Скапата цена на меѓуетничкиот соживот (Или кога Албанците ќе им се извинат на Македонците)

Записи во несоница

Насловот на нашата денешна колумна, драг читателу, е тезисен и ќе се обидеме да разјасниме. Впрочем тоа е и табу-тема што се држи кај нас под тепих. А што се однесува, пак, до императивот на поднасловот, тој ѝ е наменет на албанската политичка и интелектуална елита, а не на обичниот и простодушен албански народ, тој што плаќа струја и не се занимава со проектот Илирида.
In medias res, доволно за вовед во темата. А нејзиниот почеток, како што е поставена, почнува од 1999 г. и бомбардирањето на НАТО на Србија за спас на Албанците на Косово. А всушност зад тој „хуманизам“ како маска имаше и геостратегиска цел, создавање нова држава на Балканот за потребите на Империјата. Тоа и се случи. Но она што го имаме предвид ние, тоа е трагедијата на луѓето од Косово, кои во паника како тесто од плот и страдање се слеваа под стреа кон Македонија. Околу 400.000, жива рана. И Македонците без никаков ропот, научени на слични страданија, го отворија срцето за нив. Нивните „спасители“, пак, ни еден од нив не зедоа кај себе. Дојдоа многумина од светот на самото место да ја видат таа трагедија. Меѓу нив беше и холивудскиот глумец Ричард (не нашиот европски Дејвид) Гир. Тој виде и им рече на Албанците дека засекогаш за укажаното гостопримство треба да им бидат благодарни на Македонија и Македонците. Потоа по повод таа несреќа реагираше и водечката американска интелектуалка Сузан Зонтаг со тезата за „радикално зло“ со отворена алузија на Србите. А можеше, ако размислеше подлабоко, таа своја теза да ја илустрира со НАТО, ама пропушти.

Сеедно. До тука добро течат работите. Но што се случи потоа? Нешто шокантно за Македонците, кои очекуваа спонтано благодарност за отвореното срце кон несреќните, а наместо тоа добија терористичка војна од Косово во 2001. Нејзиниот терористички слоган првин беше борба за територии, а потоа откако тој не помина кај западните сојузници метаморфозира во борба за човекови права, клучот за отворање војни на НАТО и Империјата низ светот.
Ете, тоа и таква беше благодарноста на Албанците за пружената рака во 1999 г. Но што се случи потоа, драг читателу? Западните сојузници на Албанците, кои очигледно и ја мотивираа таа терористичка војна, истата таа и ја прекинаа во нивниот стил „пали/гаси“. Се склучи „мир“ со насилно наметнатиот понижувачки и капитулантски за Македонците Охридски рамковен договор. А Македонците веќе беа искачени како Исус на крстот за распетие со европската нацифашистичка Лисабонска декларација (1992 г.), само сега требаше да се продолжи на патот кон Голгота. Охридскиот договор, пак, толку многу им даде perpetuum mobile енергија на македонските Албанци, што ја дотераа работата до апартхејдна ситуација на доминација на малцинството над мнозинството и 10 албански наспроти девет македонски министри во Владата. До таа ситуација, пак, водеше една хронологија на постепен и без пардон притисок на малцинството врз мнозинството, сè испланирано и од западните спонзори на воздигнување на албанскиот и понижување и стигматизација на македонскиот елемент, при што главна улога имаат Американците, кои велиме дека се стратегиски партнер на македонската држава. Да, но како што се покажа, партнери на Албанците во неа, нешто за што даде всушност доказ и Ескобар, првиот американски човек задолжен за западен Балкан, кој без око да му трепне, без доза каков било дипломатски такт, неодамна рече дека во Македонија живеат Албанци и православно население, применувајќи го турскиот милет-систем на поглед на работите. Македонци за него не постојат во Македонија, па ни за целиот колонијалистички Запад и неговите балкански предатори, како што го покажаа тоа и смртоносните договори по македонскиот идентитет на обновениот Трет како Четврт рајх, Лисабонската декларација и Преспанскиот договор.

Да. Но, конечно, како течеше како бистра вода што расте во потоп хронологијата на понижение и стигматизација на Македонците? Тука по Охридскиот рамковен беше вглобувањето на терористите од 2001 г. од „бојното“ поле директно во македонската влада и парламент. Потоа, за година-две, во 2004 г. дојде и потшепнатата од Вашингтон и територијална поделба на создавање доминантни албански енклави цврсто поврзани како идеален проект што ја отвора вратата за федерализација. А тука веќе, пред тоа, беше во сила и мистериозниот закон на мистериозниот Французин Бадинтер, единствен таков во светот, кој отворено исфорсира апартхејдска ситуација за доминација на малцинството над мнозинството. Останува енигмата како францускиот правен експерт не се досетил таков „идеален“ закон да направи во францускиот парламент и за Арапите во Франција. Но, било како било, работите за стигматизација на мнозинскиот елемент во Македонија продолжија. Капак на сè беше Тиранската платформа за двојазичност на целата територија на Македонија изготвена од ЦИА, која пред агресивните албански политичари, интелектуална елита и македонските квислинзи на СДСМ во Владата не успеа да ја оспори и издејствува нејзино укинување на Венецијанската комисија. Со тоа конечно беше не само деградиран туку и де факто урнат суверенитетот на кревката македонска држава и нација. De profundis, nocturno, memento mori. Девастацијата и понижението на Македонците со еден невиден суров сарказам се огледуваше и во апсолутното непризнавање на албанските политичари на суверенитетот на македонската држава во која тие имаа права над сите малцински права каде било во светот, на исток и на запад. Но тие не беа задоволни, тие инсистираа на државотворност и целосно делење на суверенитетот до негово, во еден погоден момент, апсолутно зграпчување со канџите на црниот орел. Така, албанските политичари, некои од нив во името на сите Албанци, ја претставуваа и во Брисел Македонија најдрско на албански јазик, иако посебно за меѓународна употреба е македонскиот. И така работите отидоа до бескрај во политички варваризам. Албанските политичари се однесуваа безмалку империјално како Американци во Македонија, што ќе побараат од Македонците сè им се дава. Дури и едно непотребно, како што се покажа апсурдно и негаторско кон Македонците, Министерство за политички систем во кое, како што видовме и на телевизија, албанските министри повремено, по „напорната“ работа, се рекреираат во версајски пространите простории со кошарка и фудбал. А Македонците гледаат, се крстат православно, како што би рекол Ескобар, и очајнички ја зариваат немоќни главата меѓу колената.

Тоа е фактичката ситуација, драг читателу. А ако бараме врвен сарказам, тоа е секако службувањето на Бујар Османи како македонски министер за надворешни работи, кој ни во еден момент не беше тоа. Според сè што правеше тој министер на Албанија, Косово и Бугарија (почитувач на ликот и делото на Пендиков), но не и на Македонија. И така течат работите во меѓуетничкиот соживот и мир кај нас, драг читателу, а за нив никој одамна отворено не говори. Секоја чест на Ристо Никовски. Тие се табу-тема. Од сето ова Македонците се исплашени, но не дека се плашливи (воопшто не се) туку се вчудовидени од ваквата ситуација во која агресијата прераснува во деструкција.
И што има сега да кажеме тука на цивилизациски план и од цивилизациски аспект, драг читателу? Тоа дека, како што е добро познато, а на политичарите од СДСМ и нивниот албански партнер не им е познато, секоја цивилизација има два комплементарни „геолошки“ пласта: култура и варварство, а народите, особено нивните политички, секако и интелектуални претставници, секогаш стојат пред изборот култура или варварство. И албанските политичари дојдени во Владата директно од „бојното“ поле на терористичката 2001 г., како и албанската интелектуална елита во Македонија беа и сè уште се исправени пред тој клучен цивилизациски избор. А, за волја на вистината, драг читателу, пред тој избор во однос на Македонија и Македонците беше и е и западната евроамериканска цивилизација за која знаеме каков избор направи со нејзината Лисабонска декларација, а потоа и со идентитетското погребение на Македонците во Преспа 2018 г. Да. А каков избор направија албанските политичари во тој контекст, самите нека се изјаснат во името на својата свест, етика и дух. Ние Македонците знаеме. Или тие само се согласија да бидат моќна алатка на прецизно подготвениот план на големите западни сили и нејзините балкански предатори за конечно идентитетско ликвидирање на Македонците од лицето на историската меморија, иако тука направиле сериозен превид. А што се однесува до Македонците, драг читателу, тие се веќе толку многу столчени и смалени што нема апсолутно да им биде проблем да поминат низ иглените уши на божјата Правда и Вистина. Туку, при крај сме, да не претераме, драг читателу. Доволно е тоа што го кажавме на нашата денешна тема. А, ти нестрплив, и правилно, ме прашуваш што стана со албанската политичка (па и интелектуална) елита кај нас. Ќе им се извинат ли на Македонците за сè што направија за да ги понижат нив, заборавајќи ја нивната пријателска рака во 1999 г.? Да. Оти извинувањето по агресијата врз некој што ти го отворил срцето, а потоа истата таа си ја донаградил и со деструкција, е чин на култура и сублимација, како што би рекол Фројд, на темното во нас во светлина. Албанската политичка елита им должи извинување на Македонците не само заради нив, туку и заради себе, и заради еден поквалитетен меѓуетнички соживот во кој товарот за него не треба да биде само врз грбот на Македонците.