Фото: Пиксабеј

Корисниците на Фејсбук, Инстаграм и Месинџер повторно можат да пристапат до своите профили, откако глобалниот прекин на услугите на компанијата „Мета“ траеше повеќе од еден час.

Од компанијата соопштија дека системите постепено се враќаат во нормална функција, но предупредија дека ќе биде потребно дополнително време за целосна стабилизација на сите услуги.

„Се враќаме, иако можеби ќе биде потребно малку време за сè целосно да се врати во нормала“, објави шефот за комуникации на „Мета“, Енди Стоун, на платформата Икс.

За време на прекинот, голем број корисници беа автоматски одјавени од своите профили и не можеа повторно да се најават. На екранот се појавуваше порака дека „нешто тргна наопаку“, додека кај Messenger беше оневозможено испраќањето и примањето пораки.

Според податоците на платформата Даун Детектор (DownDetector), која следи прекини на интернет-услуги, бројот на пријавени проблеми достигна повеќе од 132.000. Сепак, по враќањето на услугите, бројот на нови пријави драстично се намали и вечерва изнесува околу 600.

Засега од „Мета“ не објавија детали за причините што доведоа до прекинот на Фејсбук, Инстаграм и Месинџер.