Романот „Млекарот“ од ирската писателка Ана Бернс, во превод од англиски на Катерина Јосифоска, е објавен од издавачката куќа „Артконект“, со поддршка од програмата „Креативна Европа“. „Млекарот“ е едно од највпечатливите книжевни дела што се објавени во англиското говорно подрачје во последната деценија, за што сведочат и многубројните признанија што ги добива ова дело, како наградата „Орвел“ (2019), меѓународната книжевна награда „Даблин“ (2020) и престижната награда „Букер“ за 2018 година.
Според „Њујоркер“, романот е проткаен со „црн хумор и адолесцентна лутина кон светот на возрасните и нивните брутални апсурдности“.
Преку уникатниот и впечатлив глас на младата девојка што ја раскажува приказната, Бернс постигнува двојна цел – гради сложен и длабок психолошки портрет на една млада личност и истовремено слика широка панорамска претстава на една токсична и дисфункционална општествена заедница, која се заснова на поделеност, предрасуди и уживање во туѓата несреќа.
– Атмосферата во „Млекарот“ потсетува на делата на Стерн и Бекет – пишува „Гардијан“.
Ана Бернс (1962, Белфаст) е авторка на три романи и на една новела. Својот прв роман, „Без коски“, го објавува во 2001 година, а потоа следуваат „Мали конструкции“ (2007) и „Млекарот“ (2018), со кој постигнува светска слава.