Можна ли е алтернативна македонска надворешна политика?

(прв дел – конзуларно работење)

Зошто конзуларните услуги на МНР и на дипломатската мрежа мора да бидат беспрекорно организирани и наедно најпрепознатлив дел од работењето на македонската дипломатија? За време на пандемијата, особено во оној најизострен дел, кога целокупниот глобален превоз на патници беше безмалку во целосен прекин, британската дипломатија беше премногу загрижена, па дури и во блага паника. Дипломатијата е премногу скапа цена за суверенитетот на една држава, а во услови на демократија и на информирано граѓанство секогаш е многу тешко да се оправдаат трошоците за одржувањето на дипломатската мрежа. Плодовите од дипломатската работа најчесто се невидливи дури и за најинформираните граѓани, никогаш не доаѓаат прекуноќ и секогаш се производ на долготраен труд. Дипломатските вештини се всушност политички вештини. Досетливиот виц вели дека „политичарот е дипломат што излегува на избори, а дипломатот е политичар што никогаш не излегува на избори“. Во основа, дипломатијата е перманентна политичка класа, која работи на проекција и на одбрана на националните интереси на државата низ Земјината топка. Содржината на надворешната политика ја дефинираат политичарите што победиле на избори (во демократски држави), но ја спроведуваат професионалните дипломати. Тие ја претставуваат сопствената држава во светот, информираат за глобалните збиднувања во главниот град и преговараат во името на својата влада. Но, за разлика од политичарите, чија работа се одвива под будното око на јавноста и на медиумите, најголемиот дел од дипломатската работа не се одвива под рефлекторите на телевизиските камери, па оттука произлегуваа и таа мистика околу самата природа на дипломатската работа. Затоа е тешко да се објасни, квантифицира и оцени работата на професионалната дипломатија.
Меѓутоа, конзуларниот аспект од дипломатската работа е нешто сосема поинаку. Тука работата на дипломатот е секогаш итна и неопходна, а резултатите од нејзината (или неговата) работа се мошне јасни и опипливи. Токму затоа врвните дипломати од британскиот Форин офис беа мошне загрижени кога се прекина глобалниот проток на луѓе. Како да се оправдаат трошоците за дипломатската мрежа кога никому и никаде не му е потребна конзуларна услуга? За среќа, светот брзо излезе од менгемето на пандемискиот карантин, па глобалните номади продолжија да крстосуваат по планетава. До пред речиси два века не постоеле ни јасно дефинирани гранични црти, ни гранични полиции, а ни гранични премини (интересно е кога се чита познатиот „Ориент експрес“ од Агата Кристи дека во книгата не е опишан ниту еден граничен премин или познатите ритуали за негово преминување). Не бил развиен ни денешниов елабориран систем на документи за личен идентитет и за пристап кон други државни услуги (пасоши, лични карти, возачки дозволи, здравствени картички, гласачки легитимации и слично). Модерната бирократија, правната држава и современата технологија им овозможуваат на државите да навлезат и да регулираат сè повеќе аспекти, па документите и службениците, иако се ноќна мора за граѓаните, го олеснуваат живеењето.

Но иако документите го олеснуваат живеењето, на граѓаните им е потребна конзуларна помош секогаш кога ќе ја преминат границата на сопствената држава. Имајќи предвид дека светот е одамна едно глобално село, во дваесет и првиот век државјаните на Македонија живеат, работат, студираат и патуваат насекаде. Македонската независност и сувереност, како и постоењето на македонската дипломатија, создава и обврски да му се пружи услуга на секој носител на македонски пасош на која било точка на Земјината топка. Затоа е неразумно тоа што Македонија сè уште ја нема комплетирано својата дипломатска мрежа во сите региони на планетата, за што ќе се зборува во едно од следните продолженија на овој серијал.
Иако се направија некои почетни и рудиментарни обиди, во зградата „Борис Сарафов“ е нужно да профункционира дежурен кризен центар, составен од припадници на сите институции поврзани со конзуларните служби, а пред сè МНР и МВР. Исто така, секоја македонска амбасада мора да се опреми со дигитални машини за изработка на македонски пасоши, а буквално секоја итна конзуларна услуга мора да излезе од македонската бирократска и дипломатска машинерија за 24 часа. За време на моето службување во Бразилија, тамошната македонска амбасада ги имаше сите контакти од најфреквентните аеродроми во Јужна Америка (двата во Сао Пауло, Рио и Буенос Аирес, како и аеродромите во Лима, Куско, Сантјаго и Богота), а јас како амбасадор ги имав и телефоните од командирите на граничните полиции на овие аеродроми. Исто така, сите контакти на амбасадата беа споделени и со компаниите за изнајмување возила, но и диспечерите на такси-службите во клучните популациски и туристички центри на Јужна Америка. Во конзуларниот дел од нашата работа најсимпатична ни беше соработката со бекпекерите, македонските апсолвенти што по завршувањето на студиите крстосуваат низ светот само со ранец и со план за посета на сите континенти. Меѓутоа, најтешка беше работата со нашите државјани што заглавиле во казнено–поправни домови во странство. Македонија мора да се труди сите овие наши сонародници да ја дослужат казната дома, покрај своите семејства и пријатели.
Покрај тоа, за време на пандемијата и благодарение на активирањето на цивилниот механизам на Европската Унија, македонската дипломатија влезе во конзуларната координација на ЕУ, па се стекнавме со непосредно искуство како да сме веќе земја-членка. За жал, ова право ни се ускрати кога заврши вонредната состојба, но фокусот на нашата работа треба да биде итно вклучување на македонската дипломатија (и дипломатиите на сите земји-кандидати) во конзуларната координација на Европската Унија, како и склучување соодветни спогодби за издавање европски патен лист за македонските државјани во кое било конзуларно претставништво на која било земја-членка на ЕУ каде било во светот. Тоа би бил еден ефективен потег и јасен сигнал дека Македонија се наоѓа пред самите порти на Европската Унија, наместо оваа чудна, непотребна и налудничава најава за повторно кревање на бариерите за слободно патување кон нас, во форма на некакви дигитални визи.

„Глобална Македонија“ може да се вика идниот проект на МНР што ќе ги обедини сите овие конзуларни информации во еден кризен центар во Скопје, своевиден нервен центар на македонските миграции. Во денешно време се променети навиките на македонските граѓани, па македонската дипломатска служба мора будно да се грижат за нивниот живот, здравје и благосостојба на која било точка на глобусот. Само така може да се оправдаат трошоците за одржување на нашата дипломатска мрежа, со што ќе се олесни и ќе се овозможи и другиот дел од дипломатската работа. Овој проект нема да биде ниту евтин ниту лесен за изведба, но е неопходен за една модерна европска и индустријализирана држава, со мобилно население како Македонија. Се разбира, најтешка ќе биде промената на културата во македонската дипломатија, проблем со кој се судираат и многу постари и пофункционални конзуларни служби. Измина времето на ригидни бирократски системи, бесчувствителни кон потребите на граѓанинот и насочени единствено кон заштита на службеникот. Време е за една македонска конзуларна служба, скроена според потребите на државјанинот, услужно ориентирана кон граѓанинот како краен корисник и насочена кон исполнување на неговите барања.

Ивица Боцевски

(продолжува)