Шарени вистини и лаги

Леснотијата со која одредени мислења се пласираат на социјалните мрежи и порталите и на јавноста ѝ се нудат како експертски ставови и заклучоци добива загрижувачки димензии. Препокривањето на тезите со плаштот на произволни теоретски бравури со политичкиот дискурс е уште една во серијата егзибиции и небулози што катадневно се поттураат и сакаат да се прикажат и како релевантни мислења и толкувања за дневнополитички цели.
Интернет-порталите се дел од дигиталниот свет во кој секоја содржина е мерлива на дневна основа. Стручните агенции детално и лесно имаат увид во посетеноста, читаноста, како по обем така и според сите детали од каде се читателите, што прочитале, колку се задржале читајќи на порталот… Врв на конечен ефект, краен резултат, е читателот да биде задржан на порталот колку што е можно подолго и да прочита повеќе текстови, што е доказ дека порталот има професионална и разновидна понуда и поголема доверба во јавноста.
Во сиот овој транзициски медиумски галиматијас во нашиот сокак гледаме катадневно едни исти лица што веруваат и замислуваат дека смислата сѐ уште се врти околу нив
Во светот на информациите и маркетингот за најдобар извор, евалуација и индекс за тоа се смета професионалната, референтна израелско-американска агенција за детално следење на сајтовите Similarweb.com, која во соработка со Гугл користи база на престижниот сервис Гугл аналитикс за секој сајт и од каде што се користени јавно достапни информации за десктоп-читаност и на информативните портали во Македонија.
За најдобри се сметаат порталите што имаат најголем број прочитани вести, односно прочитани страници на порталот. Една од клучните промени во новата информациска доба е изменетиот начин на кој бараме, примаме и ги користиме информациите. Информациите сфатени како јавно и општо добро што се дифузира во комуникациската заедница заради јавно информирање и едукација, како и овозможување на демократскиот процес (јавна дебата и избори), сега имаат поинаква функција. Достапните информации не поттикнуваат рационална јавна дебата за клучните прашања и не ги прават нужно граѓаните политички посвесни, ниту пообразовани. Информирањето се реализира како интерактивна игра во која забавата има многу важна улога. На пример, политичкиот натпревар што се одвива во медиумската арена е следен од публика чие однесување повеќе личи на спортски фанови, отколку на рационална јавност што непристрасно и со студени глави ги одмерува аргументите на противниците.

Како да ги третираме, препознаеме, разликуваме световите и вистината од мноштвото информации што секојдневно ни се нудат по медиумите, социјалните мрежи и платформи. Границата меѓу жанровите и животот станува порозна и со текот на времето исчезнува, при што сите заедно сме претворени во посебност, битија заточени во хибридот на стварноста и медиумската презентација.
Во печатот, електронските медиуми, социјалните мрежи и платформи се презентираат готови мислења, популарната култура нуди веќе подготвени вредности, а филозофските школи сопствените тези како неприкосновени вистини. Пронаоѓањето на смислата на човечката егзистенција е силно закомплицирано и тешко може да се дојде до адекватен одговор и логичен заклучок.
Заклучокот што се наметнува и сме принудени да го донесеме останува трагичен, како и патот по кој сме дошле до него. Човекот останува осамен и единствено свесен за сопствената бесмисла, продолжувајќи да го проживува апсурдот на сопствената егзистенција. Звучи познато, нели? Горните редови како аспект внатре во метафизиката на егзистенцијализмот се нотирани како категорична формулација, песимистичко доживување на човечката егзистенција и станува јасно за кои филозофски доктрини станува збор.
Во сиот овој транзициски медиумски галиматијас гледаме катадневно едни исти лица што замислуваат дека смислата сѐ уште се врти околу нив, кои се втурнати како во циркуски кафез, арена, каде што преовладуваат металогички (смешни) критериуми, во своевиден хаотичен грч. Во состојба на шок, затворени во магичниот круг на некритичка исклучивост, негирање и себесожалување, никако да ја согледаат суровата и динамична димензија на општествено-политичката метаморфоза.
Засолнети во дузина НВО-рафтови и братства, многу од протагонистите во македонскиот медиумски кастинг-период се обидуваат да ни „помогнат“ да ги распознаеме нештата, сликите и текстовите и да нѐ подучат да различиме и да ги одбереме нивните политички илузии, вистината и ангажманот, копнежот, и да им се доближиме на само нивите факти и на „вистинскиот полнокрвен живот“.
Минатото е лага, сегашноста изобилува од неизвесност, за иднината се нуди форма на вистина, и сѐ во рамките на раѓањето уште еден сладок парадокс, што со силата на интензивна медиумска сугестија нѐ плени и нѐ подредува според логиката на театарот на апсурдот.

Медиумската интеракција станува сѐ поопфатен дел на социјалната конструкција, во која се отвораат нови видици, се третираат нови проблеми во разбирањето на општеството и на нас самите, хеуристички, но и метаисториски проблем, простор во кој лебдиме меѓу објективната и виртуелната реалност.
Она што некогаш се нарекувало стварност, исчезнало во некаков виртуелен модус на егзистенција, во привид и илузија на семожни медиуми – ситуација во која човекот станува чист екран на чистата апсорпција и реапсорпција на влијателните мрежи. И така контролирани, сѐ помалку сме во можност да ја разликуваме реалноста од сопствената симулација, „Стварноста е мртва, ние ја убивме“.
Сѐ е привид во форма на хиперреалистичка семиотика. „Сѐ настанато, манипулирано и одредено преку сеприсутните медиуми, артифициелната интелигенција и другите механизми на привидот, измамата и илузијата“ – виртуелно ехо од Шопенхауеровото сфаќање и разбирање на светот како „церебрален феномен“ и човечки суштества контролирани од технологиите без нивно знаење вообличени како карактери во нечиј туѓ компјутерски матрикс.
Kако да се демистифицира медиумскиот привид во кој сме вовлечени. Како да се ослободиме од медиумската баражна ескалација, измами и илузии. Едноставно, онака – берклиевски. Со оглед на ноторниот факт дека светот сепак постои, овде сме и сега. Нема друго, освен да се свртиме кон реалниот живот и реалните проблеми во него.

Аљоша Симјановски