Природна неприродност

Минатата седмица, од еден пријател добив на Вибер стара фотографија што кружи по социјалните мрежи. На неа се гледаат слабички, но гимнастички хармонично оформени тела на мажи и жени на некоја плажа, веројатно на Јадранот. Тоа беше специфична телесна „социјалистичка конституција“ постигната без стероиди, а за која сведочат сликите на спортистите и рекреативците на спортското друштво „Партизан“, кое имаше спортски сали низ цела Македонија и Југославија. Под фотографијата некој испишал текст (на српски): „Плажа, 1970 година. Нема предебели луѓе од брза храна, нема тетовирани, нема пластика и силикони, нема лежалки, нема чадори и очила за сонце, нема разни масла за сончање. Луѓето разговараат очи во очи, затоа што нема мобилни телефони, а нема ни бели шари на небото од млазни авиони“. И потоа доаѓа духовитиот коментар, тажна дијагноза за човекот на нашето време, за тоа што е „празен свет“: „Па нема ништо, јбг“. За само педесет години, светот технолошки експлодира и стариот свет умре. Фотографијата има музејска вредност.
Наспроти тоа, мојот смарт телефон постојано бомбардира со информации од новиот, за многумина преубав свет: во Загреб, деветнаесетгодишен младич украл празен трамвај и за забава си го возел по градот. Притоа, снимал и видео: најпрвин се воодушевува што постигнал максимална брзина од 50 километри на час, а потоа, кога ќе забележи дека го брка полиција, доживува задоволство што личи на оргазмично. Изгледа дека за тоа момче се поместила границата меѓу нормалното и ненормалното: според фиктивното доживување на „муријата“, тој очигледно меша видеоигричка во која крадеш превозно средство исфрлајќи го возачот од неговото седиште, па потоа ѝ бегаш на полицијата со цел да не те застрелаат (играта е хит меѓу децата и младината, се вика ГТА-5). Втор клип: во студиото на една германска телевизиска станица, дванаесетгодишни деца во публиката гледаат трансџендер-личности што се соблекуваат и им објаснуваат, меѓу другото, што е тоа вагинопластика. На крајот, по „презентацијата“ со „едукативни содржини“, ги анкетираат децата. Едно од нив вели: „Најпрвин ми изгледаше ненормално, но сега гледам дека тоа е сосема нормално“. И за ова дете (малолетно) границата меѓу природното и неприродното очигледно се поместила во полза на неприродното: нешто што не е дадено од природата (вагинопластика), станало природно. Трета информативна бомба: во САД некој повторно влетал некаде и застрелал луѓе како зајаци со сачмарка. Нема ден некој да не влезе во некое училиште и да не убие дузина професори и ученици. Интересно е што, и покрај осудата на „ужасот“, никогаш за таков чин не се користи зборот „ненормално“. И секогаш првата реченица во тие американски вести е дека „оружјето било легално купено“. Па и Хитлер „се покри“ со закони, за сè што стори во Втората светска војна. Неговата наци-армија легално поседуваше и тенкови и проектили на наведување, со кои беше пеплосан Лондон. Не е прашањето дали легално поседуваш отров, туку дали илегално (и за што) го употребуваш. Во таа смисла, и вагинопластиката како и оружјето се легализирани и со тоа „преместени“ во границите на поимот „нормално“. И вештачката интелигенција е легализирана, а против која, вели четвртата вест, еден австралиски градоначалник ќе поднесе тужба, зашто „четботот“ генерирал лажна вест за него – дека бил осудуван и во затвор.

Тоа, веројатно, ќе биде првиот судски процес меѓу природната и вештачката интелигенција. Прашањето е само кој ќе биде судија? Човек или четбот?
Тоа е нашиот современ свет, и или ќе го прифатиш, или ќе се тргнеш некаде во пустелија, ако не ти се допаѓа: малцинство си ако не ти се допаѓа, мнозинството се воодушевува од него. Она што ме загрижува е што сите тие промени „кон подобро“ се случија за само едно колено: па јас сум тој што можел да седи на таа плажа од фотографијата, како петгодишен. Само педесетина години подоцна, ја пишувам оваа колумна за постојано туркање и уривање на границата меѓу неприродното и природното. Живееме во време во кое неприродното се прогласува за природно и секое такво поместување на границата се смета за освојување на уште една човекова слобода, на уште едно човеково право, на уште една демократска придобивка. Ама јас сум убеден дека кога нешто брзо се случува, НЕ Е ПРИРОДНО. Не може жена да роди здраво дете за три месеци. Така е и со светот: не може да биде здрав со толкав скок за само педесет години. Човекот со своите изуми го забрза времето. Но наместо да го имаме сè повеќе (поради смарт уредите, кои наводно ни штедат време), го имаме сè помалку.
Очигледно станува збор за предоминација на културата (цивилизацијата) врз природата. Многу природни дадености денес стануваат „конструкти (редизајни) на културата“ и обратно. Поимот на полот/родот е последниот пример. Тоа е така затоа што во културата владее законот за оприродување на неприродното, или натурализација на конвенцијата. Кога ќе се договориме нешто да биде нормално, тоа станува културна конвенција и таа набргу ќе стане оприродена, ќе влезе во парадигмата „природно“. На пример: мене ми изгледа сосема природно и не гледам ништо ненормално во тоа да земам тавче и во него да испржам месо, или да земам тенџере и да сварам ПРИРОДНА супа. Ама според Клод Леви Строс, тоа сепак не е природно (макар и супата да не е од ќесичка). Добар дел од својата антропологија Строс посвети на начините на приготвување на храната, како знак на културата; подоцна и Барт пишуваше дека храната е семиотички културен конструкт.

Строс нè убедува (кога говори за својот „готвачки триаголник“) дека природни начини на готвење се само печењето и чадењето (сушењето) месо, зашто и огнот и чадот и воздухот се природни. Наспроти тоа, сè за што се користи културен фабрикат (тавче, тенџере) е „културна“, и според тоа неприродна готвачка интервенција во природното. Па ете, таа конвенција (тавче, тенџере, односно пржење и варење) се натурализирала и станала најприродно нешто. Така светот оди напред, нема друг начин. Но прашањето е: дали имаме морално право да натурализираме СÈ што не е природно? На пример, дали е нормално да ја натурализираме културата на стравот, па стравот да ни стане нормална афективна состојба? Или вештачката интелигенција? Јас сум убеден дека таа не СМЕЕ (а и не може) да стане „оприродена конвенција“. Да се имитира нечиј стил е можно, ама поривот за пишување не може: еден четбот не може да се вљуби во друг, па да му напише збирка поезија со наслов „Дениција“. Машините го имаат модалитетот МОЖЕ, но не и модалитетот САКА.
Се враќам повторно на фотографијата од плажата. И си поставувам прашање: дали на оној загрепчанец, дали на оние малолетници што разбраа што е вагинопластика и сега се убедени дека тоа е НОРМАЛНО, дали на силиконските убавици (за кои силиконот е најприродна работа) им изгледаме нормални на таа фотографија? Или им личиме на НЕНОРМАЛНИ, пештерски, заостанати луѓе? Лично, мислам дека овој сегашен свет е тажен крај на онаа антрополатрија што почна како срамежлив постсредновековен хуманизам, па продолжи како силно европско просветителство, а кулминира (но не заврши) со Втората светска војна. Жално е што еден хуманизам завршува со своја спротивност, со антихуманизам, жално е што едно сјајно европско просветителство завршува со морална темнина, жално е што русоовското враќање кон природата завршува со оприродување на неприродното и легализирање на ненормалното за нормално. Човекот конечно стана Бог. Се уништува, убеден дека се (пре)создава. Се заробува со слободи (всушност страсти), убеден дека се ослободува од ропство. Тажно.