- Многу е посебно. Да се има чувство дека сте на врвот на светот е неверојатно, рече Зверев, пренесе АТП
Александар Зверев ќе стане 30-от играч што ќе стигне до број 1 на ранг-листата на Асоцијацијата на тениските професионалци (АТП), од задутре, објави АТП. Германецот го обезбеди тоа со пласманот во четврт-финалето на АТП-турнирот од серијата 500, што се игра во Виена (Австрија).
– Многу е посебно. Да се има чувство дека сте на врвот на светот е неверојатно. Различно е од освојување турнир или титула, но е толку посебно чувство да се знае дека број 1 ќе биде до твоето име кога ќе излезе новото рангирање – рече Зверев, пренесе АТП.
Зверев ќе стане вториот највозрасен играч што првпат стигнал до местото број 1 во светот. Со 29 години и шест месеци, тој ќе заостанува само зад Џон Њукомб, кој имал 30 години кога се искачил на врвот во 1974 година, една година по создавањето на ранг-листата, пишува Асоцијацијата на тениските професионалци.
Зверев освоил многу од најголемите титули во спортот, вклучувајќи две круни на АТП-финалињата, две гранслем-титули, златен олимписки медал и седум трофеи на АТП-турнирите од серијата 1.000.
Сега, повеќе од четири години откако првпат стигна до број 2 во светот, тој може да го додаде во својата биографија тоа што станал 30. член на клубот број 1 на АТП.
Наскоро идниот број 1 ќе го помине Јаник Синер, кој во текот на неговиот сегашен мандат е на врвот од 13 април. Зверев е, исто така, загарантиран број 1 на крајот од годината, пишува АТП.
Зверев се искачи на врвот во голема мера благодарение на неговиот успех на гранслем-турнирите годинава. Тој ги освои првите две големи круни во својата кариера на Ролан Гарос и на САД опен, а стигна и до финалето на Вимблдон и до полуфиналето на Австралија опен. Зверев ќе биде само вториот Германец што ќе стане број 1 во светот, приклучувајќи му се на Борис Бекер, кој го достигна врвот на 28 јануари 1991 година, пишува АТП.
Претходно на врвот на АТП-листата беа Новак Ѓоковиќ, Роже Федерер, Пит Сампрас, Иван Лендл, Џими Конорс, Рафаел Надал, Џон Мекенро, Бјорн Борг, Андре Агаси, Јаник Синер, Лејтон Хјуит, Стефан Едберг, Карлос Алкараз, Џим Куриер, Густаво Куертен, Енди Мареј, Илие Настасе, Матс Виландер, Даниил Медведев, Енди Родик, Борис Бекер, Марат Сафин, Хуан Карлос Фереро, Џон Њукомб, Евгениј Кафелников, Томас Мустер, Марсело Риос, Карлос Моја и Патрик Рафтер, според податоците на Асоцијацијата на тениските професионалци.
Сега ќе има пет активни играчи во клубот број 1, и тоа Зверев, Синер, Алкараз, Медведев и Ѓоковиќ. Н.М.
































