Разговор со м-р Никола Ристевски по повод претстојниот мултимедијален настан „Мистична Македонија: музеј под отворено небо“ во Свети Николе
- По 15 години истражувања, теренски проучувања и меѓународни презентации, проектот „Мистична Македонија – музеј под отворено
небо“ премиерно ќе биде претставен пред домашната публика на јавно предавање во Свети Николе на 6 ноември. За древното наследство како жив идентитетски код, мистериите што ги кријат македонските локалитети и за можностите за развој на автентичен културен
туризам разговараме со авторот на проектот, м-р Никола Ристевски - М-р Никола Ристевски е редовен колумнист во „Нова Македонија“ од јуни минатата година. Неговите текстови можете да ги читате
секои понеделник, среда и петок во печатеното издание, а целата архива со написи е достапна на веб-страницата на „Нова Македонија“
На 6 ноември во Свети Николе ќе го одржите јавното предавање „Мистична Македонија – музеј под отворено небо“. Што беше главниот поттик ова истражување токму сега премиерно да биде претставено пред домашната јавност во овој формат?
– По деценија и пол работа, истражувања, теренски проучувања, посети на библиотеки, пишување, снимање документарни записи, работа со туристи и анализи, сфатив дека нашето општество има огромна потреба од директен, жив дијалог за нашето древно наследство и потенцијалот со кој располагаме. По предавањата и гостувањата во странство, природно беше целиот тој акумулиран материјал да го синтетизирам и премиерно да го изнесам пред домашната публика. Мојот роден град Свети Николе, во срцето на Овчеполието – регион богат со исклучителни феномени – претставува идеална сцена за почеток на оваа серија мултимедијални предавања.
Концептот го дефинирате како спој меѓу наука, митологија и мултидисциплинарно истражување. Како изгледа Македонија кога ќе се погледне низ таа призма – како вистински „музеј под отворено небо“?
Ако ги напуштите вообичаените институционални рамки и зачекорите на терен, брзо сфаќате дека на секој чекор има цивилизациски слој: од праисториски опсерватории и мегалити, преку антички светилишта, па сè до средновековни духовни центри. Кога на тоа ќе додадеме интердисциплинарен пристап, користење модерни технологии, архиви, топонимија, етнологија итн., митовите престануваат да бидат само бајки и стануваат кодирани сеќавања на нашите предци. Во нашата Македонија буквално секој рид, карпа и долина крие автентична приказна. Ова предавање е природно продолжување на истоимените книга, документарна серија, туристички маршрути и фељтонот што се објавува на овие страници веќе подолго од една година.
Оваа презентација претходно имаше успешни претставувања во регионот, особено пред публиката во Хрватска. Тоа се покажа и преку вашите гостувања на поткасти и на Хрватската радио-телевизија (ХРТ). Каков беше интересот на тамошната јавност за нашите цивилизациски слоеви и што е она што најмногу ги изненадува странските истражувачи и публика?
– Интересот во Хрватска беше и е извонреден, пред сè поради фактот што публиката и стручните соговорници таму отворено бараат нови, продлабочени перспективи за Балканот како колепка на европската цивилизација. Она што најмногу ги фасцинира странските истражувачи е неверојатната густина на локалитети на толку релативно мал простор, како и фактот што многу од тие локалитети сè уште не се доволно истражени или комерцијализирани. За нив, Македонија претставува неоткриена ризница и последната вистинска тајна на европскиот континент. По предавањата што ги одржав минатата година во Сплит и Пула и предавањето од оваа година во Плоче, веќе имам покани за учество на конференции и настани во Хрватска и во текот на следната година. По успешните гостувања во поткастите „Атма“ и „Мистериум/Инкубатор“, како и во четирите емисии на „На работ на науката“, сите заинтересирани можат да го проследат и новото гостување на ХРТ, чија премиера е овој викенд.
Покрај историската и археолошката димензија, во најавата ставате акцент и на економскиот и туристичкиот потенцијал. Колку ние како општество сме свесни за ресурсите што ги имаме и дали мистичното културно наследство може да биде мотор за автентичен културен туризам?
– За жал, сè уште сме на почетокот во препознавањето на сопствениот потенцијал. Современиот светски патник повеќе не бара класичен пасивен одмор; тој бара доживување, автентичност, приказна и мистерија. Културното и мистичното наследство не се само гордост од минатото туку директен економски ресурс за иднината. Со паметна промоција, дигитализација и развивање тематски туристички маршрути, регионите во Македонија можат да генерираат одржлив локален економски развој, привлекувајќи профилирани гости, експерти и вљубеници во алтернативниот туризам од целиот свет. Повеќе за ова заинтересираните можат да дознаат од минатогодишниот фељтон „Туристичкиот потенцијал на Македонија“ и од последните продолженија од фељтонот „Мистична Македонија“.
Настанот предвидува и 30 минути директна дебата и прашања од публиката. Кои се прашањата што најчесто ги поставуваат луѓето кога станува збор за македонските мистерии, древното минато и за потенцијалот за во иднина?
– Луѓето интуитивно чувствуваат дека конвенционалните наративи често изоставаат клучни делови од сложувалката. Најчесто прашуваат за потеклото на камените структури, за закопаните тајни на античките владетели, за врската помеѓу народните преданија и реалните археолошки локации, но и за тоа зошто државата и институциите не прават повеќе за нивна заштита. Многу чести се и прашањата со кои сакаат да научат како да развијат туризам во средините каде што живеат. Затоа тие 30 минути дискусија ги сметам за еднакво важни како самото предавање.
Кому му е наменето ова предавање и која е клучната порака со која сакате секој посетител да ја напушти салата на 6 ноември?
– Предавањето е наменето за секој што размислува со отворен ум: од академски граѓани, студенти, историчари и туристички работници до сите оние што чувствуваат љубов и почит кон Македонија и Македонците. Клучната порака е едноставна: минатото е жив идентитетски код. Сакам секој посетител да излезе од салата со зголемена почит кон Македонија и да го предизвикам да размислува како и многумина пред нас – дека живееме во епицентарот на исклучителна цивилизациска приказна, која допрва треба целосно да ја прочитаме и на соодветен начин да ја зачуваме за помладите генерации и да ја претставиме пред светот.
Како заинтересираните можат да обезбедат присуство и дали ова предавање ќе го одржите и во други градови во Македонија?
– Билетите се веќе пуштени во продажба исклучиво преку платформата Tix.mk, а бидејќи капацитетот на салата е ограничен, препорачувам сите заинтересирани навремено да ги обезбедат своите места. Се надевам дека наскоро ќе одржам предавање и во Скопје, кое би било втор дел од предавањето што го подготвувам за во Свети Николе. Затоа сите заинтересирани за мојата работа можат да очекуваат серија настани, од кои секој нареден би бил продолжение на претходниот.
Што би им порачале на читателите на „Нова Македонија“?
– Ја користам оваа пригода за да му го честитам 82-от роденден на првиот дневен весник во државата и да им порачам на читателите да ја почитуваат Македонија, да си го ценат сопственото минато и со чиста мисла да расудуваат за постапките во сегашноста, со цел сите заедно да создадеме подобра иднина за Македонија и Македонците. Н.М.
Претставување на Македонија низ призмата на науката, митовите и историјата
На 6 ноември 2026 година, во големата сала на „Киноверзум“ и Меѓународниот славјански универзитет „Свети Никола“ во Свети Николе, со почеток од 20 часот ќе се одржи првото јавно предавање на м-р Никола Ристевски на темата „Мистична Македонија – музеј под отворено небо“. Презентацијата на природните ресурси, културното наследство и економскиот потенцијал на Република Македонија, по успешните претставувања во Хрватска, за првпат се прикажува пред пошироката јавност во Република Македонија.
Ова мултидисциплинарно предавање ги води присутните во длабоко патување низ времето и просторот, откривајќи ја Македонија како музеј под отворено небо во кој митовите и науката се испреплетуваат. Предавањето е наменето за истражувачи, студенти, културни и за туристички работници, како и за сите љубители на историјата и мистериите што сакаат да ја согледаат Македонија низ една сосема нова, длабока и инспиративна перспектива. Н.М.

































