Можеби веќе не сум дел од вашата приказна

Драги мои! Чудно се чувствувам. Одеднаш, веќе не сакам да продолжам да ве радувам. Порано бев спремен со шлепер да го прегазам секој што ќе се обиде да ме спречи да ви ја најавам иднината. Ама сега не е така, некако не ми се мрда од фотелјава. Гледам во снегот низ прозорецот, во оганот што игра среде каминот и убава ми е статичноста, како да сум ја загубил желбата да ви ги исполнам очекувањата. Можеби сум веќе стар, па ми треба замена.
Драги мои! Мора да ви признаам дека и мене ме изненади брзината со која оваа година помина. Не дека првпат се случува ова, оти имало години бавни како полжави, брзи како ајкули или брливи како пеперутки, ама оваа прелета низ мене како интерконтинентална балистичка ракета. Можеби ме вознемирува фактот дека следната година ќе биде иста како претходната, а јас, тоа ми е професионална деформација, сакам изненадувања. Такви беа годините со пандемија. Иста здодевна приказна. Тогаш пандемија, сега војна. Ме исплаши една мисла пред спиење. А што ако фармацијата и индустријата за оружје се договориле, па си го поделиле времето, велејќи, овие неколку години вие ќе заработувате, следните неколку, ние ќе се богатиме? Ме исплаши мислата, оти како теорија на заговор ми заличи. Не за друго, па и јас за многумина сум теорија на заговор, измислена приказна што секоја година се повторува.
Драги мои! Можеби сум збунет и изненаден, па не ми се излегува од собава. Сè повеќе ме чудат и вознемируваат желбите и радоста на луѓето. Јас не можам да разберам од каде толку восхит кај многумина ако некој е осуден и заврши зад решетки. Во ред, можам да сфатам, ако е фатен и осуден некој страшен злосторник, психопат, сериски убиец, ама тогаш чувството е олеснување поради стравот што полека си заминува од срцето и колената, а не радост како да ми се случила најважната работа во животот. Простете на прашање, ама толку ли ви се празни животите? Можам да разберам да сте згрозени поради фактот што секојдневно умираат деца од глад и страдање, оти и јас сум згрозен од тоа и честопати се задушувам од плачење, ама да сум шокиран до хистерија затоа што некој таму бил ослободен од обвинение и тоа да ми биде опсесија до избезумување, повторно ме враќа на она истото, дека нечии животи се празни како Пандорина кутија без надеж во неа. И сето тоа, кога знаете дека има луѓе неправедно обвинети во политички монтирани процеси што скапуваат по затвори само затоа што некому требало да му се покаже својата моќ врз послабите. Можеби навистина е до желбите, можеби токму тие изопачени желби силно ме вознемируваат, па одбивам да ставам нозе во чизмите.

Драги мои! Веројатно веќе не се разбираме. Ете, ви ги читам мислите расфрлени по мрежите, оти тоа се новите писма за комуницирање и не ве разбирам. Па како може да лелекате затоа што градот не бил накитен? Неважно е кој треба да го накити и зошто градот не бил навреме претворен во турбофолк-разгледница, туку ме запрепастува прашањето, што тоа побогу ви прави разлика во животот? Факинг светилки, простете ми на англискиот, среде бесмислена џунгла од бетон загадена од отрови во воздухот и злорадост во срцата? А кога сме кај срцата, што не ги накитите со љубов спрема ближните, за да им помогнете на немоќните, сиромашните, бедните? Не, а? Поважно ви е додека возите да ви капат над глава оние закачени светкави „мрсулчиња“, отколку да им помогнете на несреќните.
Драги мои, изгледа стварно не се разбираме. Не ја разбирам радоста поради нечија смрт, само зашто од неа може да се направи вест со која вашите портали ќе собираат кликови. Простете, ама кликнати сте во умот и душите. Па какви се тие наслови? Државата во шок, нејзината смрт ги потресе сите! Видете како двајца мажи се изрешетани среде кафеана! Вознемирувачки сцени, младата пејачка пронајдена мртва во својот стан! Таткото грмна, мојот син беше принуден да ја убие вереницата! Ма одете, бре, по ѓаволите и вие и вашата сензационалистичка потреба за смрт што ќе донесе читаност. Ама и читателите. Се случила страшна несреќа, некој некого прегазил, усмртил и побегнал, а тоа е навистина ужасно, ама не ми е јасно како вие, демек прекрасни морални битија, полни доблест, интелектуална свест и високо мислење за себе, наеднаш се претворате во сурови џелати што ќе дерат кожи, набиваат на колец, отсекуваат гениталии? Некој го загубил најмилото, извршителот на злосторството сигурно ја загубил совеста, ама вие што ќе колете, така си ја губите душата. Па како да му се исполни желбата на некој што сака на друго битие да му се одере кожата?

Драги мои! Желбите ме вознемируваат. Многу чудни желби кон мене тргнаа. Извесна Пелоси бара да му испорачам многу оружје на Керенски. Веднаш го побарав Роберт Земекис со молба да ми ја позајми неговата кола од „Враќање во иднината“, оти тој Керенски правеше будалаштини низ Русија во почетокот на минатиот век. Па ти си луд, ми рече Земекис, тоа е само филм, зарем мислиш дека филмовите се вистина? И еден збунет дедо, Бајден му е презиме, испрати чудна желба до мене. Направи, ми вели, Украина што подолго да трае, оти ветил дека ќе ја помага таа земја додека постои. Му велам, а што не рече дека секогаш ќе ја помагаш Украина, оти вака излегува, меѓу редови, дека и сам не си сигурен дали и колку таа земја ќе постои. Други, пак, демек многу битни Европејци, имаат желба, ем Русија да ја фрлам на колена ем руски гас да тече кон нив како река од рајската градина. И ете ја вистината, јас навистина веќе не ви ги разбирам желбите и посакувањата.

Драги мои! А можеби едноставно веќе не сум ви потребен. „Кока-кола“ ме исфрли од својата приказна. Некој Груевски има поголем рејтинг од мене. Чудни опскурни организации ме прашуваат за мојата сексуална определба. Уште почудни ликови наречени политичари ме уценуваат, ако им носам подароци на Русите, ќе ми ја запленеле санката сосе ирвасите, а мене ќе ме затвориле во ќелија со Асанж или во Гвантанамо, со оние, без судење затворените. Децата не сакаат повеќе подароци завиткани под елката, туку бараат лајкови на нивните тикток-видеа. Оние пак малку повозрасни, момчиња и девојки, не ги интересира веќе љубовта на нивната иднина, туку инсистираат на нови инстаграм-следбеници заради своите набилдани мускули и разголени секси-позирања што пред светот ги постилаат, а јас тоа не можам да им го испорачам, оти очигледно веќе не сум дел од нивната приказна.
Драги мои! Жал ми е што морам да ви ја откријам вистината, ама следната година сигурно ќе биде полоша од оваа и затоа најдобро е да си ја променам професијата.
Ваш Дедо Мраз!