Фото: Фејсбук профил Мишо Ковач

Во 85. година од животот почина легендарниот хрватски пејач Мате Мишо Ковач. Според информациите што ги објавија хрватските медиуми, тој починал денеска, 31 октомври, во Сплит. Веста за неговата смрт ја објавија повеќе хрватски медиуми, повикувајќи се на информации од извори блиски до пејачот.

Мишо Ковач беше еден од најпознатите и најпопуларните хрватски пејачи на забавна музика, со кариера што одбележа неколку генерации. Неговите песни станаа дел од хрватското музичко и културно наследство, а во текот на долгата кариера продаде повеќе од 20 милиони плочи и други музички носачи.

Роден е на 16 јули 1941 година во Шибеник, каде што го поминал детството. Со пеење започнал да се занимава на 16-годишна возраст, откако го слушнал настапот на својот сограѓанин, пејачот Љубе Лучев.

Завршил средно индустриско училиште за тапетар, а во 1961 година го поделил првото место со Мирко Вуксиќ на натпреварот „Прв глас на Шибеник“. Како награда избрал сингл-плоча од Елвис Присли, пејач кој имал големо влијание врз неговата кариера.

По отслужувањето на воениот рок во Белград, се преселил во Загреб. На натпревар во Карловац ја испеал „I Can’t Stop Loving You“ од Реј Чарлс, со што го привлекол вниманието на музичките продуценти. Првиот неофицијален настап го имал во есента 1964 година во загрепската Градска кафеана, а истата година потпишал договор со дискографската куќа „Југотон“. Неговата прва плоча била препев на песната на Реј Чарлс.

Во 1965 година настапил на фестивалот „Мелодии на Јадранот“, а поширока популарност стекнал со песната „Више се нечеш вратити“ од 1969 година, дело на тогаш младиот композитор Ѓорѓе Новковиќ. Синглот бил продаден во речиси 190.000 примероци и бил меѓу најпродаваните плочи таа година. Соработката со Новковиќ продолжила до смртта на композиторот во 2007 година.

Со победата на Сплитскиот фестивал во 1971 година, со песната „Проплакат че зора“, Ковач го зацврстил статусот на еден од најпопуларните пејачи во тогашна Југославија. Истата година преживеал тешка сообраќајна несреќа во близина на Задар. Мустаќите, кои подоцна станале негов заштитен знак, ги пуштил за да ја прикрие лузната над горната усна.

Во следните години нанижал бројни хитови, меѓу кои „Други јој распличе косу, а ја је волим“, „Остала си увијек иста“, „Ако ме оставиш“, „Сутра ми суде“, „Одавно више не плачем због тебе“ и „Ти си пјесма моје душе“. Пет пати бил прогласуван за пејач на годината, а во 1989 година бил избран и за личност на годината во Југославија. Во 1972 година се појавил и во филмот „Послијеподне једног фазана“, во кој глумел заедно со Раде Шербеџија.

Деведесеттите години биле особено тешки за пејачот. Во 1992 година, неговиот 16-годишен син Еди трагично го загубил животот во Загреб, под околности што останале неразјаснети.

По смртта на синот, Ковач одржал голем концерт на сплитскиот стадион „Пољуд“, насловен „Ноќ на свеќите“, пред околу 50.000 луѓе. По настапот најавил дека повеќе нема да пее, но подоцна се вратил на сцената.

Во истиот период ги загубил и мајка си и помладиот брат. По долгогодишна борба со депресијата, во 1999 година во Загреб се застрелал во градите, но преживеал.

Подоцна повторно се вратил на музиката со концерт во Домот на спортовите, снимил нови албуми и дуети со ќерката Ивана, а повторно победил и на Сплитскиот фестивал. Од тој период особено се издвојува песната „Далматино“.

Во 2012 година ја добил наградата „Порин“ за животно дело, како признание за неговиот придонес во музиката.