Победите на ДУИ – порази на СДСМ

Во стотици стари и нови филмови од американска, британска, француска, германска или која било друга продукција, оние што упаднале во контролна аеродромска кула или неовластено влегле на писта биле ликвидирани или во најдобар случај изнесени со лисици на рацете. Но тоа се американски и европски стории. Македонската е подруга. Само во македонската реалност е поинаку – овде може да упадне секој и секаде и да биде експресно заштитен од партијата што е на власт и на која ѝ припаѓа. Особено ако е од моќна национално-малцинска партија.
Последните настани, означени како безбедносен скандал во просториите на контролата за летање на скопскиот аеродром и експресното заташкување на можната одговорност и судска разврска за актерите, уште еднаш ја отвораат темата за улогата на Унијата за европска интеграција (ДУИ) и за коалициските односи со Социјалдемократскиот сојуз (СДСМ), двете најсилни партии што шеста година заеднички го држат кормилото на македонската влада. Секако и за нивното мешање во правдата.
ДУИ речиси дваесет години е најсилната и највлијателна партија во Република Македонија, сега Северна. Произлезена од воена формација, од Ослободителната армија на Албанците (ОНА – УЧК), прерасна во неодминлив фактор на македонската политичка сцена. Од нејзиното формирање во мај 2002 г. до денес оваа етнички чиста албанска полупартија, полувоена организација, се пласираше на врвот на политичките збиднувања во државата менувајќи ја коренито, како во општественото уредување така и во уставното, националното и територијалното организирање.
Формално трета партија по број на членство, на гласачи и пратеници во Собранието, стана прва по моќ, по акција, по број на остварени промени. Предизвика и оствари неколку крупни промени на Уставот на Република Македонија, ширејќи ги преку него правата на Албанците, стеснувајќи ги на Македонците. И теоретски и практично, оперативно во политиката, конкретно на терен.

Нејзиното учество во врвовите на органите на судската, извршната и законодавната власт, во органите на институциите и во јавните претпријатија, дирекции и агенции, го доведе процентот на заедничко учество на високо ниво од 50 отсто, што не е во согласност со славниот Охридски договор. Најизразит е примерот со составот на владата на Димитар Ковачевски. ДУИ ги држи важните ресори каде што се вртат парите и тендерите. Преку Министерството за политички систем ја обликува статусната положба на етничките заедници во државата, давајќи им притоа видлив примат на албанските интереси, сосема запоставувајќи ги интересите на другите. Слична е сликата и за Министерството за надворешни работи.
Следејќи ги чекорите на СДСМ и на ВМРО–ДПМНЕ, овозможи формирање своја партиска буржоазија составена од евромилионери, формира бизнис-лоби групи, одгледува своја олигархија и тајкуни, држи своја мафија и странични, придружни, но важни нелегални елементи и инструменти за слободно дејствување. Таа таканаречена тендер-дружина секогаш наоѓа заеднички јазик за остварување сопствени материјални и други интереси, на штета на државните.
ДУИ доследно ја спроведува својата примарна, ако не и единствена, идеологија на заштита на правата на Албанците. Таа определба ја повторуваат секој ден. Тој концепт не е оригинален, но е нивен тврдо национален, она што македонските партии го немаат како заеднички концепт за заштита на Македонците и нивните права во Македонија.
Ако ДУИ јавно декларира дека партијата е во составот на Владата за да ги застапува интересите на Албанците во Македонија, аналогно би било СДСМ да ги застапува интересите на Македонците и на припадниците на другите етнички заедници. Социјалдемократите, за жал, не ги разбираат тие политички финеси и тоа е една од причините нивната партија да биде посматрана сѐ помалку како партија блиска на народот. И да го губи тлото на теренот, што се вели.

Точноста на погореизреченото можеби најдобро ја потврдува поранешниот министер за финансии Џевдет Хајредини, кој во повеќе свои твитови на платформата Икс пишува дека „страв до коски му влегол на Ковачевски од заканите на Али Ахмети дека ќе има војна или ќе излезе од владата доколку не се прифаќаат неговите барања, за криминал и корупција и условите да не се казни ниту еден член на ДУИ без разлика за каков престап се работи“. Хајредини не е кој било, тој е еден од најупатените во партиските кулоари на албанскиот политички блок.
Да не се лажеме: стравот од пенетрацијата на ДУИ на штета на македонскиот народ се шири низ цела Македонија, можеби помалку во политичките кругови, а повеќе кај обичните граѓани. Тој страв е присутен и во државната администрација, која по основа на вештачка етничка рамноправност се полни со необразовани кадри, плус арогантни и склони кон агресија. Атмосферата на заплашување ја шират и ироничните и понижувачки изјави што ги даваат нејзини функционери, како и незаконските постапки на партиски членови, кои никако не подлежат на правни или финансиски санкции.
Социјалдемократскиот сојуз играјќи на картата на својата одглумена самоувереност и болна ароганција е слабата алка во сегашниот распоред на силите во македонската управувачка политика. Долги години партијата живее во криза со низок интензитет. Во идеолошка, државотворна, национална, кадровска, патриотска и морална криза. Пати и од криза на идентитетот. Од доаѓањето на Зоран Заев на чело на партијата и Владата преку договорите со Бугарија и Грција, Македонија ја губи македонската национална подлога.

Под водство на СДСМ, која ниту е лева, ниту социјална, уште помалку демократска партија, Македонија постепено се демакедонизира. Власта изнедрена низ големите лаги на Шарената револуција, освен исчекорот кон НАТО, сѐ друго подведе под сомневање – нација, историја, јазик и писмо. Го избриша минатото – ја загрози иднината. Истовремено, Владата обилно работи на штета на партијата. Од прва и најголема партија, Социјалдемократсиот сојуз ѝ го препушти приматот во одлучувањето на третата, далеку помала од неа. Од господар ја презеде улогата на понижен слуга.
На ДУИ и на Али Ахмети им годат, им одат во прилог, поделеноста на македонските партии и нивната нетрпеливост и разбиеност. Во меѓусебната борба за гола власт тие како да ја подзаборавија грижата за сопствениот македонски мнозински народ, кој е ставен на ново историско искушение. Дозволија да се наметне атмосферата дека сестраната одбрана на албанските права е правилна и праведна борба, а обидите да се заштитат правата и историските придобивки на Македонците да бидат прогласувани за национализам, за говор на омраза и израз на национална нетрпеливост.
Да повторам за да не бидам погрешно разбран. Кај добар дел од Македонците владее мислење дека нивните партии се плашат од ДУИ како од елементарна непогода и дека со Македонија владее ДУИ, а не партијата што се претставува како мнозинска власт, без разлика дали таа се викала СДСМ или ВМРО–ДПМНЕ.
Нема да пречи ако на крајот додадеме: од долгата рака на ДУИ страшно се плашат и многу Албанци што се членови на самата партија, членови на други партии или се обични граѓани. Но таа е друга тема, табу-тема за политичари, новинари, коментатори и ројот аналитичари.

[email protected]