Војната е цивилизација

Се разбудив, петок наутро, уште не стигнав до половина кафе и цигара кога интернетот ми откри дека во 2024 влегуваме, како што доликува на времето што го живееме…, со нова војна. САД и сојузниците го нападнаа Јемен. На Хутите сега ќе им се случат Ирак, Авганистан, Либија, Сирија и Газа одеднаш, иако секогаш постои можност, ако слезат долу на копно, на сојузниците да им се случат Сајгон и Кабул.
За разлика од грозната и нецивилизирана војна што Русија ја води против Украина, оваа нова касапница ќе биде прекрасна, со благопријатен мирис, исполнета со цивилизациски западни вредности, а со секој убиен цивил, поблизу се стига до демократија и слобода, кои кутрите Јеменци, сега засега ги немаат, па затоа и треба да им паднат од небо. Се разбира дека сите западни политичари и медиуми, вклучувајќи ги и оние од Нордистан, ќе ги извадат на маса сите оправдувања колку оваа војна е оправдана терапија за подобрување на здравјето на јеменскиот народ, оти вообичаено смртта е најдобар лек.
Да, да, знам дека Хутите први почнаа. Сакајќи и практично да покажат солидарност со Палестинците, ги напаѓаа западните танкери и трговски бродови што пловат од или кон Израел. Не им беше тоа многу паметно, но на Јенките не им требаа ни два месеца за да кренат бомбардери и да започнат со својата нова воена рапсодија. За разлика од нив, Русија шест години се објаснуваше со Украина и западната моќ, пред да започне со својата воена операција. Од крвавиот „Мајдан“ инсцениран од Запад каде што нивни платеници снајперисти пукаа по народ и полиција, додека Нуланд раздаваше за покој на убиената логика, преку нацистичкиот закон за забрана на рускиот јазик, како и нацистичките баталјони на чело на украинската армија, кои убија 15.000 рускозборувачки Украинци во побунетиот Донбас, сосе потпишаните договори Минск 1 и 2 за кои Меркел кажа дека биле обично фолирање за добивање време во кое тие ќе ја вооружат Украина за војна со Русија, до ова последното, одбивањето на Зеленски за мировно решение на конфликтот затоа што така му рекол оној психотичен британски кловн Борис Џонсон (сигурно далечен роднина на кловнот од „Тоа“ на Стивен Кинг), со што украинскиот алфа-пенис пијанист се согласи Западот да ја брани Украина до последниот Украинец. Но, се разбира, ниту некој сака да се занимава со факти, ниту некому му треба логика, затоа што однапред е познат наративот дека сè што прави Русија е зло, а сè што спроведува западната моќ е праведно, оправдано и цивилизирано и тука нема помош за оние што го прифатиле овој начин на размислување, односно начинот што им е наметнат како да размислуваат.
Да поставам едно морбидно прашање на кое не ме интересира ничиј одговор. Што е пооправдано, да почнеш војна поради насилна смрт на 15.000 цивили или поради спречувањето пловидба на десетина трговски бродови и танкери? Политички коректниот одговор е јасен, оние 15.000 цивили заслужија смрт затоа што се побунија против легитимно избраната власт по крвава обоена револуција наметната од цивилизираниот Запад, како што Хутите заслужуваат смрт затоа што се мешаат во економско-воената идила на западната моќ напаѓајќи ги нивните бродови.

Оние муабети од типот, секоја војна е одвратна и нецивилизирана, колку и да звучат точно, бесмислени се. Писмото, културата, научните достигнувања воопшто не се главните карактеристики на нашата цивилизација, туку војната, таа е нашиот заштитен знак како човештво. Писмото го имаме за да шириме хистерија и пропаганда против оние што треба воено да се уништат, културата на различните од нас, особено ако не ја разбираме, гадно нè нервира и најдобро е преку војна да им ја наметнеме нашата, а науката најмногу е во служба на воената индустрија. Тоа сме ние, тоа е нашата цивилизација и како стареам, сè повеќе сфаќам дека војната е таа што логично треба да ја заврши нашата приказна.
Туку каде е Нордистан во оваа света воена коалиција против лошите нецивилизирани Хути? Зарем нордистанските моќни трговски лаѓи, кои со фрлено сидро пловат кон блескавата иднина што чека на пристаништето во Брисел, не се изложени на опасност? Секако дека се, само што во Нордистан, пред секој важен чекор се прават длабоки анализи, кои треба да доведат до мудри решенија и практични одлуки. Па така, сега властите се во длабоки размисли дали Јемен е навистина држава или е позната англоамериканска потврдна зборовна конструкција, која гласи „Је, мен!“, и дали Хутите стварно се народ или измислени сојузници на Дарт Вејдер во потрага по Лук Скајвокер. Понатаму, се прават консултации со експерти од Министерството за образование, се отвораат уште неиспечатени учебници по географија за да се види дали Јемен се граничи со Монт Еверест во близината на Месечината или со Монте Карло, главниот град на Монтевидео чиј лидер е грофот Монте Кристо, оти од географската положба зависи каква воена операција да се спроведе. Тука се вклучува и историската комисија за да утврди дали Јеменците се Бугари што крадат грчка историја, а кога сме кај Грција, сигурно и претседателот на Нордистан треба да ја праша грчката претседателка какво мислење да изгради во однос на ова горчливо прашање што го вознемирува трговско-поморскиот свет.

Ама па не е само Јемен. Сериозни држави како Нордистан дејствуваат одеднаш на неколку полиња. Освен што ги фрли на колена Русите, а на Израел му даде поддршка во однос на екологијата преку етничко чистење на Газа како познат загадувач на западните вредности, Нордистан има и домашни обврски. Ако глупиот Исток има мудреци што одат да се поклонат пред некој Младенец што потоа ќе зборува бесмислици како „Сврти го другиот образ“ и „Не суди, зашто и тебе ќе ти се суди“ обидувајќи се да им ги одземе на цивилизираните двете најголеми задоволства, да се тепаат и обвинуваат меѓусебно, така нордистанците ги чекаат вистинските мудреци што доаѓаат од Запад на кои секогаш им се поклонуваат. Иако тие западни мудреци понекогаш знаат да донесат тешки филозофски дилеми. Како сега. Само што американскиот мудрец им порача на нордистанците да не купуваат ништо од еден сомнителен лик, оти тој самиот ни кола не би купил од него, дојде холандскиот мудрец и го посочи блескавиот европски фронт како проблем што продава расипани коли, па го крши од мавање купувачот кого потоа го апси полицијата зашто овој ги испровоцирал со своето постоење. Оваа дилема секако ќе ја реши третиот мудрец, кој, кај и да е, ќе дојде директно од Брисел за да објасни дека сеедно од кого купувате кола, таа мора да има бугарски таблици.