Единствен учебник за медиумска писменост се слободните медиуми

Зошто кога ќе ги слушнам зборовите „борба против дезинформациите“, „медиумска писменост“ и „модерирање на содржина на социјалните мрежи“ инстинктивно се фаќам за пушка? Ограничувањето на слободата на изразувањето е оружје на насилникот, на силеџијата, на узурпаторот што неправедно ги приграбил моќта и власта. Најдлабок страв на тираните, на квислинзите и на самодршците е дека дури и најтивкиот глас на отпорот и најнезабележливиот гест на пркосот ќе ја срушат фасадата на семоќ зад нивната страховлада и ќе ја разоткријат и разобличат сета нивна беда пред очите на граѓаните. Ништо не може да ја спречи идејата чие време пристигнало, но и со ништо не може да се зачува идејата чие време поминало.
Сета оваа опсесија во актуелниот свет со „борба против дезинформации“, проекти за „медиумска писменост од градинка до старечки дом“, разно-разните „вистиномери“, „проверувачи на факти“ и ова најново законодавство за „модерирање на содржината на социјалните мрежи“ се само знак дека се потрошија сите идеи и сите утописки енергии што бликнаа како вруток кон крајот на 1980-тите и завршетокот на Студената војна. На светот му се потребни нови парадигми затоа што старите веќе одамна не даваат резултати. Во 1989 година не заврши историјата, но уште долго ќе се расправаме дали „крајот на историјата“ траеше од падот на Берлинскиот ѕид до 11 септември 2001 година или, пак, траеше до францускиот референдум за европскиот устав од 2005 година, пропаста на банката Лиман брадерс на 15 септември во 2008 година, референдумот на излез на Обединетото Кралство и изборот на Доналд Трамп во 2016 година или, пак, до 24 февруари 2022 година и почетокот на руската воена инвазија врз Украина. Тоа што е дефинитивно јасно е дека актуелниот политички, економски и глобален поредок веќе не дава резултати. Едноставно премногу луѓе се исклучени од општеството, не се слуша гласот на мнозинството онеправдани граѓани и нема благосостојба за сите. Антонио Грамши еднаш досетливо забележал дека „кога старото сè уште не е мртво и кога новото сè уште не е родено, стапува часот на сеништата“. Токму сега го живееме времето на сенишните идеи и обидите за воскреснување зомби-идеи, но новото уште никако да се роди.

Само во изминатиов период човештвото се соочи со неколку тешки шокови кога беа прегазени сите црвени линии и се банализираше целиот општествен поредок. Не постои ниту една влада во светот што не го прекрши сопствениот уставен поредок за време на пандемијата и не постои ниту една државата на Земјината топка што не ги прегази човековите права и слободи на сопствените граѓани. За жал, нема никаква глобална дебата по овие прашања, како што нема ни за утврдување на фактите околу хронологијата на целата пандемија, причините за појавување на вирусот, преземените мерки, јавните набавки за време на кризата и, на крајот, отчетот на властите пред сопствените граѓани. Сето тоа изостана, но не и колективното сеќавање на глобалната јавност како изгледа моќ што се одржува со соголено насилство и колку брзо се рушат редот, поредокот и цивилизацијата, колку брзо страдаат правата, слободата и приватноста. Каде беше владеењето на правото насред пандемијата, каде беа човековите права и слободи, каде беше владеењето со согласност на владеаните?
Во македонскиот случај, пак, нештата се уште полоши затоа што земјата беше предмет на еден преврат и рушење на демократски избраната власт во 2017 година, се пристапи кон промена на името на државата и покрај отпорот од мнозинството граѓани, коалициските партнери (СДСМ и ДУИ) направија системски промени со устен договор и без да пристапат кон уставни измени, а сега земјата е предмет на остар идентитетски напад, но властите едноставно не реагираат.
Нормално, граѓанинот е немоќен пред разгоропадената власт, но барем, за среќа, живееме во различни регионални и глобални околности, па властодршците не може да прибегнат кон тотална диктатура и целосно задушување на слободниот збор. Секаде каде што може и умее граѓанинот се изјаснува дека е против сите потези на забеганата власт. Во медиумите најпопуларни се весниците, ТВ и радиоемисиите на критичките гласови кон моќниците. Притоа, целиот антивладин спектар на медиуми работи во гаражни и партизански услови, редовно на само еден чекор пред финансискиот амбис и целосен колапс, но успева да се одржи во некакво живуркање само поради довербата од гледачите, слушателите и читателите. Од другата страна се наоѓаат пребогатите медиуми, портали, „вистиномери“, „проверувачи на факти“, „ловци на дезинформации“ и „медиумски описменувачи“, но тие, во најдобар случај, немаат никакво влијание врз јавноста, а многу почесто само дополнително ги дразнат граѓаните. Попусто се реките пари од власта и од странски извори кога граѓанинот одбива да гледа, слуша и да чита.

Целиот овој порив за цензура си го најде своето место и во годишното обраќање на претседателот Пендаровски до нацијата. Таму тој зборуваше како „популистите ги манипулираат луѓето дека имаат брзи и едноставни решенија и за најсложените проблеми, кои, наводно, демократските системи не можат да ги имплементираат затоа што се бавни, скапи и корумпирани“. Веројатно мислеше на „Северна …“ и на „францускиот предлог“ како брзи и едноставни решенија за најсложените проблеми. „Популистите“ што го потпишаа Преспанскиот договор и го испреговараа францускиот предлог навистина сметале дека постигнале „брзи и едноставни решенија и за најсложените проблеми“. Демократите претходно се трудеа да изнајдат праведно и одржливо решение за овие спорови што би биле прифатливи за македонскиот народ, но тие напори беа оценети како „бавни, скапи и корумпирани“ од тајфата што ги потпиша „Северна …“ и „францускиот предлог“. Тој потоа зборуваше и дека било „круцијално уште во основното и средно образование да ја развиваме медиумската писменост кај младите луѓе, кои ќе научат да ги препознаваат лагите и да формираат мислење врз основа на факти“. Власта што не умее да напише учебник со точни мерки за висината на Монт Еверест сега ќе развивала медиумска писменост кај младите луѓе?!? Претседателот уште додаде дека „така најлесно ќе ја препознаваат и демагогијата на автократите дека за решавање и на најтешките проблеми треба само дисциплина и цврста рака“. Хм, за „цврста рака“ зборува претседателот што претходно во истиот говор повика на апсење и затвор за судиите и обвинителите што не судат по негов мерак и според желбите на политичката врхушка на која ѝ припаѓа. Ништо чудно власта да се обиде и да внесе дел од овие налудничави идеи во учебниците за запознавање на општеството, граѓанско образование и историја, но тоа ќе има еднаква тежина како и некогашниот предмет Одбрана и заштита. Граѓаните лесно препознаат обиди за „перење мозоци“, а децата брзо се адаптираат, па овие „лекции“ веднаш стануваат најомразен дел од школските обврски.
Токму од овие причини сум најжесток противник на секоја цензура, вклучувајќи ја и оваа најнова верзија преку „медиумски описменувачи“, „ловци на дезинформации“ и „вистиномери“. Слободата на другиот, посебно слободата на оној што мисли поинаку, е единствената граница на слободата на изразувањето. Единствен учебник за медиумска писменост се слободните медиуми!

Ивица Боцевски