. Второ, дека професионализмот не е одреден од тоа дали војниците се професионални или регрути. Тука, без да дебатираме многу, само ќе се согласиме со него и ќе ги земеме како пример Израел и Турција. Сепак, како што подвлече тој, мора да се внимава дека таа приказна може да има поинаков тек ако фактот за подготвеноста на војниците се релативизира и политизира. Догмата во Русија, како што истакна тој, дека нивните војници регрути се еднакви на професионалните е опасна, особено ставена во контекст на украинскиот народ. Волјата, мотивот и моралот, според него, со што не може а да не се согласиме, се пресудни дали регрутите или народните маси што зеле оружје да се борат ќе имаат професионален однос кон одбраната и водењето на операциите или не. Кога Скабеева, водителката на емисијата, во свој спин-стил се обиде да го измести тоа, релативизирајќи ја пораката со тоа дека волјата да се умре за сопствената држава се изедначува со професионализам, Кодарионок ѝ појасни дека волјата на таквите регрути и масите да се борат директно ги пумпа нивото на подготвеност и ефектот што вооружените сили како инструмент на моќ може да го постигнат. Повикувајќи се на Ленин и Маркс, тој појасни дека, ултимативно, победата на теренот зависи од моралот на војниците што војуваат.

Меѓу другото, воениот реализам, како што ѝ подвлече тој, може така да ве удри што ќе биде кобен ако се обидувате да ги релативизирате фактите и реалноста. Артикулирајќи ѝ ја реалноста, тој без воздишка ѝ објасни на Скабеева дека Русија е геополитички изолирана и дека речиси целиот свет е против неа. Настрана од геополитиката и аргументацијата на Кодарионок, би рекле човекот е во право поради неколку работи што на руските воени елити не им одат од рака. Моралот по сѐ изгледа е катастрофален. ОСИНТ (организација што се занимава со анализи) – доаѓа од (open source intelligence или разузнавање од отворени извори), покажа мапа на руски роаминг-корисници во Украина. Фрапантно е колку руски војници и старешини користат мобилни телефони и покрај стриктните забрани за тоа. Кога ќе ја видите густината на овие корисници, ќе ги видите и руските трупи. Уште повеќе (иако тоа е далеку од отворено разузнавање, некои од снимените разговори се очајни). Настрана од тоа, следен аргумент е фактот за можеби досега најголемиот оперативен пораз врз руските сили од почетокот на војната. Имено, речиси една третина од руска бригада (според бројот на уништен арсенал и, внимавајте, официјално потврден руски извор), кон крајот на минатата недела беше уништен во обид на опкружување од страна на украинските сили на отпорот преку реката Северски Донец. Ако се знае дека арсеналот што беше уништен во овој обид е мошне скап и тешко обновлив, му треба време, и ако на тоа се додаде целата криза околу набавките, испреплетена со корупција во рамките на Министерството за одбрана на Русија, приказната е сериозен стратегиски индикатор за Русија. На тактички план, кој може да има стратегиски ефект врз украинскиот морал, е предавањето на силите во Азовстал или размената на заробеници, што ги вжешти дебатите не толку заради наративот колку заради ефектите од него. Сето тоа, за жал, драги мои, Русија сака да го „факторизира“ како сопствен успех, а Украина да го заштити негативниот ефект што заземањето на последното упориште во Мариупол може да го има на целиот развој на настаните, артикулирајќи ја наредбата на Зеленски за одложување на оружјето.

Методи Хаџи-Јанев

(Авторот е универзитетски професор, придружен професор на Државниот
универзитет во Аризона, САД.)