Некој ќе рече дека мошне рано запече. Ама никако да ни се ујдиса. Колку до вчера, вееше и врнеше. Па што? Како, па што? И тоа не ни чинеше. На крајот, сѐ си е Божја работа, нели? Она што по малку застрашува е што нашиот величествен континент Европа се загрева побрзо од сите други места на планетава со горе–долу исти географски параметри. За да се утешиме, ќе кажеме дека и Скандинавија на север води борба со високи температури. Кому му беше гајле назад во шеесеттите од минатиот век какво време нѐ очекува. Тоа беше работа на одредена структура, која стравуваше од метеотурбуленции и на оние што стрелаа со ракети кон темните облаци за да ги разбијат. На тој начин, посевите кобајаги ќе куртулеа од град. Ракети, како и сите други, па дури и оние најсофистицираните. Или секоја втора ќе потфрлаше или операторите ќе избрзаа, па ракетата ќе бувнеше во нивна близина. За среќа, без поголеми последици. Што да се прави? Човекот има голем мерак на ракети, а никако со нив да досегне подлабоко во вселената. Е, да. Тоа одамна го направија Флеш Гордон и неговиот стрип-творец Александар Рејмонд, Брик Брадфорд на Кларенс Греј, Ден Дери на креаторот Френк Хемпсон и многу други вселенски херои, кои ги поттикнаа луѓето од Марвел подоцна да ги создадат суперхероите. Верувам дека и сегашнава помпезна најава за процесот на вештачка интелигенција потекнува од идеите и цртежите на овие стрип-мајстори, кои со своите погледи кон иднината и пророчкиот пристап во иновативните постапки, кои претставуваа длабока промисла, се претворија во реалност. Тука пред сѐ мислам на научниот пристап со кој студиозно се користеа авторите. Тие имаа визија и понудија прототипови на речиси сите денешни електронски помагала што се наше секојдневие. Секако дека го поттикнаа и развојот на вселенската индустрија.
Науката тврдеше дека над нашите глави и наоколу постои умерено континентална климатска зона со дефинирани четири годишни времиња. За жал, денес тоа не може да се каже бидејќи гледаме какви се не климатски промени не навтасаа. Светот е во чудно турбулентен климатски период. Во секој случај, она што можеме и сами да го видиме од изгрејсонце до заод, страшно нѐ нервира. Временските прогнози станаа најгледани емисии на програмите. До нас телефоните и другите електронски чуда. Подготвени сме дури и да се расправаме потпирајќи се на различни извори. Мојот е подобар од твојот и почесто ја нишани реалната метеосостојба. Многу нервозен свет се сторивме. На нашето тело, килограми. Се потиме и неколкупати дневно под туш или плакнење од соленилото. Штетни материи, џанам! Ама заедно со нив ги исфрламе и корисните. Некој иновативен (како и секогаш предничи англосаксонската страна) измисли омега-блок. Тоа да ти било специфичен распоред на воздушен притисок во горната атмосфера именуван по грчката буква омега.
Обликот на временските карти наликувал на таа буква. Во неговиот центар се наоѓа силна област со висок воздушен притисок. Тој да ти е опколен од низок притисок или со циклони. Таа атмосферска блокада го попречува нормалното движење на временските системи од запад кон исток. Што би се рекло по нашински, таа атмосфера го попречува воздушниот сообраќај и наместо тие состојби да траат неколку вообичаени дни, остануваат стационарни и нѐ измачуваат. Ова е сериозно, а чарето или излезот, човекот по правило треба да го бара во своите постапки, кои се катастрофални за природата. Бури, поплави, катастрофални земјотреси и што се не на тој пеколен временски репертоар. Ама што ни е гајле за иднината. Дајте да турнеме денес, па за нашите поколенија малку морген. Треба да се заработи, нели. Кутриот Илон само за последните седмици влегол во финансиска дупка од над 350 милијарди, доколку е точно. Ако не, пу, пу, не важи!
Господинот Трамп рече вака и вака. Оп! Скокна или падна цената на нафтата и дериватите, кои сега имаат брендирани имиња. Само колку да им расте и цената и брендот. Се разбира, станува збор за пазарна економија и тука нема отстапки. Нема? Господинот се препишмани, па утредента одрече. Пу, пу, не важи. Си се научивме сите да го користиме тоа и сега зборот не вреди ниту ветер. Договорите и договореното? И за нив не постојат салам гаранции. Сите тие рамки на рамковните договори пукаат на сите страни и се дополнуваат со нови правила. Најчесто и не важат. Како сме кинисале, како самите да си ја посакуваме бељата.
На Светското фудбалско првенство во 1962 година во Чиле, до нас во ниту еден момент не стигнаа временски прогнози. Чиле беше на другиот крај од планетата и кому му беше примарно да се занимава по какви временски услови се одвиваат средбите? Тоа беше работа на ретките радиорепортери. Британија беше домаќин на првенството во 1966 година. Преносите на ТВ-екраните можеа целосно да ја доловат временската состојба. Беше многу топло. Особено преку ден. Освен тоа, напредна и метеорологијата како научна дисциплина, па прогнозите беа сѐ поточни и без пу, пу, не важи. Значи, имавме време за подготовка. Дојде и Шпанија 1982 година. Изгор лето. Дури и по дворовите во кои ги изнесовме ТВ-екраните, во вечерните часови не се дишеше. Се чини дека светските фудбалски фестивали секогаш најавуваат изгор летен период. Можеби врелината атакува врз нашата ментална структура, која иницира приказни и сомнежи за местенки.
Ова како да го имаше својот почеток на Вембли во далечната 1966 година кога Англичаните го зграпчија пехарот на Жил Риме иако германската репрезентација изгледаше дека е многу поубедлива. Подоцна бура од реакции предизвика и „божјата рака“ на Марадона. На 22 јуни во четврт-финалето од Светското првенство во Мексико 1986 година, Аргентина ја победи Англија со 2-1 и ја исфрли од понатамошното натпреварување. Тоа беше одмазда за загубената војна на Фокландските Острови и за грдата изјава на „демократскиот“ Алф Ремзи, селектор на Англија, кога во 1966 ги нарече Аргентинците „животни“. На стадионот „Ацтека“ пред 115.000 посетители немаше големи временски амплитуди. Арно ама, имаше бура од воодушевување.
Сега следиме мечеви на поголем дел од двете Америки. Некаде подврнува, некаде пече, ама првенството лежерно си тече. Нема телевизори по дворовите бидејќи интензивно се користат клима-уреди. Сега сме буржоаски – секој за себе. Во Германија, на пример, треба да побарате посебна дозвола од општинските органи за да инсталирате такво помагало. Веројатно апстиненцијата ќе даде резултати за иднината на климатските состојби. Што мислите, дали бомбите од украинскиот фронт или од Блискиот Исток имаат влијание врз климатските дивеења? Ние на Балканот зовревме од странски автомобили – користени и нови – па ги пресликавме нивните минати години кај нас. Малку од малку, луѓето тренираат куси спринтови. Туку ги гледаш како итаат по обложувачниците, а се враќаат некако тромаво, бездушно. Веројатно некој натпревар е во рангот на она „пу, пу, не важи“ или изјавата на Шварци од „Терминатор“ на Џон Камерон – „има да се вратам“!
Авторот е писател
Љубомир Јованоски


































