Справување со проблемите предизвикани од прераниот пубертет кај децата

Современиот пристап кон прераниот пубертет вклучува тимско работење помеѓу родителите, децата и здравствените професионалци. Преку образование, поддршка и рано вовлекување на компетентните стручњаци, можеме да креираме систем за поддршка на децата што се соочуваат со оваа предизвикувачка фаза во својот развој

Прераниот пубертет е појава кога физичкиот и сексуалниот развој на детето почнува порано отколку што се очекувало. Најновите истражувања наведуваат дека во текот на пандемијата на ковид-19 се забележува зголемена појава на преран пубертет кај децата. Важен аспект во врска со оваа состојба е едуцирање на јавноста, особено на родителите, за природата на прераниот пубертет, бидејќи оваа појава може да предизвика сериозни предизвици врз физичкото и психосоцијалното здравје на нашите деца.
Знаењето ги овластува родителите да донесуваат информирани одлуки, ефективно да комуницираат со здравствените работници и да обезбедат најдобра можна грижа за своето дете. Разбирањето и успешното управување со одредена медицинска состојба кај децата може да обезбедат најдобар можен квалитет на неговиот живот. Исто така, едукативните активности треба да се во правец и на едукација на самите деца, за подобро да ги разберат своите телесни промени и успешно да се справат со нив.
Пубертетот претставува специфичен период во развојот на детето што се карактеризира со постепено созревање на секундарните полови карактеристики, забрзан раст и емотивна нестабилност. Пубертетот е кога телото на детето почнува да се развива и да се менува како што станува возрасен.
Според Националниот институт за здравство, прераниот пубертет се дефинира со појaва на кои било секундарни полови карактеристики на сексуална зрелост пред возраст од осум години кај девојчињата и девет години кај момчињата. Прераниот пубертет најчесто се манифестира со развивање на секундарните полови карактеристики и појава на менструално крвавење кај девојчињата и со зголемување на тестисите и/или пенисот и нагол раст на висината кај момчињата. Според одредени студии, во таков случај, за родителот е најважно веднаш да контактира со медицинските лица, за да се направи разлика, дали станува збор за лажен (идиопатски) или вистински преран пубертет поради разликата во третманот на тие деца.
Децата погодени од преран пубертет може да доживеат одредени психолошки и социјални проблеми, како анксиозност, вознемиреност и депресивност поради тоа што се „различни“ од своите врсници.

Соодносот помеѓу девојчињата и момчињата со преран пубертет е приближно 10:1. Генерално, момчињата се соочуваат со помалку проблеми од прераниот пубертет отколку девојчињата, но овој процес не секогаш е позитивен за нив. Раното сексуално созревање кај момчињата може да биде придружено со зголемена агресивност поради напливот на пубертетските хормони. Причините за појава на прераниот пубертет може да бидат од различна природа. Некои од причините вклучуваат промени на централниот нервен систем, автоимуни болести или нарушување на одредени органи. Исто така, една од причините за прераниот пубертет може да биде и несоодветниот начин на исхрана.
При лажен преран пубертет, прераното созревање не е резултат на прерано активирање на оската хипоталамус-хипофиза-јајници. Кај овие девојчиња јајниците мируваат и имаат изглед и градба како кај оние во раното детство. Од досега необјаснети причини, девојчињата со ваков вид пубертет се поразвиени и потешки од своите врснички и со прерано развиена влакнавост, полови карактеристики и полови органи. Ова е од суштинско значење бидејќи кај лажен преран пубертет не е потребно да се дава никаква хормонална терапија, туку само треба да се следи психичкиот и ментален развој на девојчињата. Овие девојчиња имаат соодветен менструален циклус, овулација и можност за забременување. На родителите треба да им се објасни дека овие деца немаат потреба од никаква терапија, но треба да се обрне големо внимание на воспитувањето на девојчињата. Овие девојчиња треба да се заштитат од можните негативни влијанија во средината во која растат, со оглед на тоа дека нивниот физички изглед е со понапредни секундарни полови карактеристики и полови органи во однос на нивните врснички. Емоционалните проблеми најмногу загрижуваат бидејќи многу млади девојчиња страдаат од притисокот на средината, стануваат изолирани и срамежливи. Интелектуалниот и психолошкиот развој на овие деца е сосема еднаков на нивните врсници.
Туморите на јајниците може да предизвикаат преран пубертет. Кај овој тип на преран пубертет може да се јави крвавење како резултат на тумор на јајниците, кој продуцира хормон естроген. Крвавењето кај нив е неправилно и е резултат на продолжено дејство на естрогените. Понекогаш туморот на јајникот е многу мал, не достигнува големина што може да се открие со преглед, па затоа е неопходно лабораториско квантитативно одредување на естрогените, за да се исклучи постоење на хормонски активен тумор.

Вистинскиот или т.н. хипоталамички преран пубертет е поврзан со предвремено зреење на оската хипоталамус-хипофиза-јајници, што резултира со нормален менструален циклус, овулација и можност за бременост. Кај овој тип преран пубертет е неопходно лекување, кое зависи од причините што го предизвикал, и е најчесто последица на органски нарушувања во пределот на хипоталамусот и хипофиза, а лекувањето зависи од утврдените промени и можноста за нивно отстранување.
Намалената функција на тироидната жлезда предизвикува енормно зголемување на еден од тироидните хормони, што е поврзано со преран пубертет во кој настанува забавување на коскениот раст. Овој синдром е најчест кај девојчиња на возраст од шест до осум години. Затоа, за дијагноза на овој тип на преран пубертет секогаш инсистираме на следење на брзината на растот на девојчето, што е еден од најраните клинички знаци за овој синдром. На секои шест месеци е потребно следење на развојот на скелетот, најчесто следење на зрелоста на скелетот на дланките, на нивото на естрогените и другите хормони, како и процедури за откривање на оштетувања на централниот нервен систем.
Најчеста дијагностичка грешка е ако секое крвавење од половите органи кај детето се прогласи за пубертет, а истовремено детето нема никакви телесни знаци од дејство на естрогените, како појава на дојки, влакнавост под пазувите или на половите органи. Кога постои комплетна полова незрелост, а девојчето има менструација, причина за таквото крвавење е најчесто воспаление на надворешните делови на половите органи, туѓо тело во вагината, а ретко и тумори во вагината и матката.
Третманот на прераниот пубертет зависи од причината и стадиумот на развивањето на симптомите, како и од тоа дали причината може оперативно да се отстрани. Но, бидејќи во повеќето случаи е вклучено активирањето на оската хипоталамус-хипофиза-јајници без постоење на никаква лезија, третманот се фокусира на тимски медицински третман на овие девојчиња.

Родителите и децата што се соочуваат со преран пубертет можат да најдат утеха и поддршка во едукацијата и разбирањето на оваа комплексна појава. Разговорите помеѓу родителите и децата треба да бидат отворени, овозможувајќи им на децата да ги разберат и прифатат своите физички и емоционални промени. Родителите треба да бидат информирани и подготвени да им помогнат на своите деца да ги надминат предизвиците што може да ги донесе прераниот пубертет. Една од најважните пораки е дека различното темпо на физичкиот развој не ја дефинира вредноста на детето. Родителите треба да ги поддржуваат децата во изградбата на позитивно самопочитување и самоприфаќање. Заедно со тоа, важно е родителите да бидат внимателни кон емоционалните потреби на своите деца и да ги поддржуваат во создавањето здрави социјални врски.
И навремената консултација со специјалист педијатар во соодветна здравствена установа е важен чекор во разбирањето и управувањето со прераниот пубертет. Педијатрите можат да обезбедат информации, да извршат неопходни тестови и да препорачаат соодветни постапки за да се обезбедат најдобро здравствено внимание и успешно справување со состојбата. Современиот пристап кон прераниот пубертет вклучува тимско работење помеѓу родителите, децата и здравствените професионалци. Преку образование, поддршка и рано вовлекување на компетентните стручњаци, можеме да креираме позитивна и обемна поддршка за децата што се соочуваат со оваа предизвикувачка фаза во својот развој.

Д-р Рушка Серафимова

(республика.еду.мк)