Светот е гротеска, западниот свет, бурлеска

Тато, тато, оној гомнар од трето А што носи маички со знакот на Зоро ми ја искина маицата со баталјонот Азов.
Ти реков да не си играш со такви, неговите се проруски фашисти.
А ние што сме?
Ние сме демократи, ајде одиме на плоштад да гледаме како се палат сликите на Кандински и книгите на Достоевски.
Колку е прекрасна демократијата! Колку е прекрасна слободата!
За неа вредеше секоја капка пролеана крв… секоја капка крв на 500.000 ирачки деца. Вака размислува ирачката мајка што ги изгуби своите деца. Сите три. Среќна е. Ги изгуби децата, ама доби демократија. Животот е чудна приказна. Зошто ѝ се деца ако надвор нема слобода? А децата, Американци ги убија. При бомбардирање на режимот на Садам Хусеин, тоа копиле што прави хемиско оружје. Смртта дојде со пријателски оган. Затоа што Американците се пријатели на ирачкиот народ, дури и кога го убиваат. Да беше руска бомба, ќе зборувавме за геноцид и воени злосторства.
А хемиското оружје? Она копиле Садам Хусеин го скри кај Путин. Путин го подметна во украинските биолаборатории во кои Нуланд и Бајденови се обидуваа да направат лек за луѓето да останат вечно млади, убави и слободоумни како Хантер Бајден. Ама, еве, денес оној Путин лаже дека во биолабораториите се произведувало биохемиско оружје. Па нормално дека ќе се произведува кога тоа е подметнатото оружје на Садам што Американците никогаш не го најдоа.

Јас пред спиење си пуштам мотивациски говори од Медлин Олбрајт. Во тие говори Медлин, големата мајка на прогресивната демократија, објаснува како смртта на 500.000 ирачки деца е цена што морала да се плати за денес Ирак да живее во демократија. Така заспивам мирно размислувајќи летово да одам на одмор во Ирак.
Е сега, се појавуваат некои одвратни ликови што американските воени интервенции ги нарекуваат масакри, геноцид и воени злосторства, ама тие гадови како Асанж, на пример, завршуваат каде што им е местото. Затоа МВР и ОЈО на Нордистан, не треба да апси, суди и затвора само луѓе што се сомневаат во руските воени злосторства во Буча, на пример, па пуштаат снимки каде што се гледа како мртвите мрдаат, туку мора да ги фрли во зандани и оние што инсистираат дека Американците вршеле масакри во своите воени операции.
Светот е гротеска, западниот свет, бурлеска.
Пентагон вели дека не може да потврди или одрекне руски масакр во Буча. Немало доволно докази. И сега кого ОЈО да повика на распит поради ова негирање на воени злосторства? Кејт Брнс? Па глупо е да ја шетаат американската амбасадорка по судови кога она ем не е Пентагон ем очигледно спаѓа во оние 92 отсто што не му веруваат на нордистанското судство, затоа што самата го објави тоа.
Пред некој ден, Соединетите Американски Држави го зголемија увозот на руски гас. Платија во злато. Тоа им е опцијата, рубли или злато, оти како „непријателска земја“ на Русија веќе не може да плаќаат во долари. Чудно малку ова непријателство, нели?
Со санкциите ќе ја вратиме Русија во 19 век, рече Бајден. И, ете, ја вратија. Путин стана Распутин. Државата се однесува како империја. Евгениј Онегин излезе на двобој со логиката поради некоја украинска убавица. Ама јас сфатив зошто мораше Бајден да ја враќа Русија во 19 век. Мислам, крајно е глупо да зголемиш увоз на руски гас и веќе утре МВР и ОЈО од Нордистан да те обвинат за спонзорство на воени злосторства. Затоа ја праќаш Русија во 19 век и, користејќи ја временската машина на доктор Х.Џ. Велс, патуваш низ времето и тајно купуваш и руски гас, оти Нордистан, сега засега, ќе купи само ракетни системи од САД, не и временски машини, па руско-американската трговија уште некое време ќе може непречено да се одвива.

Од почетокот на воените дејства во Украина, Европската Унија ѝ искеширала на Русија околу 30 милијарди евра за гас и нафта. Ако се земе предвид пишувањето на некои западни медиумски воени профитери и на нордистанските медиумски прекупци што велат дека Кина ѝ заби нож на Русија, па нема веќе да испорачува чипови за неа, по што руската армија ќе снема ракети, тогаш јасно е дека ЕУ е новиот спонзор на Владимир Путин. Патем, руската рубља од ден на ден зајакнува. Што е нормално, кога моќниот Запад инвестира во твојата економија, ама како непријател плаќа во рубли и злато, а не во долари.
Сето ова може да го збуни и вознемири просечниот, прогресивен хистеричен западоид. Затоа мора да се направи баланс. Западот ќе продолжи да купува руски енергенти плаќајќи со рубли и злато, со што ќе ја засилува руската економија, ама затоа ќе ги забрани руската култура и уметност, со што ќе ги смири истенчените нерви на прогресивниот хистеричен глобалист.
А како да не му бидат истенчени нервите на тој обичен кутар либерален припадник на граѓанството луѓенца од океанот убавина?
Оваа нова војна сосема му ги измеша лончињата. Ем Путин е фашист, а секој прогресивен глобалист го мрази тоа, ем треба да аплаудира на полскиот министер, кој вели дека руската култура и уметност мора да се збришат од Европа. Ем треба да го брани западниот наратив дека Путинова Русија се однесува сталинистички ем треба да го пријави во централата на НКВД при МВР, секој што не се држи до линијата на западното политбиро, па пријавениот да си добие „архипелаг Гулаг“.
Русјаков, ти си фашист, ми вреска совеста со хистерично беснило на прогресивната гримаса, облечена во маичка со знакот на баталјонот Азов, инаку стилизиран СС-симбол.

Секако дека сум фашист, драг мој нацисту, зарем не гледаш дека сме побратими?
Пробувам да го опуштам. Се сеќаваш ли, му велам, како грчките војници пееја дека ќе прават чизми од кожата на Македонци и на Албанци? Ме гледа ококорено како да шмркал крек со Хантер. Не, Хантер Томсон, туку Хантер Бајден. Едноставно е, продолжувам, грчката војска предводена од Златна зора ќе мора да замаршира со бандерашите против руската окупација, а во Украина знае да студи и среде лето, па нив стварно ќе им требаат квалитетни обувки, е затоа Македонците и Албанците треба да ја дадат својата кожа како знак на НАТО-солидарност. Мојот обид да го смирам, за жал, постигна контраефект. Сега ќе мора да оди дома и да го гледа обраќањето на Зеленски и оној генерал од баталјонот Азов сосе наци-поздравот за да се убеди колку е тоа прогресивно и слободоумно. Јас му предложив и мотивациски говор за 500.000 ирачки деца убиени заради демократија и слобода, но прогресивецот ме мрази и мисли дека сакам да го извозам на мојот цинизам.