По малку за нашата болка и лекциите од кризата околу Калининград

Да не се разбереме погрешно, ова не е став дека либерално-демократскиот свет е пред колапс. Напротив, дека центарот на влијание и одлучување, а со тоа и тежината на нештата, се изместува

Додека јавноста кај нас, со право, е преокупирана околу целата лакрдија и облакот што се создаде околу продолжувањето на македонскиот пат кон ЕУ, денес, како што ветив, ќе продискутираме за една сериозна работа што ја тресе Европа, но и светот. Тоа не е да се дефокусираме од нашата тежина и ситуацијата во која се најдовме, не само по бугарското вето туку е во целиот контекст, и има обид за една порака што бара работите да се гледаат во поширок контекст. Минатиот пат речиси половина колумна ни отиде во елаборирање поенти што имаат геостратегиски контекст и кои не се фокусирани само на македонското прашање визави Бугарија, туку на отворање перспективи кон проблемот што се надвор од матрицата на тесно гледање на нештата – она во што сега, драги мои, ќе паднеме длабоко.

Две поенти што не смеат да излезат од видик а пропо ова прашање, а кои ќе ги повториме од минатиот пат се, прво, новиот француски предлог има проблем со меѓународното договорно право (читај со право може да кажеме дека виси Преспа), второ, геостратегиската перспектива е битна за да се одреди дали сме пред свршен чин или не. Во тој контекст е и дебатата околу Калининград и опасноста што се надвиснува врз светот. Овде е значајно да се каже дека на добар дел од ЕУ источните и балтичките земји што граничат со Русија, сега фокусот не им е македонското прашање или Западен Балкан туку Русија. Тоа дека го „протрчале“ францускиот предлог е повеќе од јасно, оти им се „прде“ за нас (што би рекол Горан Стефановски). Во таа насока, овие земји, кои се и НАТО-членки (без Финска и Шведска, барем засега сѐ уште формално, оти Ердоган рече дека наводно имал асови да ги блокира ако не го одржат ветувањето, кое повеќе заличи на театар отколку на сериозен проблем – за ова во друга пригода), имаат друг приоритет.

Да сумираме (за ова пишувавме во неколку наврати), тежата на релевантноста на одредени играчи во ЕУ по затворањето (иако нема да биде бргу) на проблемот со Украина (на кој било начин) нема да биде иста како сега. Балтичките земји, заедно со северноевропските и оние од Централна и Источна Европа, веќе не ги „шишаат“ старите играчи. Во однос на тоа, неколку работи како индикатор. Прво, Столтенберг најголемо внимание ѝ посвети на загриженоста на балтичките земји, кои се отворено против пристапот на Франција и Германија кон проблемот со Украина. Второ, Британија, а и новото распоредување американски војници, гради една поинаква слика за приоретизирање на нештата. Литванија, заради националната безбедност, како што изјави министерката за внатрешни работи Агне Билотаите, внимавајте, ќе продолжи да не ја почитува пресудата на европскиот суд и да ги затвора мигрантите.
Да не се разбереме погрешно, ова не е став дека либерално-демократскиот свет е пред колапс. Напротив, дека центарот на влијание и одлучување, а со тоа и тежина на нештата, се изместува. Иако не е докрај и има доста додека тоа се оформи, поентата е дека старите играчи ја губат водечката палка по многу параметри. За нас, да не се лажеме, во реалноста, но особено за ограничената перцепција кај самопрогласените елити, старите лидери си газат. Аргументацијата на оваа дебела увертира ќе ја направиме преку перспективата околу Калининград и стратегиските сега официјални визии од сега последниот НАТО-самит.

НАТО, во кој САД, не само џуџињата од Европа, имаат збор, според последниот самит јасно го нагласи приоритетот. Тоа се Балтикот и Источна Европа. Зборовите на естонската премиерка се силни и имаат американски префикс. Одвраќање преку откажување е најблискиот превод што можеме да го дадеме во пораката што ја форсираше европското крило, ама ова новото, не старото. Тоа, иако е општо и политички, кога ќе го операционализирате, е далеку од она што старите играчи се обидуваат да го протнат како европски став. Следно, по самитот во НАТО одбраната во ЕУ е на клупа за резервни играчи. Тоа значи дека освен Франција, која ќе сака, па не сака да е со НАТО, и Германија, која е ни ваму ни таму во реалноста, освен „најс толкс“ и полирани изјави, нема да видиме нешто конкретно (за ова во наредниот број). Изјавата на естонската премиерка е битна, бидејќи таа задира во срцето на т.н. „тривајар“ пристап, кој е ништо друго туку компромис од минатото. Тој компромис е да се задоволи Германија (поради тоа што заговара мали сили што се елитни и мобилни), Франција, која сака да глуми де НАТО де апстиненција, ама затоа гази во Африка и сака европски сили и пред сѐ затоа што „јенките“ имаа сериозен проблем да ги дефинираат приоритетите за заканата од Русија и Кина. Сега сѐ е сменето.
Сега итната опасност е Калининград. По мадридскиот самит, но и по средбата на другиот блок, реториката добива жешка платформа, за која гледаме дека не е само „талкс“, „празни зборови“ туку операционализирање. На терен пред да ја затвориме дилемата за стравот од Калининград, само да потсетиме дека една од тезите за тоа како се одвива војната започна да се остварува, а тоа е дека Русија иако „Пирово“, ја бои картата на Украина во црвена. Тоа што е интересно е што најголемиот дел ресурси со кои Украина придонесуваше на светско рамниште, а се битни за либералниот комодитет, се тука, баш во тој ново обоен црвен дел. Знаејќи го тоа, малата Литванија, која има голем проблем не само со источната граница туку и на запад, каде што Калининград е руска територија, започна да пркоси. Независно, дали како што сметаат некои, ова е гласот на Британија и САД, или не е точно, е небитно. Тоа што е битно е дека Литванија ѝ се спротивстави на Русија во Калининград и со тоа има можност да создаде сериозен проблем за неа.

Иако во минатиот број начнавме доста стратегиски рамки што имаат сериозна основа за влијание, овде ќе се обидеме да го дообјасниме сето тоа. Калининград е важен за Русија бидејќи е седиште на Црноморската руска флота. Овде се распоредени системите „искендер“, за кои и западните разузнавачи (да, оние што точно предвидоа сѐ во тој контекст) тврдат дека имаат нуклеарен капацитет. Овде дополнително Русија има распоредено системи „С 400“, против поморски ракети „бастион“ и крстосувачки ракети „калибар“. Овде беше срцевината на вежбите „Запад 2017“ и „Запад 2021“, во кои Русија демонстрираше моќ, но имаше и цел да прати одвраќачка и предупредувачка порака за Западот. За Русија, Калининград е на ранг на егзистенцијална важност. Оваа област има психолошка, воена и поширока стратегиска важност за Путин, особено во контекст на дополнителното поларизирање на односите, за среќа на сите, само во наративна форма. Шефот на советот за безбедност на Русија и еден од блиските советници на Путин за целата оваа ситуација, Николај Патрушев, не остана должен и порача дека Русија ќе одговори одлучувачки во однос на Калининград. Тоа загрижи многумина, дека сепак директна конфронтација помеѓу НАТО и Русија е можна. Проблемот е во тоа што ЕУ, како и секогаш досега, сакаше да постигне нешто со санкциите „ама молеше бога да не се случи тоа “, па и со тоа Литванија да ги спроведе докрај санкциите. Така, дел од раздорот помеѓу старите и новите играчи условно, кој засега е латентен и не доби на значење поради самитот во Мадрид, е и предлогот сепак да се дозволи дел од артиклите да оди за Калининград.
Поголемиот дел аналитичари што се занимаваа со ова прашање сѐ уште веруваат дека одвраќањето ќе има своја улога, тргајќи од хипотезата дека Русија е свесна за тоа дека ако тргне во напад на НАТО, последиците ќе бидат катастрофални. Од друга страна, останува опцијата со која Путин може да продолжи да пробува и да го тестира НАТО играјќи на картата на неединството на Запад. Засега тоа неединство не е баш до таа мера што е наклонето на Путин. Дека постои, тоа е сигурно, но дали тоа ќе се ефектуира, останува да се види. Идејата за инвазија на Украина беше да го оттурне НАТО од проширување. Одговорот на НАТО беше: повеќе НАТО, не помалку НАТО. На самитот во Мадрид се потврдија и заложбите од Букурешт, кои се со стратегиска релевантност за Грузија. Она што плаши е фактот дека се најавува сериозна криза, особено во прехранбениот сектор. Продлабочувањето на енергетската криза и инсистирањето на наплата во рубли – делумна доминација во монетарниот сектор, се работи што го окуражуваат Путин. Уште повеќе разумот е стеснет кога победата, Пирова или не (зависи како ќе си ја претставите), станува евидентна, освен ако Западот не стори нешто повеќе, што ја потпалува можноста од натамошна ескалација. Сето тоа, драги мои, го смрзнува умот од она што може да се случи со човештвото.

Методи Хаџи-Јанев

(Авторот е универзитетски професор, придружен професор на Државниот универзитет во Аризона, САД.)