Зошто дозволувате сеништата од минатото да ги трујат можните добрососедски односи

Денес, Европа и светот повторно се соочуваат со апсурдноста на екстремниот национализам, иредентизам и експанзионизам, кои како сеништа од минатото повторно ги нарушуваат меѓудржавните и меѓунационалните односи. Ова е особено видливо во денешната политика на Бугарија кон македонската држава, особено кон македонскиот народ. Бугарската политичка и општествена елита како да ги заборави трите национални катастрофи што беа поттикнати од идејата за велика Бугарија, како да заборавија дека иредентизмот и експанзионизмот на бугарскиот народ му донесоа само страдање

Најголемата трагедија на 20 век започна кога Германија и германскиот народ беа задоени од квазитеориите на нацистичката идеологија, идеологија што беше заснована врз ирационалноста на екстремниот национализам, расната војна, иредентизам, експанзионизам и омразата кон сето она што не е германско. Но бесмислицата и нелогичноста на оваа идеологија не завршуваше тука, нацистите, особено Адолф Хитлер, веруваа дека се избрани од провидението за да владеат со светот, но овој фанатизам доведе до стравотната Втората светска војна, која ги разурна европскиот континент и светот, војна во која загинаа 70 милиони луѓе. Војната беше толку страшна што го доведуваше во прашање и постоењето на човештвото, затоа по поразот на Третиот рајх и неговите сојузници имаше стремеж за изградба на еден меѓународен поредок што ќе се темели врз демократските принципи. Оттука произлегоа Обединетите нации, но и Европската Унија, како гаранти на суверенитетот и интегритетот на државите, односно почитување на постојните политички граници.
Денес, Европа и светот повторно се соочуваат со апсурдноста на екстремниот национализам, иредентизам и експанзионизам, кои како сеништа од минатото повторно ги нарушуваат меѓудржавните и меѓунационалните односи. Ова е особено видливо во денешната политика на Бугарија кон македонската држава, особено кон македонскиот народ. Бугарската политичка и општествена елита како да ги заборави трите национални катастрофи што беа поттикнати од идејата за велика Бугарија, како да заборавија дека иредентизмот и експанзионизмот на бугарскиот народ му донесоа само страдање. Доколку внимателно ги следиме изјавите и јавните настапи во кои се негираат македонските национални особености – јазик, историја, култура итн., можеме да заклучиме дека бугарската елита, но речиси и сите значајни чинители во бугарското општество, како да ги заборавија последиците од екстремниот национализам и великобугаризмот.

Во изминатиот период, македонската јавност беше сведок на уште поголема бесмисленост, односно негирање на холокаустот, но и обвинувања за некаков заговор на Евреите да ја експлоатираат и окупираат Македонија. Во овој контекст, бугарскиот европратеник Џамбаски, познат по своите територијални претензии и ширење говор на омраза кон македонскиот народ, нагласи дека во Царството Бугарија никогаш на власт не биле ниту профашистички ниту националсоцијалистички режими. Според Џамбаски, неоспорна е „историската заслуга на бугарската нација, која му се спротивставила на Хитлер и ги спасила своите Евреи.“ Неколкупати досега повеќемина универзитетски професори и експерти нагласија дека ваквите искажувања се всушност историски негационизам и како такви се спротивни од европските вредности.
Зошто се морално спротивни? Советот на Европа усвои протокол што го опфаќа и негирањето на холокаустот и другите геноциди признаени како такви од меѓународните судови, основани од 1945 година, со релевантни меѓународни правни инструменти. Споменатиот протоколот предвидува дека земјата-потписник, по негова дискреција може да го гони насилникот ако делото е извршено со намера да поттикне омраза, дискриминација и насилство. Во него исто така се вели дека „Европскиот суд за човекови права јасно стави до знаење дека негирањето или ревизијата на јасно утврдените историски факти – како што е холокаустот – ќе бидат отстранети од заштитата на членот 10 од членот 17 од Европската конвенција за човекови права“. Со други зборови, личностите ќе можат кривично да одговараат пред судовите и тоа нема да се смета за нарушување на човековите права, односно нема да се смета за нарушување на слободата на говор.

За оваа проблематика, проф. д-р Емануела Фронза од Универзитетот во Болоња истакнува дека негационизмот е изрично казнив во Германија, Франција, Австрија, Белгија, Шпанија, Португалија и во Швајцарија, но и во неколку други држави како што е Израел.
Но ова е само еден аспект од проблемот, всушност Бугарија постојано ја преиспитува историјата и сака да напише нова историја поради што постојано влегува во конфликт со соседите, особено со Македонија. Бугарската политичка и општествена елита не сака да се соочи со историската реалност и моралната одговорност за постапките од минатото, затоа постојано настојува да ретушира и ревидира историјата. Меѓутоа доколку Бугарија не се соочи сопственото минатото, односно не ја прифати одговорноста за холокаустот и злосторствата што беа извршени во текот на окупацијата на Македонија од страна на Царска Бугарија кон Евреите и македонскиот народ, тогаш Софија останува на своите хегемонистички позиции и обиди за наметнување на својата волја на Балканскиот Полуостров. Се остава впечаток дека бугарската елита сака да ја оформи Бугарија како регионална сила, во спротивно би го осудиле санстефанскиот сон, сонот за велика Бугарија.
Бугарскиот политички фанатизам придонесе да се заборават денешните геополитички основи и денешниот меѓународен поредок, бугарската елита како да се обидува да наметне сопствени принципи што се темелат на иредентизмот, експанзионизмот и историскиот негационизам, а како такви се спротивни на суштината на Обединетите нации и Европската Унија. Конечно е време Бугарија, во интерес на својата и регионалната иднина, да се соочи со сопственото минато, да се откаже од великобугаризмот и широко да ги отвори вратите за соработка, заемно уважување и развој за целиот регион, а не за конфронтации и затворања во своите „ровови“. Токму чесноста и храброста се европски рецепт, односно формула што води кон добрососедство, пријателство, стабилност и напредок, не само за бугарскиот народ туку и за сите околни нации и држави.