Пропусти во регулативата за недела неработен ден

По речиси две години од иницијативата на Сојузот на синдикатите на Македонија беа донесени измени во законската регулатива, кои требаше да овозможат денот недела да биде неработен ден за работниците. Голем дел од компаниите и продавниците не работат во недела, но дали регулативата ги опфати сите аспекти и дали ги стави сите работници во еднаква положба?
Пред измените, Законот за работни односи пропишуваше дека ден на неделен одмор е недела или друг ден во неделата, што на работодавачите им даваше право да го организираат работното време од 40 часа неделно во кој било ден од седмицата. Тоа значи дека на некои вработени работната недела може да им трае од среда до недела, а понеделник и вторник да им бидат денови за одмор. Исто така, постои можност работникот да работи и шест дена во неделата, со тоа што бројот на часови како редовно работно време да биде вкупно 40.
Измените што се однесуваат на неделата како неработен ден беа донесени во декември 2021 година, со примена од 1 јануари 2022 година, во два закона и еден подзаконски акт: Законот за работни односи, Законот за трговија и Правилник за определување помошни или придружни дејности на основната дејност на работодавачот. Така, неделата стана неработен ден за поголемиот број работници во државата, со исклучок на оние работни места каде што работниот процес не може да се прекине. Тука започнаа и проблемите со примена на регулативата, кои се однесуваат на неколку аспекти.
Конкретен пример за трговци што смеат да работат во недела се трговските центри и сите продавници во нивен состав. Но не смеат да работат продавници на мало каде што се продаваат облека, храна и стока од друг вид, а не се во состав на трговски центар. Се поставува прашањето, зошто смее да работи продавница за облека во еден трговски центар, а не смее продавница за облека што не е лоцирана во трговски центар? Понатаму, дозволено е да работат продавници за трговија на мало со храна (без зеленчук и овошје), пијалаци и тутун во кои трговијата се врши лично само од сопственикот на продавницата. Зошто некој што е сопственик и вработен не смее да работи во својата продавница за облека, а сопственикот на продавница за храна смее?
Дозволено е да работат и дејности за приготвување оброци и служење храна, но не е дозволено да работат кафе-баровите, кои за време на викенди остваруваат висок профит. Тука можеби се тргнало од фактот дека храната е основна човечка потреба, но посетата на ресторани кај нас не се смета за неопходен трошок, дури и не влегува како ставка во пресметката на минималната синдикална кошница.

Пекарите што произведуваат леб и печива, во недела смеат само да печат, ама не смеат да продаваат, затоа што дејноста што смее да работи во недела е производство на леб, слатки во свежа состојба и бисквити, а тие не се регистрираат под таа дејност.
Зелените и цветните пазари смеат да работат во недела, но не е прецизирано дали продавниците што се наоѓаат непосредно до пазарите исто така смеат?
Најчесто тие продавници за продажба на храна, средства за хигиена, облека и слично се непосредно до пазарите и прометот најмногу го остваруваат кога е работното време на пазарите (дури и нивното работно време е така адаптирано). Бидејќи тие продавници локациски не влегуваат во зелените пазари, не им е дозволено да работат во недела.
На фотографите им е дозволено да работат во недела, но не и на фризерите и шминкерите, иако е познато дека свечености и свадби се организираат најмногу за време на викенди и неработни денови.
Оној работодавач кому му е дозволено да работи во недела, треба да го пријави тоа во Државниот инспекторат за труд. Но во согласност со Законот за трговија, работодавачот треба да го пријави и работното време во Централниот регистар и решението да го достави до Управата за јавни приходи и Државниот инспекторат за труд. Зошто?
Затоа што трговските центри и бензинските пумпи (кои смеат да работат во недела во согласност со Законот за трговија) ќе ѝ плаќаат на државата 2 отсто од приходот (без тој од продажбата на нафтени деривати) остварен во денот недела. Од друга страна, работодавачите на кои им е дозволено да работат во недела во согласност со Законот за работните односи немаат таква обврска.
Вработените што ќе работат во недела треба да бидат дополнително платени. Но тој надоместок не е пропишан во ист износ во согласност со двата закони.
Работникот што ќе работи во недела во согласност со Законот за работни односи треба да добие додаток на плата што изнесува најмалку 50 отсто за секој час поминат на работа, доколку со закон и колективен договор не е утврден повисок износ на додатокот, додека во согласност со Законот за трговија, работникот што ќе работи во недела треба да добие додаток на плата што изнесува најмалку 100 отсто за секој час поминат на работа.

Може да му се исплати и повеќе од она што е пропишано, но и не мора.
Тоа значи дека работник што работи во аптека (аптеките се дејности што влегуваат во исклучоците во согласност со Законот за работни односи) во недела ќе земе 50 отсто повеќе од дневницата, додека работник што работи во продавница за облека во мол (моловите работат во недела во согласност со Законот за трговија) ќе земе 100 отсто повеќе од дневницата.
Која е причината трудот да се вреднува различно во двата случаја? Со стапувањето во сила на одредбите за недела како неработен ден, конфузните работодавачи бараа мислења од консултанти и институции во која категорија субјекти влегуваат и дали воопшто смеат да работат.
Некои работодавачи (како што се кафе-баровите) сè уште работат во недела врз база на интерни мислења на надлежни институции, кои не се никаде јавно објавени. Имаше полемики и околу работата во туристичките места, по што се објави листа за опфат на туристичките места, а подоцна таа одредба и се редефинира.
Шест месеци откако почна да се применува, Законот за трговија беше дополнет и изменет во однос на одредбите за денот недела, но измените и дополнувањата и не решија многу.
Очигледно е дека законското решение во моментот не е најсоодветно, што може да доведе до дискриминирање не само на работниците во остварување на своите работнички права туку и на правните субјекти што дејствуваат на слободниот пазар. Законските измени почнаа со примена набргу по нивното усвојување, што ги доведе во непријатна положба субјектите и лицата засегнати од регулативата.
Во овој момент, клучно е да се доуредат прописите со фокус на преиспитување и прецизно дефинирање на субјектите што смеат да работат во недела, како и унифицирање на минималниот надоместок што треба да го прими работникот што работи во недела, за потоа да се пристапи кон имплементација и редовни контроли од добро обучени инспектори.

Мимоза Богатинова -Кузмановски

Авторката е дипломирана економистка, со повеќе стручни текстови и уредничка на списанија од областа на трудовото право, сметководствената, даночната и финансиската област