Партија, партија – тежок живот без партија

Еден мој пријател ми вели дека денес во Македонија тешко на оној што е стар, болен и сиромав. Уште потешко му е ако нема пријатели што ќе му помогнат во неволја. А најтешко му е на оној што не е член на партија, особено на победничката, на онаа што е на власт. Таквиот човек е исправен пред триста проблеми. Нема здраво здравство, ќе чека ред во нередот на државните болници. Не може да добие судски спор, минуваат девет-десет години да се реши. Нема пари да школува дете. Преку неговиот скинат џеб не е во моќ да потплати таму кај што треба, зашто сите знаат дека корупцијата незапирливо цвета без разлика кој е на власт. Мнозинството пензионери со тешка мака обезбедуваат стресен живот, што вклучува гола исхрана, не луксузи.
Како заклучок на неговото мислење, тој ми наведува дека сѐ е поинаку ако човекот (кој било) е член на партијата што владее, ако е близок со некој што е некаква алка (макар и најлабава) во власта, ако има пари да корумпира министри, судии, градоначалници, доктори. Особено ако е ербап за тандем-тендери, половина тебе – половина мене. Само ако си член на партија, добиваш работа, позиции, советнички места, награди, медали, признанија, дебели хонорари. Колку и да си виновен не одговараш пред законот, партијата наоѓа патишта да те ослободи дури и кога си обвинет за милионски криминали. Ако не си нивен, ако не си во „тефтерчето“, не можеш да се доближиш ни до резервната клупа, а камоли да те вклучат во играта.
По тој систем големите криминалците што извршиле „епски“ криминали се над системот и на слобода, ситните џепчии по затвори, колку да има урамнотежена затворска статистика. Од осамостојувањето досега, 35 години сѐ е исто, нема некоја голема разлика.
Но што кажува историјатот на партиите?
Во Речникот на македонскиот јазик на Блаже Конески или во Дигиталниот речник со зборот „партија“ се означува политичка странка што има свое членство, група луѓе обединети од некакви општи интереси и сврзани со заедничка работа, кои имаат заедничка програма, интереси и цели. Зборот „партија“ е од женски род, но, како што е познато, со векови, партиите биле главно за мажи, како што во најголем дел била и целокупната светска политика. Жени владетели, претседатели или премиери биле малку, но затоа се паметат, тие биле скриената душа на многу историски пресврти.
Македонија по независноста навистина напредува на овој план, на планот на таканаречената „родова еднаквост“. Дури и со закон е регулирано колку и какви жени на кои места треба да бидат предлагани, избирани, застапени, како да учествуваат во општествениот, политичкиот, стопанскиот и другиот живот. Во некои сектори дури одумира машкиот свет, со цврста рака владее женскиот. Конечно, Република Северна Македонија во името на Гордана Сиљановска-Давкова ја доби првата жена избрана за претседател на државата.

Прашањето е: Може ли денес да се замисли животот без политички партии?
Едно е извесно: да не се лажеме дека тие ни се замешале во животот само нам и од скоро. Еден краток преглед ќе нѐ убеди дека како што било некогаш, така е и сега. Политичките партии, во разни форми, постојат од древните времиња, далеку пред антиката. Уште во вториот милениум пред нашата ера, кога вавилонскиот бог Мардук дошол во судир со другиот бог што го носел името Енил. Нивната пресметка и пресметката на нивните приврзаници не се одвивале низ избори на кои ќе гласа народот, туку со помош на божји средства, со понекој меч и пресечена глава. Многу подоцна се појавиле организирани групи луѓе за освојување политичка власт и моќ, кои на почетокот се разликувале по тоа на кои богови им припаѓаат (во кој бог веруваат).
Лидери можеле да бидат само свештениците, царевите и богаташите. Народот бил на последно место, маса што била вклучувана или користена во политичкиот живот само кога за нешто била потребна, главно да војува и да гине. Првите „цивилни“ партии колку што се оддалечиле од религиските рамки толку биле израз на клановски и племенски поделби, на различни сфаќања и големи несогласувања околу многу прашања за животот и природата. Сепак оттогаш, најпрвин во Елада, почнала демократијата, односно вклучувањето на народот во „високата“ политика преку избирање негови претставници во тела што имале законодавни, судски и извршни должности.
Народните претставници биле и добро платени, како што биле добро плаќани и судиите за да не може некој да ги подмитува и да влијае врз нивните одлуки. Во тоа време почнале да се формираат собранија чии пратеници, освен правото на збор и на глас, имале задача да ги осудуваат политичарите фатени во злоупотреба на државни пари, во крадење или криминал или за кои мислеле дека се неспособни да владеат. Истовремено, слободните граѓани на глинени табли ги испишувале имињата на нечесните политичари. Дека нечесноста била масовно раширена сведочат многуте такви табли што ги пронаоѓале археолозите векови подоцна.
Изборите не биле борба само за функција туку значеле и пари и низа привилегии за победниците. Кон нив полека-полека се приклонувале или во нив се зачленувале и оние што биле поразени, што имале друга припадност или идеологија. Тоа се познатите политички пребези, наречени „сончогледи“ во македонската политика. Во многу случаи се покажувало дека парите, статусот, власта и моќта биле посилни од идеологијата. Оттогаш политичките партии почнале и да ги решаваат проблемите на голем број луѓе, пред сѐ на членовите и семејствата на победничката партија запоставувајќи ги членовите на поразената.

Оттогаш луѓето што немале поим од политика, ниту таа ги интересирала, почнале да ја користат како средство за решавање на личните проблеми, како средство за богатење, иако ниту ја сакале ниту ја почитувале идеологијата на партијата во која членувале.
Партијноста не е само партиска припадност туку и начело по кое политичката, јавната, научната, уметничката и друга дејност мора да им служи на интересите и целите на партиите. Таа е дел од комплексната идеологија и доктрина на владеење и водење на државните работи. Овој термин денес е заменет со зборот партизација, избран како помодерен, посовремен, иако е од времето на болшевизмот во Русија.
Партијноста, партизацијата, подразбира лојалност, преданост, посветеност, верност, солидарност и пожртвуваност, партијата да е поважна од личноста, па дури и од семејството и животот. Како и да е, партизацијата денес е главна и неодминлива карактеристика на македонскиот политички живот, дури и на целото општество. Ако не си опфатен со партизмот, ако не пливаш во водите на партизацијата, ако не си во некоја важна партија, тогаш си ништо, не вредиш ни пет пари. Ако во комунизмот за која било работа се бараше подобност, сега главен услов е да си партизиран. Во што е разликата порано и сега тешко е да се одговори.