Политика за понадвор

Многумина се сеќаваат на овој израз од времето кога тоалетите во куќите беа во дворовите. И денес ги има. Овде го употребувам овој израз за да ја отсликам нашата надворешна политика, која навистина личи на излегување понадвор. Кога од државата ќе направите септичка јама, се знае со што се полни таа.
Да тргнеме со ред, односно како ја полнеа септичката јама со содржини од кои смрди надалеку, а народот веќе се дави во неа.
Најпрво, талентираниот полиглот и кандидат за Нобелова награда, по дрско лажење (нема уставни промени, нема ерга омнес), ни го избриша името на државата, ни го поништи идентитетот што беше вграден во името. Денес ние, освен дома, немаме право на ништо „македонско“, а Македонците се сведени на граѓани. Кој не го разбрал тоа, нема да разбере ништо. Или не му е гајле, чекајќи упорно пред заклучената врата на ЕУ, или чекајќи некоја привилегија од воспалената власт. Истиот лик од Муртино, на сила, со уцени, со амнестии, со поткуп со тендери, со измени во закони или на „балкански начин“, како што му беше сугерирано, ги бутна уставните измени низ Собранието. Згазна и врз референдумот, кој беше одличен индикатор за неговата политика за понадвор. Дури, за потсмев, тргна да ѝ дели совети на Србија како да дошла до „компромис“ во нивниот проблем. Тогаш претседателот Вучиќ му тресна шлаканица (овој нашиов веројатно само се почеша) кога му рече дека не мисли да ги силува пратениците. Така може секој. Веројатно се почешаа и северните Македонци што учествуваа во разнебитувањето на нашата нација. Толку знаат, толку ги разбираат последиците од оваа политика, чии главни актери од глисерот одеднаш ги снема. Важно, со таа неразбирлива цена влеговме во НАТО, во кое ќе влезевме и да се викавме Марсовци, бидејќи тие имаа (како што јасно гледаме денес) интерес да нѐ зграпчат во своите воени пазуви. Голем успех на политиката за понадвор.
По криминалот што го направија, бришејќи ги Македонците, логично беше да се појави некој друг „добар“ сосед, кој сега треба да ни подари нов идентитет. Е, сега, малку повеќе боли, бидејќи дури 76 отсто од народот е против таквата преговарачка рамка (од оваа бројка се исчитуваат и вистинските резултати од пописот, но тоа е друга тема), која за волја на вистината не ја знаат, но интуитивно им е јасно дека ќе се разбудат како Бугари и ќе зборуваат на некаков дијалект од бугарскиот јазик. И дека сите партизани и нивните семејства ќе треба да ги скријат спомениците и да лажат дека се бореле со Јапонци во Втората светска војна.

И повторно лаги, повторно „народот не ја разбрал“ нивната посветена и самопрегорна работа. Тие имале благородна цел, почнување на преговорите со Унијата, а ние неразумни и ретардирани, никако да го разбереме нивниот порив (да останат на власт и сѐ да искрадат). Не, тие што ја прифатија погубната преговарачка рамка, заедно со протоколите што нѐ ставаат во редот на окупирани земји, ете токму ним треба да им се забрани да се качат на авион и да „водат преговори“ во наше име. А, пак, на таканаречените интелектуалци топло им препорачувам да ја прочитаат рамката и да го стават прстот на чело. Сакаат ли да бидат мутирани Бугари, кои зборуваат на дијалект на бугарскиот јазик? За оној што знае да чита, сѐ е напишано црно на бело. Во таа смисла, министерката за надворешни работи на соседна Република Бугарија ништо не измислува. Какви уставни измени, какви бакрачи. Од првиот момент ми беше јасно дека ова е само подигрување со нас (им шепнале на соседите Европејци како да нѐ држат настрана). Тие не сакаат бугарско малцинство во нашиот Устав, каде е наброена солидна бројка на народи од листата на ОН. Тие сакаат и ќе успеат сите да станеме Бугари, се разбира ако преговара тимот за понадвор. Си кажа жената, а и други официјални лица, дека уцените сега почнуваат. Уште ја споменува декларацијата од нивниот парламент, како да немаме и ние резолуција изгласана во нашето Собрание, за заштита на идентитетот и јазикот. Но, разликата е во тоа што една најсиромашна држава во ЕУ, една небиднина слична како нашата, успеа својата декларација за асимилација да ја стави во преговарачката рамка. Браво, едно големо браво за нашиве политичари за понадвор, кои бладаат за некаков успешен скрининг (полн со бирократски лаги) и за малку „порозната“ рамка за која пелтечи Османи. Секоја пора што ја оставиле и прифатиле е една септичка јама во која ќе пропаднеме.
За каков примитивизам станува збор (и за каква дволичност на ЕУ, патем), ќе направам паралела. Хрватска, која дури беше и во војна со Србија, не стави вето со уцени дека српскиот е дериват од хрватскиот јазик, бидејќи во српскиот јазик го имаат ијекавскиот (типичен за хрватскиот) изговор, рамноправно со екавскиот, а Србите се всушност Хрвати.

Во Југославија, впрочем, во училиштата се учеше еден, српско-хрватски јазик. Ама таков примитивизам кон својот сосед никој не покажа. Освен нашите „браќа“, кои уште ја слават Бугарија од Сан Стефано. Истата таа траела колку една настинка од грип.
Јасно е дека по оваа понудена и прифатена од власта преговарачка рамка, не смее да се преговара. Таа е дизајнирана за никогаш да не биде прифатена. Мора да биде променета, без билатералните спорови што ги имаат речиси сите земји, да имаат третман на мултилатерални. Доста беше од преседани за кутра Македонија. Од многу „проширување“, ластикот се растегна до пукање.
Да ја оставиме Унијата да блада дека ќе се проширува со најкорумпирани земји, кои не ја контролираат ниту сопствената територија, земји со астрономски долгови, каде што нема Д од демократија. Ние условот за „корумпираност“ го исполнуваме без проблем, но сѐ друго во рамката е залак од кој ќе се задавиме.
Еден убав ден ќе ни дојде редот, но најпрво да создадеме суверена држава, која има право на свои одлуки, на свој пат, кој нема да е ќор-сокак, која работи за интересите на сопствениот народ. Дотогаш, Османи и Ковачевски, замолчете и не трујте го народот со лаги. Политиката на „кренати раце“ нѐ доведе до овде.