Редакциска опсервација
- Во администрација што ретко толерира неуспех, Венс се позиционира како политички амортизер. Тој сега е човекот што треба да апсорбира удари од однапред ризични, па дури и „невозможни“ дипломатски мисии
Кога американскиот претседател Доналд Трамп во свој стил се пошегува дека ќе го обвини потпретседателот Џеј Ди Венс ако пропаднат преговорите со Иран – а ќе ја преземе целата заслуга ако успеат, тој всушност несвесно ја сумираше суштината на улогата што му е доделена на потпретседателот. Во администрација што ретко толерира неуспех, Венс се позиционира како политички амортизер. Тој сега е човекот што треба да апсорбира удари од однапред ризични, па дури и „невозможни“ дипломатски мисии. Оваа динамика не е само реторичка. Таа станува структурен дел од начинот на кој функционира надворешната политика на САД под Трамп, со јасна поделба. Успехот е претседателски, неуспехот е колективен, но персонализиран преку потпретседателот.
Двојниот неуспех на Венс во Европа и на Блискиот Исток
Во рок од само една недела, Венс се соочи со два сериозни дипломатски предизвика – и двата со мал простор за успех. Прво, неговата посета на Унгарија со цел да му помогне на Виктор Орбан, симбол на европскиот суверенизам и близок до движењето МАГА. Тоа беше ризичен потег што имаше индикатори дури и за кршење на одредени дипломатски конвенции (директно мешање во предизборие), при што истиот тој заврши без посакуваниот ефект.
Натаму, следуваше уште покомплексна мисија за Венс. Имено, патувањето во пакистански Исламабад и 21-часовните разговори со Иран за нуклеарната програма и безбедноста на Ормускиот Теснец. И покрај високото ниво на делегацијата, вклучително и Стив Виткоф и Џаред Кушнер, исходот беше неуспех.
Така, со губитнички скор, во спортски жаргон изречен, со резултат „0 од 2“, Венс практично стана лице на две од најголемите дипломатски разочарувања на официјален Вашингтон, во моментот.
Политички громобран за туѓи одлуки
Клучното прашање е дали Венс навистина потфрли или беше испратен во мисии каде што успехот однапред беше малку веројатен? Затоа што се знаеше дека и во двата случаја, условите беа крајно неповолни. На пример, во Унгарија, поддршката за Орбан влегуваше во политички момент на замор од долгогодишно владеење, а во односите со Иран, преговорите беа оптоварени со закани од Трамп за воена интервенција, што суштински ја поткопуваше дипломатската позиција. Но, без разлика на сѐ, сето ова укажува на еден друг момент, а тоа е дека Венс не ја креира политиката, туку ја извршува, а често во најнеповолниот можен контекст. Тој станува извршител на однапред одредени контрадикторни цели на лидерот на САД.
Личниот ризик на Венс и политичка кариера во сенка на туѓи одлуки
За Венс, кој веќе се позиционира како потенцијален кандидат за претседателските избори во 2028 година, оваа ситуација носи сериозни последици. Во политиката, перцепцијата често е поважна од реалноста. А перцепцијата што се гради е дека тој е поврзан со неуспеси, дека нема автономија во одлучувањето и дека е инструмент на политика што не ја контролира, велат нашите брифери, дипломати од кариера, при што додаваат дека „неговата лична позиција може да стане уште покомплицирана“.
Како конвертиран католик, Венс потенцијално би можел да биде вовлечен и во нови контроверзии, особено во контекст на нападите на Трамп кон папата Лав Четиринаесетти. Тоа би го ставило во незавидна позиција меѓу личните убедувања и политичката лојалност.
Потпретседател како политички „штит“
Историски гледано, улогата на потпретседателот често била маргинална. Но во овој случај, таа добива нова димензија.
– Сега, Венс не е само заменик туку и политички штит. Тој е испратен таму каде што ризикот е најголем, а добивката неизвесна. Ако успее, заслугата ќе оди погоре, кај претседателот. Ако не успее – одговорноста останува кај него – велат нашите соговорници.
Џеј Ди Венс се наоѓа во парадоксална позиција. Колку повеќе е лојален и активен, толку повеќе ризикува да стане симбол на неуспеси што не се негови. Доколку овој тренд продолжи, неговата политичка иднина може да биде сериозно компромитирана, можеби не поради недостиг од способност, туку поради улогата што му е доделена.
Според нашите соговорници, „во администрација каде што успехот е строго централизирана категорија, а неуспехот се делегира, Венс би можел да остане запаметен не како архитект на политика, туку како нејзина највидлива жртва“, што полека станува сѐ повидливо. Р.Н.М.
































