Фото: Принтскрин

Новиот студентски дом кој се гради за потребите на Универзитетот во Тетово се очекува да биде подготвен за прием на студенти идната академска година, соопшти Министерството за образование и наука.

– Градежните работи се целосно завршени, а во моментов етапно се опремуваат собите и сите останати простории кои ќе им бидат на располагање на студентите што студираат или во иднина ќе одлучат да студираат на овој државен универзитет и ќе имаат потреба од сместување – информира МОН.

Увид во активностите изврши министерот за образование и наука Јетон Шаќири заедно со заменик-министерот Агим Нухиу, ректорот на универзитетот проф. д-р Куштрим Ахмети и претседателот на универзитетскиот сенат проф. д-р Вулнет Амети.

Шаќири информираше дека се работи за крупна инвестиција која ја реализира Министерството за образование и наука и е во последна фаза на реализација. Ќе следува партерно уредување и приклучување на студентскиот дом на водоводната и електрична инфраструктура во градот.

Како што соопшти МОН, министерот изјави дека Тетово ќе добие комплетен универзитетски кампус.

– Освен објектите во кои се изведува наставно-научната дејност, со изградбата и пуштањето во употреба на студентскиот дом, државниот универзитет ќе може да понуди комплетна услуга за идните академски граѓани и очекувањата се дека ќе привлече значително зголемен број на студенти во следниот период. Тука недостигаше сместувачки капацитет и со заложба на Владата тој се гради согласно сите современи стандарди за квалитет – изјави Шаќири.

Новиот студентски дом ќе може да прими околу 300 студенти, информира МОН.