Фото: Министерство за Правда

Унапредување на законската регулатива во областа на нотаријатот, усогласување со современите стандарди и дигитализација на постапките и услугите најави министерот за правда Јетон Шасивари на отворањето на манифестацијата „Нотарски денови 2026“, организирана од Нотарската комора.

Говорејќи на тема „Расправање оставина: помеѓу законската рамка и нотарската практика“, Шасивари истакна дека дигитализацијата треба да овозможи побрзи постапки, помалку административни пречки, пониски трошоци, поголема транспарентност и полесен пристап на граѓаните до правните услуги.

Тој го нагласи значењето на нотаријатот како еден од столбовите на правниот систем и гарант на правната сигурност, посочувајќи дека работата на нотарите директно влијае врз заштитата на сопственичките права, семејните односи и сигурноста на правните трансакции.

Според министерот, довербата на граѓаните е најголемиот капитал на институциите, а нотарската професија, покрај стручноста, бара интегритет, независност, професионална етика и високо ниво на одговорност.

Шасивари најави дека Министерството за правда, во рамки на претстојните реформи и процесот на европска интеграција, ќе посвети особено внимание на унапредувањето на законската регулатива во оваа област.

Тој истакна дека Нотарската комора ќе биде важен и рамноправен партнер во реформскиот процес, нагласувајќи дека одржливите промени бараат не само законски измени, туку и тесна соработка со професионалците кои секојдневно ги применуваат законите.

Шасивари изрази надеж дека „Нотарски денови 2026“ ќе овозможат суштински дискусии, размена на искуства и конкретни предлози за понатамошен развој и унапредување на нотаријатот во земјата.

– Правната сигурност ја гради довербата, професионалноста ја штити, а одговорноста ја прави правдата опиплива за секој граѓанин – истакна министерот.