Шефовите на дипломатиите на земјите членки на Г20 денеска ќе го завршат дводневниот состанок без заеднички договор за неколку клучни прашања поврзани со глобалната безбедност. Длабоките поделби меѓу учесниците, особено околу војната во Украина, го засенија почетокот на разговорите, пренесе „УС њуз“.
Наместо заедничка декларација, ќе биде објавена изјава на претседателот на состанокот, во која ќе бидат сумирани дискусиите. Документот на крајот од состанокот ќе го објави американскиот државен секретар Марко Рубио, соопштија присутни дипломати.
Рубио, кој на почетокот повика на единство, вчера ја откажа традиционалната групна фотографија на министрите за надворешни работи. Одлуката следуваше откако европските дипломати се спротивставија на присуството на рускиот министер Сергеј Лавров и се заканија дека ќе ја бојкотираат фотографијата или ќе ја напуштат сесијата.
Полскиот министер за надворешни работи Радослав Шикорски, чија земја за првпат учествува како гостин на состанокот на Г20, изјави дека не е изненаден од неможноста да се постигне консензус.
– Имаме актуелни војни и учесниците во тие војни се на маса, па затоа е многу тешко да се договориме за заедничка позиција – рече Шикорски.
Дипломати кои побарале да останат анонимни изјавиле дека учесниците сепак се согласиле да се обидат да ги надминат разликите и да придонесат за успешен самит на лидерите на Г20, чиј домаќин ќе биде американскиот претседател Доналд Трамп во Флорида следниот месец.
Според нив, изјавата на претседателот наместо заедничка декларација била очекувана поради несогласувањата околу војната меѓу Русија и Украина, конфликтот меѓу САД и Иран, американските царини и активностите на Кина во Јужното Кинеско Море. Овие прашања придонесуваат и за растот на глобалните цени на нафтата и неизвесноста во меѓународната трговија.
Учесниците ја опишале воведната сесија како пријателска, но оцениле дека позицијата на Русија во однос на Украина останува бескомпромисна. Москва, според нив, се спротивставила и на членството на Полска во Г20.
Несогласувања имало и околу одлуката на администрацијата на Трамп да не ја покани Јужна Африка, која е членка на Г20, на состанокот, и покрај противењето на други земји.
Дополнителни тензии предизвикаа и американските потези кон Русија и Украина. Некои членки на Г20 претходно изразија загриженост поради пристапот на Вашингтон кон Москва во услови на засилени руски напади врз Украина, особено по укинувањето на санкциите кон Русија и привременото ограничување на логистичката и разузнавачката помош за Киев.
Сепак, американскиот Стејт департмент вчера соопшти дека одобрил продажба на пресретнувачки ракети „Патриот“ за Украина во вредност од 2,1 милијарди долари.
Лавров изјави дека Москва нема да дозволи Украина да претставува „воена закана за легитимните безбедносни интереси на Руската Федерација“.
Рускиот министер ретко посетува земји членки на НАТО откако Русија ја започна инвазијата врз Украина во февруари 2022 година и беа воведени санкциите против Москва. Засега не е познато дали рускиот претседател Владимир Путин ќе ја прифати поканата на Трамп да присуствува на самитот на Г20, планиран за декември во голф-клубот на американскиот претседател во Мајами.
Вашингтон соопшти дека еден од главните приоритети на состанокот е надминување на разликите околу слободата на пловидба, особено во Ормуската Теснина, Црвеното и Црното Море, како и Јужното Кинеско Море. Овие прашања се поврзани со разговорите за Иран, војната во Украина и односите на Кина со нејзините помали соседи.
Состанокот се одржува во услови на зголемени тензии поради можноста за нова американска воена интервенција во Иран, што предизвикува загриженост во регионот, вклучително и во Саудиска Арабија.
На маргините на состанокот, Рубио се сретна со саудискиот министер за надворешни работи, принцот Фајсал бин Фархан, како и со шефот на турската дипломатија Хакан Фидан, чија земја има важна посредничка улога.
Американските медиуми претходно објавија дека американски претставници предупредиле неколку земји од Блискиот Исток и регионални сојузници да бидат подготвени за можни обновени воени напади врз Иран по среднорочните избори за Конгресот на САД во вторник, како и за можноста Техеран да возврати врз нив.
































