Окованиот тркач: Македонија во етнички грч

Не можете и не смеете да им ја ускратите на луѓето можноста да ги користат нивните вештини, знаења и таленти, фаворизирајќи ги членовите на обесправена или недоволно застапена група што споделуваат заштитена карактеристика во налогот за справување со нееднаквоста. Наивно би било од моја страна да сугерирам дека секој процес на регрутирање треба да биде вистинска меритократија. Тоа во партизирана, неписмена и необразована Македонија не може да се случи. Ако во светот размислуваат за позитивна дискриминација низ балансирање на еднаквоста и меритократијата, кај нас размислуваат низ балансирање на еднаквоста со неспособноста

Ова што се случува во Македонија со уставниот принцип за соодветна и правична застапеност при вработување во јавниот сектор не обезбедува дека дискриминацијата и стереотипите се исклучени од процесот на регрутирање и селекција. Напротив, Македонија е пародија на концептот на позитивна дискриминација. Затоа вработувањeто на Клиниката за гинекологија и акушерство по етнички клуч е неморално, неетичко и незаконско. Незаконски е да се огласува позиција или да се регрутира исклучиво за поединци со одредени етнички карактеристики.
Да ги потсетам возљубените во концептот на „едно општество за сите“ дека ова што се случува на ГАК е директна дискриминација и како таква не може да се оправда во правото. Или за нив е важна политиката што може да оправда сѐ, па дури и ова, зашто авторитет како премиерот вели дека таквото вработување е законско. За да го прифатам неговото тврдење не ми останува ништо друго освен да прифатам дека станува збор за лажен авторитет, кој е заморче во лабораторијата на глупоста во Македонија.
Цената на ваквото однесување на власта при имплементирањето на принципот за соодветна и правична застапеност при вработување ја плаќаме со нефункционална и растурена држава. Само да потсетам: не можете и не смеете да им ја ускратите на луѓето можноста да ги користат нивните вештини, знаења и таленти, фаворизирајќи ги членовите на обесправена или недоволно застапена група што споделуваат заштитена карактеристика во налогот за справување со нееднаквоста. Наивно би било од моја страна да сугерирам дека секој процес на регрутирање треба да биде вистинска меритократија. Тоа во партизирана, неписмена и необразована Македонија не може да се случи. Ако во светот размислуваат за позитивна дискриминација низ балансирање на еднаквоста и меритократијата, кај нас размислуваат низ балансирање на еднаквоста со неспособноста.

Многу добро ја разбирам идејата зад позитивната дискриминација, но начинот на кој ја разбира политиката е погрешен и штетен. Мислам дека позитивната дискриминација не е патот што треба да се изоди при вработувањето во јавниот сектор, затоа што не се справува со основното прашање – зошто на едно малцинство не може да му се даде работа затоа што тој/таа е одличен кандидат? Не верувам дека голем број кандидати можат да се претстават во ист калибар – почесто отколку не – ќе има еден што ќе ги надмине другите. Она што треба да се случи е дека работното место треба да ги искорени своите предрасуди – без разлика дали се свесни или несвесни – за да им се овозможи на сите кандидати, чии резимеа се репрезентативни за огласуваната улога да добијат можност да бидат интервјуирани и да добијат правично бодување.
Она што го гледаме кај нас е дискриминација на личност врз основа на надворешни карактеристики што се појавуваат во резимето на кандидатот уште пред да биде разгледано и да се направат претпоставки за способностите на поединците пред да бидат поканети на интервју. На овој начин се негира индивидуалноста на кандидатите и тие едноставно стануваат „жетони“ што претставуваат поголема заедница. Кандидатите се гледаат првенствено од аспект на нивните заштитени карактеристики, заборавајќи дека тие се повеќе од обични карактеристики што не ги избрале и не можат да ги променат. Се плашам дека кога ова не го разбира политиката, лесно може благородните цели на „еднаквоста, различноста и инклузијата“ да бидат корумпирани. Како што е вработувањето во ГАК по етнички клуч.
Со оглед на тоа што секогаш кога сме предмет на експеримент, власта се повикува на решенијата од нашиот стратегиски партнер САД. Па, да потсетам како САД го решаваат ова прашање. Афирмативната акција (пандан на позитивната дискриминација) во САД не е прашање на квоти како кај нас. Или некаковси балансер. Квотите во САД се незаконски. Од федералните работодавци се бара да преземaт мерки на афирмативна акција во нивните активности за вработување, а нивната цел е да се обезбедат еднакви можности за вработување за апликантите и да се утврдат цели и временска рамка за нивно постигнување, како и да се вложат добри напори за да се исполнат. Расата, националното потекло и полот се меѓу неколкуте фактори што треба да се земат предвид, но релевантните и валидни работни или образовни квалификации не треба да бидат загрозени.

Врховниот суд на САД јасно ставил до знаење дека афирмативната акција или програмите што тврдат дека се афирмативна акција се незаконски ако: (1) неквалификувано лице добива бенефиции во однос на квалификуваното лице; (2) нумеричките цели се толку строги што на планот му недостига разумна флексибилност; (3) нумеричките цели немаат врска со расположливиот фонд на квалификувани кандидати и затоа би можеле да станат квоти; (4) планот не е фиксен во должина; или (5) оштетени се квалификуваните. Законски се само афирмативни акциски планови што не ги загрозуваат валидните работни или образовни квалификации. Вработувањето во ГАК по етнички клуч би било незаконско според Врховниот суд на САД. Ама не и според нашите судови, кои си молчат политичко-конформистички. И, не видов дека некому му е гајле за тоа. Македонија како држава на апсурди е окован тркач, кој се обидува да достигне некој апстрактно замислен концепт на еднаква и правична застапеност без квалификации, стручност и образование. Затоа сиве години не може да стигне никаде. А, очигледно ни таму.

Проф. Звонимир Јанкулоски