Чуму да се пишува?

Ете, од минатата недела решив да се вратам со редовни колумни на страниците на „Нова Македонија“, со пригодна колумна по повод годишнината од раѓањето на великанот Блаже Конески. Уште пред да започнам со пишување, поточно уште пред да ја донесам одлуката дека се враќам со колумни, во мене стоеше неодговорено прашањето – а зошто да се пишува? Не за што, туку зошто воопшто? Чуму да се пишува, навистина?
Во вакви времиња во кои живееме, теми има во изобилство. Но, веројатно, ѓаволот на дијалектиката е прав: кога има изобилство теми, тогаш има недостиг од желба, т.е. мотив да се пишува. Изобилството на теми, всушност, значи дека живееме апокалиптични времиња, времиња во кои трагедијата во светот е толку нарасната што секој друг чин, освен голата егзистенција, се чини како нерационален. А човекот како рационално суштество ги арчи силите само на тоа што мора: да се пишува, за што било, во време кога светот страда, се чини нерационално и бесмислено арчење на силите.
Еве, веќе две години во Украина беснее војна, илјадници луѓе страдаат; израелско-палестинскиот конфликт повторно е распламтен, безброј жртви, деца, жени и цивили брутално гинат; се чека разврска на „тајванското прашање“ и отворање нов фронт; во Европа, под притисокот на кризата, се будат десни и екстремно шовинистички движења… Како повторно да е почетокот на 1939 година и речиси како веќе и да сме во голема војна, само чекаме некој и официјално да го каже тоа и сиот хорор и ужас на таа сеопшта војна повторно да се урнат врз Стариот Континент…
А во републикава наша, пак? Ах, во републикава, исто така само чекаме храбар маж да ни обелодени дека не постоиме! Овде веќе одамна сè е мртво, само чекаме некој да се смилува и да ги исклучи апаратите! Нашата единствена иднина е ЕУтаназија, а ние упорно ѝ трчаме во пресрет. Како бомбаш самоубиец, мислиме дека откако ќе се разнесеме, ќе влеземе низ рајските порти директно во Едемската градина на ЕУ!
И во вакви времиња навистина има за што да се пишува, но чуму да се пишува? Во еден свој есеј од 1949 година, Т. Адорно ја запишува познатата и шокантна изјава: „Да се пишува поезија по Аушвиц е варварство“! Навистина, како да се пишува воопшто по, но и за време на такви ужаси!? А верувајте, во светот денес се случуваат – а за жал, убеден сум и допрва ќе се случуваат – ужаси не помали во својата ѕверска димензија од оние што се случувале во минатото. Токму од истите тие причини, и современата филозофина Изабела Милар од Лондон, на неодамнешниот фестивал за филозофија, наука и уметност Г10 во Амстердам, можеше да го констатира истото тоа: „Нема филозофија по Газа“! Навистина, како и зошто воопшто да се филозофира по тој ужас во Газа!?

Во „времиња на холокауст“ секакво пеење и филозофирање, секаква форма на духовна артикулација се чинат не само неадекватни туку и бесчувствителни. Иако С. Жижек во една своја книга „Насилство: шест патемни рефлексии“ (Violence: six sideways reflections) го коригира Адорно: „Не е поезијата таа што е невозможна по Аушвиц, туку прозата. Реалистичката проза не успева таму каде што поезијата успева да ја дофати неподносливата атмосфера на логорите. Така, кога Адорно ја декларира поезијата како невозможна (всушност варварска), по Аушвиц, оваа невозможност всушност е овозможувачка невозможност: затоа што поезијата секогаш, по дефиниција, е за нешто што не може да се дофати директно, туку само преку алузија“. Но чинам дека Жижек не е прав во однос на Адорно, т.е. дека не го разбира добро Адорно. Адорно не приговара на жанрот како таков, па да тврди дека поезијата е неспособна да го изрази неискажливиот хорор на Аушвиц. Тој добро е свесен дека поезијата е и тоа како способна да го искаже неискажливото, но чуму!? Да пишувате поезија по Аушвиц, за Адорно не е невозможно, ами акт на варварство, затоа што тоа е неблагодарно, неодговорно, дрско. Да се пишува воопшто, а особено поезија, во време на трагедија, е „величествена изолација“ на аристократски дух, нечувствителен за страдањата на светот! Дрскост од најдолен вид! Подмолност типична за владејачка класа!
Ете, овие маки ме мореа пред да ја донесам одлуката дали да пишувам. Оти ниту еден чин човек не презема беспричински, па и јас морав да си ги најдам сопствените причини! Сè во човековата активност мора да има своја икономија. Рековме, како рационално суштество, човекот мора да ги насочува силите таму каде што тоа е најрационално. А да се пишува пред портите на пеколот, изгледа крајно неразумно. Но, сепак, од друга страна – јас сум од оние што веруваат дека човекот не е само рационално суштество туку во основа длабоко надрационално. Секако и ирационално. И суштество на инает. Суштество на пркос. И пишувањето го доживувам како таков чин на пркос, чин на отпор. Отпор и бунт против светот, револт против постојниот поредок. Или можеби само начин да се справивме со светот!? Да, на извесен начин, можеби во одреден миг може да изгледа иронично, дури и перверзно човек да пишува кога времињата налагаат општествен ангажман, вклученост во случувањата, директна политичка инволвираност и акција. Но, од друга страна, да не се пее во кое било време е сигурен знак за пораз! Кога тешките времиња ќе ве скршат и ќе ве натераат да ги загубите инспирацијата и желбата за пеење, за творење… дури тогаш сета надеж е загубена. А кога и во вакви времиња, во секакви времиња имате мотивација, инспирација, енергија… да пишувате, да пеете и творите, тогаш сè уште сте на добар пат. Сè уште има надеж.

И затоа во текстовите што ќе следуваат на страниците на „Нова Македонија“ ќе пишувам. Ќе пишувам за сè, не само на актуелни или дневнополитички теми, затоа што да се пишува е важно. Да се пишува мора! Ќе пишувам за политика, за култура и наука, за филозофија и уметност… важно ќе пишувам. Оти токму тоа сака ѓаволот на овој свет – да занемите, да мислите дека ништо не можете, да се самопарализирате, да мислите дека сè е свршено без вас, дека не правите никаква разлика, дека сте неважни и недејствителни. Но не е така – да го правите тоа што најдобро знаете и умеете да го правите – мора секогаш и во секакви времиња. Па, цела историја е полна со такви примери. И нашата и светската. Па, сетете се само на Кочо Рацин! Во какви скудни и страдни времиња живее, и токму во предвечерието на светската војна, во 1939 година ја објавува „Бели мугри“, а пред тоа филозофира за Хегел и за богомилите! Еве, се сеќавам и на Антонио Грамши, кој за време на својот живот не објавил ништо, но никогаш не престанал да пишува, впрочем пишувал кога му било најтешко – фрлен во зандана од страна на режимот на Мусолини, до крајот на својот живот! Впрочем, сите негови филозофски писанија се напишани во периодот 1925-1935, додека е во затвор.
Се пишува и се филозофира токму кога е најтешко, кога времињата најмногу бараат од нас! Затоа, драги мои, сакам да ве повикам да го правите тоа што знаете да го правите најдобро – да го правите секогаш и во сите времиња. Особено во тешки времиња! Секој има долг за отплаќање! Не заминувајте од овој свет должни. Никому!