Фото: Министерство за здравство

Министерот за здравство Сашо Клековски и неговиот турски колега, проф. д-р Кемал Мемишоглу, потпишаа меморандум за разбирање и соработка во областа на здравството. Документот беше потпишан на билатерална средба што се одржа на маргините на 12. Турски медицински светски конгрес во Истанбул.

Како што информираат од Министерството за здравство, на средбата биле разгледани билатералните односи и било нагласено пријателството меѓу двете држави.

Меморандумот претставува основа за конкретни заеднички активности меѓу двете министерства и нивните здравствени институции. Во спроведувањето на соработката ќе се вклучи и турската државна агенција за меѓународни здравствени услуги USHAŞ.

Како приоритетни области за соработка, министерот Клековски ги посочи дигиталното здравство, стручната размена и едукацијата на специјалисти, како и соработката во областа на лековите и вакцините.

– Турција е искрен пријател на Македонија и тоа го покажа и во најтешките моменти по трагедијата во Кочани. Меморандумот ни дава рамка добрите односи да ги претвориме во конкретни проекти – од дигитално здравство, преку едукација на специјалисти, до лекови и вакцини – изјави Клековски.

Министерот упати благодарност до Република Турција за укажаната помош и солидарност по трагедијата во Кочани.