Педесет хаику песни оживеаја во детските цртежи

НОВА КНИГА ЗА МЛАДИ: ,,Смајли во снегот“ од Атанас Крлевски

Книгата „Смајли во снегот“ е прва хаику збирка во македонската литература за деца, со хаику во кои се пее за детското секојдневие и нивните доживувања на околината и на природата, соодветни на детската возраст

Во издание на издавачката куќа „Ирис“ од Струга неодамна излезе од печат новата стихозбирка „Смајли во снегот – хаику за деца“ од Атанас Крлевски.
Книгата содржи 50 хаику песни, кои всушност се хаиги, т.е. придружени се со ликовни творби, изработени според хаику песните, од ученици од ООУ,,Васил Главинов“ – Велес и ОСУ,,Ацо Русковски“ – Берово, под менторство на нивните професори Снежана Стефановска и Слободан Пандов. Рецензенти на книгата се проф. д-р Ана Витанова Рингачева и Лили Арсова.

Прва хаику збирка за деца

Книгата „Смајли во снегот“ е прва хаику збирка во македонската литература за деца, со хаику во кои се пее за детското секојдневие и нивните доживувања на околината и на природата, соодветни на детската возраст.
Во освртот кон книгата, проф. д-р Ана Витанова Рингачева вели: „Хаику е кратка јапонска поетска форма, која уште се нарекува и ’поезија на мигот’, бидејќи авторот, всушност, во зборот го скаменува мигот. Но не станува збор само за вообичаено пресликување на природата или тоа што авторот го набљудува околу себе, станува збор за пренесување емоции и расположенија што миговно се појавуваат, а се пресликуваат со појавите што го опкружуваат. Комбинирањето на поезијата со детскиот уметнички израз преку цртеж ја прави оваа книга привлечна за читање како за децата, така и за возрасните, бидејќи предизвикува едно посебно чувство на слеаност на најубавите создателства: децата, природата и поезијата. Авторот Атанас Крлевски пее за децата и нивниот безгрижен свет, пее за нивните сосема спонтани игри, реакции, насмевки, нешто што природно извира од нив, а е најчистата форма на љубов. Нивните насмевки се најтоплите зраци и во најстудените зими. Насловот е симболичен и кажува многу за тоа колку децата, како украс на светот, го прават животот порадосен и му даваат смисла“.
Лили Арсова, пак, за ова дело вели: „Хаикуто најчесто е поврзано со природата опишана во сите четири годишни времиња. Во него е очигледно воодушевувањето од природата и природните појави. Токму овие песни се најбројни во оваа книга на Крлевски“.
Атанас Крлевски со литературно творештво другарува од раното детство и како читател и како творец.
– Пишував песни, а некои ми се објавувани и во детските и младински списанија. Како основец, една година работев во детска емисија на Радио Велес. Во средношколските денови пишував, но многу ретко објавував. На почетокот на студиите започнав со сатирично творештво, со кое сѐ уште се занимавам. Имам издадено 10 книги афоризми и застапен сум во неколку антологии во светот. Издавачи на книгите биле „Македонска реч“, денес „Македоника литера“ и „Академски печат“. Во издание на „Академски печат“ е и мојата прва хаику стихозбирка „На прв поглед“. Пред петнаесетина години ѝ се вратив на старата љубов, поезијата, и во подготовка за печатење ми е стихозбирка (со работен наслов „Друшка на галебите“). Член сум на клубот на писатели „Коста Солев Рацин“ од Велес, со учество во повеќето негови активности. Давав и сега давам придонес во организацијата на „Детските Рацинови средби“, во рамките на моите можности, знаења и ингеренции. Учествувам на повеќе литературни манифестации низ Македонија. Пишувам и за деца, но многу малку, и мојата најнова книга „Смајли во снегот“ со хаиги песни е прва објавена стихозбирка со хаику песни за деца – вели Атанас Крлевски.

Книгата „Слика – тркало“ на Александар Прокопиев како инспирација

На прашањето зошто избра да пишува хаику за деца, Атанас Крлевски најпрво ни откри како го запознал овој литературен правец.
– Првата моја средба со хаику беше преку стихозбирката „Слика – тркало“од Александар Прокопиев, купена на Саемот на книгата во Скопје. Оваа книга ме врати во средношколските денови и ме потсети на хаику поезијата, т.е. дека во гимназиските денови напишав две-три хаику песни и толку. Едната од нив ја памтев и додека стигнам во Велес си ја рецитирав во себе. Магијата беше тука и ме повлече да пишувам хаику песни. Во 2018-та го издадов хаику првенчето „На прв поглед“. Како љубител на кратката литературна форма, која ме следи уште од дете, не ми беше тешко да го засакам хаикуто, иако не е лесно да се пишува хаику, особено за автор што претходно малку го познавал – ни откри Крлевски.
Непосредно по издавањето на првенчето, тој добил идеја да пишува хаику за деца, но немал пример за тоа, па на интернет нашол податок дека во Србија е издадена хаику стихозбирка за деца и тоа го охрабрило да почне да пишува.
– Претходно добив „виза“ од професорката на штипскиот универзитет д-р Ана Витанова Рингачева и од д-р Христо Петревски, сегашниот претседател на ДПМ, при една негова посета на Велес, а подоцна и преку дописки. Во 2021 година книгата беше готова како хаиги стихозбирка, со ликовни дела по песните од ученици од Берово и Велес. Преку издавачката куќа „Феникс“ конкурирав за поддршка преку Конкурсот на Министерството за култура, но не ја добив и годинава ја издадов книгата со мои средства. Се надевам дека ќе биде добро примена од критиката и од младите читатели. Првите показатели зборуваат дека ќе биде така – вели тој.
Атанас дополни дека „Денот на хаикуто“ бил одбележан на 17 април 2019 година, во соработка со библиотеката во Велес и тогашниот директор Игор Крајчев, а од оваа година клубот на писатели „Коста Солев Рацин“ го вклучил одбележувањето на Денот на хаикуто како своја традиционална манифестација во соработка со библиотеката. М.Т.- Ф.Д.


Брканица

Ветрот над градот
ги гони облаците-
ѕвезди да бдеат.

Цртеж:
Симона Атанасовска
7-5 одд. ООУ „Васил Главинов“ – Велес

Загреб

Празнична вечер.
Дете раширило раце –

огномет грли.

Цртеж:
Андреј Попчевски
СОУ „Ацо Русковски“ – Берово

 

Другари

Кон небото
Дамјан пуканки фрла.
Дедо гледај, снег!

Цртеж:
Даниела Теова
7-4 одд. ООУ „Васил Главинов“ – Велес

Селфи

Баба и внука
со обетки од цреши.
Дедо се смее.

Цртеж:
Евгенија Смаропулу
СОУ „Ацо Русковски“ – Берово

Брканица
Ветрот над градот
ги гони облаците-
ѕвезди да бдеат.

Цртеж:
Симона Атанасовска
7-5 одд. ООУ „Васил Главинов“ – Велес

Роденден

Чудесна ‘дешавка’:
Баба дува три свеќи-
години крие!

Цртеж:
Јана Ефтимова
8-2 одд. ООУ „Васил Главинов“

Аеромитинг

На плажа, дете
лета змеј. Со бел галеб
се надвишува.

Цртеж:
Миа Несторова
9-1 одд. ООУ „Васил Главинов“ – Велес

Пред дождот

Пладнува стадото.
Под јуришот на ветрот
стивна кавалот.

Цртеж:
Михаела Витева
9-1 одд. ООУ „Васил Главинов“ – Велес

Ѕуница

На небото лак.
Дете гледа бои, со
насмев в очи.

Цртеж:
Ивона Гаштеовска
СОУ „Ацо Русковски“ – Берово

Сласт

Утринска роса.
Цвет од жолт невен, пчелка
страсно го љуби.

Цртеж:
Марија Брашнарска
СОУ „Ацо Русковски“ – Берово

Облачиња

Пролетен дождец,
Ветрот слика акварел
на сино платно.

Во градината

Танц на бурата.
За појот на славејот
плаче цвеќето.

Цртеж:
Моника Близнаковска
СОУ „Ацо Русковски“ – Берово

Предвесник

Кокиче во снегот
Со насмевка на дете.
Крај на зимата.

Цртеж:
Ивона Милчовска
СОУ „Ацо Русковски“ – Берово

В село

Лисје од штавел
до канче козјо млеко –
бабино мени!

Цртеж:
Андреј Попчевски
СОУ „Ацо Русковски“ – Берово

Средба

 

Допловува брод.
Галеб размавтал
крилја-
поздрав за Јана.

Цртеж:
Елена Палевска
СОУ „Ацо Русковски“ – Берово

Нова година

На прозорецот
трчаат ламбички со
желбите мои.

Цртеж:
Мартина Терзиска
СОУ „Ацо Русковски“ – Берово

Од мостот

Реката ита.
Глеј! На пластично шише
плови липов цвет.

Цртеж:
Катерина Бошнаковска
СОУ „Ацо Русковски“ – Берово

Внук

Клупа во паркот.
Сонце во скутот
на баба
-срце ѝ грее.

Цртеж:
Нина Митевска
9-1 одд.
ООУ „Васил
Главинов“ – Велес


Дали сте знаеле…

Хаику е кратка јапонска поетска форма. Тоа е песна составена од три стиха со вкупно 17 слога. Во хаику стиховите авторот ги впишува своето моментално расположение и доживување предизвикани од набљудувањето на природата или природните појави. Хаику е поезија на мигот.
Хаига е стил на јапонско сликање во кое е содржана хаику песна. Хаигата се заснова на едноставни, но и длабоки набљудувања на секојдневието. Современата хаига е поврзување на хаику песна со фотографија (цртеж, графика, колаж, акварел), што за читателот и гледачот претставува вербално и визуелно доживување на моментот.


За авторот

Атанас Крлевски е роден во 1956 година во Ташкент, денешен Узбекистан. Од 1959 година живее и работи во Велес, каде што завршил основно и средно образование, а инженер по електроника и телекомуникации станал на Електротехничкиот факултет во Скопје.
Со литературно творештво се занимава од првите школски години, а со сатира од 1977 год. Пишува и поезија и проза. Издал една збирка хаику песни со наслов „На прв поглед“ (2018 год.). Автор е на книгите афоризми: „Крлевизми“ (2009 год.),: „Окрлавени мисли“ (2011 год.), „Крлук“ (2014 год.), „Цветен пазар“ (2015 год.), „Изгоревме под сенка“ (2017 год.), „Умот на крлашка“ (2018 год.), „Одлетани од крлетка“ (2018 год.), „Мисли без крлушки“ (2019 год.), „Крилести Крлевизми“ (2020 год.) и „Крлевизми-избрани афоризми“ (2020 год.).
Објавувал во многу младински и студентски весници и списанија, како и во списанија за хумор и сатира. Пишувал и објавувал и во некои домашни радиостаници и телевизии, а денес, покрај во списанија и весници, објавува и на некои интернет-портали во земјава и странство. Застапен е и во повеќе антологии на македонскиот и балканскиот афоризам. Преведуван е и наградуван.