Kако американскиот нафтен парадокс ја (ре)дефинира Европа?
- Американскиот парадокс, односно истовремен извоз и увозна зависност, не останува внатрешна аномалија, туку директно се прелева врз Европа, обликувајќи нова енергетска реалност. По прекинот или драстичното намалување на руските испораки, европскиот континент забрзано ја пренасочи својата енергетска архитектура кон Атлантикот. Во таа нова конфигурација, САД не се само снабдувач туку и клучен регулатор на стабилноста. Европските рафинерии, кои со децении беа приспособени на руската мешавина, сега функционираат со нов „влез“ – американска лесна нафта, често комбинирана со други извори за да се постигне потребниот баланс
Американската нафта ѝ донесе на Европа нешто што во услови на криза, кое, патем споменато, е исклучително важно, е фактот што ЕУ сама поточно либералните бриселски елити сами си ја генерираа кризата и се доведоа во ваква ситуација, со погрешните енергетски (а и други) политики. Во јавноста во Европа, Брисел тоа го правдаше со „аргументи“ од областа на безбедноста. Имено, пропагирајќи опасност од воена агресија од Русија, тие велеа дека „поважни од цената се безбедноста и сигурноста, кои доаѓаат од САД“, вклучувајќи ја и сигурноста на снабдувањето со енергенти, иако со повисока цена“. И навистина, таа „сигурност“ си имаше своја цена.
Транспортот преку Атлантикот, зависноста од глобални танкерски рути и конкуренцијата со азиските пазари значат дека Европа често плаќа премија. Дополнително, бидејќи САД самите увезуваат одредени типови на нафта, глобалните ценовни шокови се пренесуваат речиси директно на европскиот пазар.
Со други зборови, Европа не само што купува американска нафта туку таа и индиректно учествува во сложениот американски баланс меѓу увозот и извозот. Заблудите на Брисел или пак можеби намерно водените такви енергетски политики, сега излегуваат на виделина. Како целосно погрешни, а резултатите се повеќеслојни и очигледни: енергетска криза, економска криза, деиндустријализација, раст на цени и инфлаторна спирала и барање решение во динамична милитаризација на Европа и продолжување на војната во Украина…
Рафинерискиот предизвик
Еден од најмалку видливите, но најзначајни ефекти од овој однос е техничкиот притисок врз европските рафинерии. Многу од нив се дизајнирани за потешка сурова нафта, додека американската понуда е претежно лесна.
Ова создава неколку последици, и тоа потреба од технолошки адаптации и инвестиции, потоа зголемени трошоци за мешање различни типови нафта, како и намалена ефикасност во одредени сегменти. На краток рок, тоа е товар. На долг рок, тоа може да стане двигател за модернизација, но по цена што Европа мора сама да ја плати.
Геополитичка прераспределба
Американскиот парадокс ја зајакнува трансатлантската врска, но истовремено ја става Европа во нова форма на зависност. Наместо еден доминантен снабдувач како Русија, Европа сега е поврзана со систем што е пофлексибилен, но и покомплексен.
Тоа носи двоен ефект, како што е намалување на геополитичкиот ризик од еден извор, но во исто време и зголемување на изложеноста кон глобалните пазарни турбуленции. САД, со својата способност да пренасочуваат „слободни барели“, стануваат клучен играч во кризни ситуации — но таа улога не е безусловна, бидејќи американскиот пазар прво реагира на домашните потреби.
ЕУ, бегајќи од Русија, влезе во мрежата на САД
На хартија, Европа денес има повеќе извори на нафта од кога било. Но суштината е покомплицирана. Но, излезе дека е илузија за диверзификација на снабдувачите на нафта, бидејќи диверзификацијата не значи нужно независност. Ако клучниот „балансер“ на системот е една економија (на ЕУ) е во случајов САД, тогаш ризикот не исчезнува, туку се трансформира.
Европа денес е помалку ранлива на политички притисок од еден снабдувач, но повеќе изложена на ценовни флуктуации, на логистички тесни грла и на глобални шокови во понудата.
Имено, американскиот нафтен парадокс создаде нова енергетска реалност за Европа: „стабилност без енергетски суверенитет“ што ја одзема вистинската енергетска автономија.
Европа можеби добива „сигурен“ партнер, но не и целосна контрола врз сопствената енергетска судбина.
Во свет каде што енергијата станува инструмент на геополитика, оваа разлика е клучна. Европа повеќе не користи еден (источен) снабдувач, но останува дел од систем во кој правилата се поставуваат на друго место.
И токму таму лежи вистинската тежина на американскиот парадокс: тој не само што ја редефинира моќта на САД туку и ја ограничува автономијата на оние што зависат од нив. Е.Р.































