ШАХ – ПОЕДИНЕЧНО ЕП 2026
- На едно коло пред крајот на ЕП 2026, најдобропласиран Македонец е Златков, на 61. место, со шест поени
Максимален ефект од четири победи во исто толку партии е збирниот резултат на четворицата македонски шахисти во 10. коло на 26. поединечно Европско првенство (ЕП) во Катовице (Полска), што го прави најуспешен нивниот досегашен пласман. На ЕП 2026 играат 501 шахист од 41 држава (94 велемајстори).
ФИДЕ-мајсторот (ФМ) Антон Златков (рејтинг 2.299, рангиран 254. пред турнирот) направи пријатно изненадување победувајќи шести пат на ЕП 2026, овој пат со црни фигури против полскиот велемајстор (ВМ) Грегож Насута (2.506/80.), што на едно коло до крајот на ЕП 2026 му го донесе извонредното 61. место, нови 57 рејтинг-поени и играчки перформанс од 2.524 поени. Интернационалниот мајстор (ИМ) Емил Ристески (2.416/152.) со бели фигури го совлада ФМ од Шпанија, Арон Карлос (2.296/257.) и моментално е 211-ти со пет поени. ИМ Тони Лазов (2.339/183.) со црни фигури го надигра чешкиот ФМ Бруно Топенчик (2.265/280.) и сега со 4,5 поени е 223-ти. ФМ Андреј Велјаноски (2.255/287.) со бели фигури беше поуспешен од полскиот ФМ Филип Лучак (2.362/203.) и со вкупно 4,5 поени е на 229. место.
Во пресрет на вчерашното, последно коло во водство беа петмина шахисти со по осум поени, но најдобар дополнителен критериум имаше ВМ од Азербејџан, Нијат Абасов (2.586/29.). Г.И.































