Се подготвува ли ДУИ да ја оспори демократската волја на македонските граѓани? „Дамоклов меч“ над мајските избори ќе биде постизборното однесување на Демократската унија за интеграција. „Сигналите за рано предупредување“ укажуваат на паника во редовите на интегративците, која се одликува со враќање кон најтврдиот етнички национализам, засилени изблици на насилство (случајот „М-НАВ“) и конфузни изјави од челниците на оваа партија. Како и кај сите балкански противници на демократијата, така и кај ДУИ и кај нејзиниот лидер, Али Ахмети, забележлив е обидот да се исцрта редовниот политички процес како некаква епска битка на силите на доброто и злото. Во нивниот случај се зрачат две такви пораки дека ДУИ води митски борби, една за „внатрешна употреба“, а втората за меѓународната заедница. Кон македонските Албанци пораката на ДУИ е дека тие се гарант за Охридскиот рамковен договор и за стремежот за рамноправност на делот од албанскиот народ во Македонија. Нормално, ниту еден политички чинител во Македонија не ги оспорува постулатите дека земјата е устроена како мултиетничко општество, со посебни приспособувања за јазичните права, со нагласена верска толеранција и така натаму, но ДУИ смета дека сè уште има месо во оваа тема и дека тоа преплашување на македонските Албанци може да ѝ донесе дополнителни гласови. За нивна жал (и нагласена паника), нештата во Македонија се променети, израснати се цели генерации што ги уживаат сите права, уделот на Албанците во државната администрација веќе ги надминува и договорените бројки со принципот на „правична и соодветна застапеност“, а политиката замина во друга насока. Актуелно, во Македонија најдискриминирана група се Албанците што не се членови на ДУИ и тие посочуваат на „парадржавата на ДУИ“ како на проблем, а не како решение за нивна интеграција и влез во општествените текови. Исто така, не би било лошо некој да му го подари на Али Ахмети романот „Есента на патријархот“ од големиот Габриел Гарсија Маркес. Не би било лошо тој да го прочита ова ремек-делот на светската книжевност, па да ја избегне судбината на главниот протагонист и да си ја спаси својата историска ролја.
Втората порака на ДУИ е кон меѓународната заедница. Тие за себе велат дека се некаков пламен бранител на САД, НАТО и ЕУ во Македонија од „злите сили“ и од „корозивниот ефект“ на непријателските глобални закани. Фрчат етикети на сите страни дека нивните политички противници се проруски, прокинески, протурски, просаудиски, провакви или проонакви. Зошто ДУИ се напнува со сите сетила да оцени дали оваа порака стигнала до клучните меѓународни партнери на Македонија? Одговорот е едноставен… Од ДУИ се уплашени дека нивната предност на анкетите може да се стопи до изборите, па да им падне цената во постизборниот коалициски пазар. Како коцкар што е во паника, тие сè ставаат на картата „меѓународната заедница“ и се надеваат на реприза на епизодата од 2006 до 2008 година кога нивните закани дека се фактор за дестабилизација на Македонија доведоа до Мајскиот договор, во кој се колнеа додека не го прекршија и изгазија како небитно парче хартија. Обидот да се претстави типична балканска политичка борба во геостратегиски димензии не е ништо ново на Балканот. Многубројни тукашни самодршци својот опстанок на власта го правдаа со евроатлантските и европските интеграции, со неопходноста токму тие да го држат државното кормило за да се спречат геополитички авантури на нивните земји. За жал, долго време балканските автократи имаа публика за овие небулози, како кај дипломатиите во Вашингтон и во Брисел така и кај тамошните мненски водители, академска заедница, аналитичари, новинари и сите други членови на надворешнополитички оркестри и придружни вокали.
ДУИ секојдневно свечено се колне дека државата нема да застрани од евроатлантскиот и од европскиот пат, не затоа што се толкави атлантисти и еврофедералисти, туку затоа што не веруваат дека ќе победат на изборите, ја чувствуваат желбата на македонските Албанци (и на сите граѓани на Македонија) за промена и тоа ги паничи. „Власт и душа најтешко се испуштаат“ вели познатата балканска чаршиска досетка.
Но откако ќе ги отфрлиме епските и митските приказни на ДУИ се поставува прашањето што ги мачи. И тука одговорот е многу директен – кое било од двете сценарија да се оствари, ДУИ ќе мора повторно да се сведе на политичка партија во Македонија, само една од многуте, и да ја разгради својата парадржава, создадена заради политичката слабост на СДСМ по 2006 година, а особено како цена испорачана кон СДСМ за поддршка на недемократските и стратегиски разорните потези по 2017 година.
Да ги разгледаме двете сценарија за ДУИ во постизборниот период. Доколку тие се изборат за убедлива победа во албанскиот блок, тогаш ќе биде логично да влезат во постизборна коалиција со актуелната опозиција. Преговорите ќе бидат долги, тешки и мачни, поради многу причини. ВМРО-ДПМНЕ сè уште добро ги помни и лекциите од 2006 до 2008 година, кои кулминираа со Мајскиот договор, а особено неговото прекршување од 2017 година. Тогаш ДУИ и Али Ахмети покажаа дека не си стојат до зборот и ја скршија сета мачно градена доверба од 2008 до 2017 година. ДУИ, со леснотијата со која стапи во коалиција со СДСМ во 2017 година, се покажа како непринципиелен партнер во кој не може да се има доверба, спротивно на грижливо градената слика за себе на Али Ахмети во јавноста сиве овие години. Друг поголем проблем за Али Ахмети ќе биде внатрешниот проблем во самата негова партија. Ако актуелните анкети се покажат како точни, тогаш ВМРО-ДПМНЕ ќе има трипати повеќе гласови од ДУИ, па тоа ќе го определи и размерот на политички позиции во идната власт. Во тој случај Али Ахмети ќе треба машки да седне и да се соочи до добра половина од неговите функционери и да ги информира дека за нив нема место во извршната власт. Тој шок дополнително ќе ја раздрма и онака кревката ДУИ, која уште не закрепнала од излачувањето на Демократското движење на Изет Меџити, но и од жестокиот пораз на изборите за Советот на Општина Тетово од 2022 година. Позитивно за Македонија е тоа што Али Ахмети во тој случај самиот ќе мора да ја демонтира парадржавата на ДУИ.
Второто сценарио, кое исто така е можно да се оствари, би бил изборен пораз на ДУИ или нерешен резултат со обединетата албанска опозиција. Секако дека ВМРО-ДПМНЕ во тој случај нема воопшто ни да размислува со кого да стапи во коалиција. Трите партии од обединетиот албански опозициски блок тогаш ќе мора да погледнат и надвор од своите партиски структури и да изберат и непартиски професионалци за првата легитимна влада без ДУИ по 2006 година. Огромен дел од Албанците, вработени во државната управа, ќе побрзаат да се ослободат од баластот и стегите наречени „парадржавата на ДУИ“ и ќе ги прекратат и онака непосакуваните врски со оваа партија. За Али Ахмети ќе биде полесно да им каже на сите свои сопартијци дека сите заедно одат во опозиција, но иако тој ќе се обиде грчевито да се бори за да опстане „парадржавата на ДУИ“ сепак немоќно ќе набљудува како спонтано се професионализираат и департизираат клучните инструменти на неговото дотогашно владеење. Дури и да го преживее ДУИ опозицискиот период, кога повторно ќе се врати во Владата ќе биде само една од партиите, но не и „парадржавата“.
Оттука македонската демократија ќе биде пред сериозен тест на 8 мај, но и потоа. Реториката на ДУИ сериозно укажува дека оваа партија ќе се обиде по секоја цена да остане на власт, независно од демократскиот глас на македонските граѓани. За нив влогот е опстанокот на „парадржавата на ДУИ“ и одбивањето повторно да се сведат на обична македонска политичка партија, чија судбина е препуштена на демократскиот избор на граѓаните. Не вреди да се апелира на совеста на Али Ахмети и на раководството на ДУИ. Тие се сега со стеснета визија, иако емитуваат семоќ знаат дека се ранета ѕверка и дека допрва претстои разградувањето на нивната „парадржава“, но одбиваат да се соочат со реалноста и јасно покажуваат дека нема да се воздржат да ги користат сите лостови на акумулираната моќ – институционални и неинституционални. Од СДСМ нема да бидат сојузници на демократските сили во оваа битка затоа што тие до толку станаа зависни од Али Ахмети што повеќе наликуваат на некаква толерирана внатрепартиска фракција на ДУИ отколку на некогашната „државотворна партија“. Пред целата македонска опозиција, но и пред граѓанскиот сектор, академската заедница и интелектуалците стои сериозен предизвик да се осуети ова чудовишно сценарио за постизборен политички инженеринг и газење на демократската волја на македонскиот граѓанин.
Ивица Боцевски