На Мечкин Камен – осумдесет години потоа

На Мечкин Камен – осумдесет години потоа

…Крушево, почеток на деведесеттите, минатиот век, локација Мечкин Камен. Сцена, масовка – херојската битка меѓу турски аскер и комити востаници во одбрана на Републиката. Тон, камера, командува режисерот Димитрие Рули Османли. Дејствие, пукот, пиротехника, извици, во широк план деjствието го следи и снима директорот на фотографија Драги Таневски. Со аскерот костимиран како турски офицер командува Душан Зега, менаџер на продукцијата, искусен филмски работник од Белград, помошник по режија во многубројни филмски проекти во Југославија, човек од кого ние помладите од секторот режија учевме и научивме многу. „СТОП – Мртви не мрдај, остани кај што си“, командува водачот на снимање…
Така некако се одвиваше денот на снимањето тој ден на Мечкин Камен, на местото каде што во 1903 година се случила епската битка за одбрана на првата република на Балканот, меѓу чета востаници и многуброен турски аскер. Ова „мртви, не мрдај“, за учесниците во сцената, но и за дел од екипата прозвучи комично, но така е тоа во филмскиот жаргон и со цел разработка на сцената, каде што во секвенцата во монтажата се вметнуваат крупни планови и детали, од загинати и ранети борци, востаници, аскер, учесници во битката.
Драмската серија „Илинден“ е уште едно од големите искуства од „златната доба“ на играната продукција на МРТВ, тогаш Телевизија Скопје. Бев еден од асистентите по режија во две од четирите епизоди од проектот работен по сценарио на Александар Алексиев. Вредно, непроценливо искуство. Продукциски еден од најсложените и најскапи играни проекти во историјата на македонската кинематографија. Многубројна екипа, два месеца стационирана во хотелот „Монтана“, кој беше претворен безмалку во филмско студио. За големите масовни сцени беше направен договор за соработка со тогашната ЈНА. На падините во крушевската корија беа стационирани и логоруваа над илјада војници, кои костимирани во турски аскер, според скиците на костимографката Рада Петрова, учествуваа во масовните сцени. Локациите и објектите беа одбрани и подготвени од сценографите Васко Ташковски и Илија Велевски и многубројна сценска екипа, продуценти, организатори, оружари, гардеробери, сликари изведувачи, реквизитери, маскер-шминкери.

За потребите на драмската серија, од Мостар беа донесени нагант-револвери, топови и оружје од времето, костими од „Јадран филм“ – Загреб и Кошутњак од Белград, пиротехника, каскадери… Во Крушево пристигна и кавалерија од Пула предводена од извесниот Милан Митиќ, познат во филмскиот свет по соработките во странски копродукции и филмови.
Во нерамната битка на Мечкин Камен загинуваат четата составена од комити, востаници и нивниот легендарен водач Питу Гули, улога што ја толкуваше артистот Ненад Милосављевиќ. Многубројна екипа артисти беа ангажирани во овој епски филмски проект. Дине Дрваров како Никола Карев, војводите Александар Шехтански, Кирил Псалтиров, Кирил Ристевски… Мери Бошкова, Петре Прличко, Нада Гешовска, Мето Јовановски, Ацо Јовановски, Мајда Тушар, Тодор Николовски, Димитар Гешовски, Благоја Спирковски-Џумерко, Ацо Стефановски, Томе Витанов, Борис Чоревски, Дарко Дамевски, Драги Костовски и редица други артисти од сите генерации. Во серијата учествуваат и голем број граѓани на Крушево како епизодисти, статисти, кои во паузите на снимањата, онака костимирани се рашетуваа по Крушево и во склад со убавите крушевски визури, куќи и градби во поширокиот простор создаваа неповторлива глетка и атмосфера, во кои како да оживеа времето на Илинден и Републиката.
И како секогаш на снимањата има голем број случки, анегдоти, моменти за паметење. Една од оние што се памети е подготовка на кавалеријата за сцената на влегување на Питу Гули во градот, за која во разработката и планот за снимање беше предвиден и потребен бел коњ. Продуцентите и организаторите и покрај обидите, тие денови не успеваат да најдат бел коњ како што е запишано во разработките и планот на снимање. Решението по предлог на искусниот менаџер на продукција Зега е да се најде каков било, се разбира, личен и здрав коњ и да се бојадиса во бело.

Сликарите изведувачи одбираат бел поликолор и го бојадисуваат коњот на кој Питу треба да везе во градот. На денот на снимањето пред хотелот врева. Стопанот на коњот коси корне, во солзи моли да му го вратат коњот бидејќи бојадисувањето со поликолор може да биде кобно за животното, кое, според негови зборови, преку гривата и влакната дише. Сѐ добро се заврши, сцената е снимена, коњот му е вратен на стопанот и наредните денови разбравме е во добра состојба.
Сцена за незаборав. Екстериер – ден. Се подготвува масовка пред Куќата на републиката. Карев треба да го чита прогласот. Во масовната и комплицирана сцена костимирани граѓани крушевчани, рутинирани и трпеливи статисти, востаници, комити на коњите пристигнати од Пула, костимирани каскадери, подготовки, дотерувања, проби, глетка за паметење. Дел од екипата осветлители, слободни тој термин поради денско снимање, се појавува на една височинка над сцената со вреќички прашок за перење, што беа ги купиле во блиската самопослуга. Џагор и врева меѓу учесниците во масовната сцена, кои ја напуштаат сцената и онака костимирани се растрчуваат по гратчето да набават детергент за себе, кој во тоа време беше дефицитарен производ и кога ќе пристигнеше во трговските дуќани брзо го снемуваше.

На сцената пред Куќата на републиката останаа збунети и зачудени каскадерите на коњите. Секторот режија во очај. По малку време, кога „граѓаните“ се вратија на сцената, одново подготовки, обид, знак тон, камера, акција – командува Рули Османли. Карев на балконот го чита прогласот. Снимањето на сцената и покрај сите перипетии успешно заврши. Остана во сеќавање оваа случка од „собитиен карактер“, сведоштво за едно време.
Телевизиската серија „Илинден“ има четири епизоди насловени: „Горчини“, „Слобода или смрт“, „Република“ и „Непокор“. Се снимаше и реализираше во Крушево, околината и во Битола и беше прикажана на каналите на ЈРТ. Според рејтинг-анализите на службите во ЈРТ, серијата ја гледале над осум милиони гледачи. По осамостојувањето, по чудни и докрај неразјаснети околности, серијата, која вообичаено се реемитуваше во деновите на илинденскиот јубилеј, ја снема од програмите. Технички неисправни ленти, неажурна уредничка политика, намера? За тоа во некоја наредна колумна.

Автор: Аљоша Симјановски