Може ли мнозинскиот изборен модел да ја спаси демократијата во Македонија?

Успеавме да ги преживееме „историските“ години на обезличување на државата, пазарењето со нејзината историја, „добрососедските“ односи со Бугарија, корупцијата, криминалот, законите со европско знаменце, лидерите без лидерство, партијата без поддршка од народот, која и понатаму тоне во заевизмот, за полека да се приближуваме кон нов изборен циклус. Очигледно за некого излез, за друг залез и можно политичко маргинализирање. Но поважно од сѐ е прашањето: како македонската демократија ќе се врати по сѐ што беше направено во последниве години? Заканите за македонската демократија беа и остануваат застрашувачки. Но добрата вест е дека мнозинството Македонци ги отфрлаат политиките што можат да бидат погубни за државата. Лошата вест, сепак, е дека нашиот парламентарен изборен систем претставува голема пречка за тоа мнозинство да се наметне. Кога системот не успева да ги усогласи гласовите на луѓето со местата во парламентот, тој повеќе не е одржлив. Резултатот вообичаено е хаотичен, нерепрезентативен и нефер. Изборите следната година уште еднаш ќе покажат дека системот на гласање во Македонија не е погоден за целта. Повторно ќе гласаме за листи, не за луѓе. Се прашувате до каде се неговите реформи најавувани од власта? И ветени на малите партии. Како што ми изгледа, до никаде. Уште едно од многуте лажни ветувања на оваа власт. Зашто не гледам начин и волја ваквото политичко престројување да се случи за да се промени системот на гласање и да се разбие двопартискиот бинар, без оглед што истиот тој очигледно веќе не стимулира учество на граѓаните во политичкиот процес? Сегашниот изборен модел е нешто како историска несреќа. Или историска среќа за големите партии. Сега засега со оглед на лимитирани остварливи избори поделени во македонскиот и албанскиот изборен кампус, сите гласачи мора да се усогласат со една од однапред дадените политички визии на големите, што го отежнува регистрирањето на нивната амбивалентност. Надвор од блокот на големите партии во Македонија, секоја друга политичка опција во овој изборен модел е осудена како трошење гласови.
Маѓепсаниот круг што вклучува фрагментиран партиски систем и пропорционален изборен модел не само што доведе до фаворизација на големите партии туку придонесе и за проблеми со демократското владеење и легитимност, и акцелерира нов тренд на дедемократизација. Пропорционалниот изборен модел, каков што е денес во Македонија, води кон прекумерна моќ на партиските елити да ја контролираат и манипулираат политичката агенда, а успехот на кандидатите зависи од партиските листи и нивната способност да добијат наклоност кај партиските функционери, особено на лидерот на партијата што ќе им овозможи да ги остварат своите соништа за јавна функција. Еднаш избрани тие ја губат врската со електоратот.

Партијата победува, не кандидатот. Затоа имаме долговечни политичари, кои во услови на друг изборен модел не би припариле до парламентот, ниту би помислиле да се занимаваат со политика. И вие барате да се промени изборниот модел? Зарем стварно некој мисли дека тоа им одговара на големите партии во Македонија и на нивните партиски структури? Јас, искрено, не мислам. Во моментов, иако се чини дека се разговара за промени во изборниот модел, не гледам реална желба за радикално свртување кон мнозински изборен модел со една изборна единица. Ако некој помисли дека големите политички партии во Македонија ќе ја поддржат тезата дека треба да има промени во карактеристиките на партискиот систем што ги прави остварливи вистинските изборни реформи, мора да е наивен. Сиве години се виде дека партиските интереси се толку важни што партиите ги жртвуваат не само владеењето и успешното стратегиско управување со општеството туку и минималната доверба на гласачите во нивните политики.
Ако досега не се уверивме дека институционалните избори сами по себе не гарантираат демократски развој, не знам кога ќе се случи тоа. Нов изборен модел и прекројување изборни единици имаат одреден потенцијал да влијаат на играта на политичката моќ. Секако тоа не е посакуваната политичка опција за некои од големите партии. Особено, знаејќи дека изборните реформи најчесто се раководени од интересите на партиите и елитите и обликувани од политиката и потребата да се најде мнозинство за да се донесат новите изборни закони. Станува збор за она исто мнозинство, кое, сепак, е контролирано од истите тие партии што се против вакви реформи. Заборавив, тие декларативно не се против менување на изборниот модел, но реално тоа е сосема друго прашање. Изборните реформи што даваат простор за повеќе партии во моментов ми изгледаат малку веројатна опција. Но итните времиња бараат големи промени. А македонската демократија досега не направи некои големи работи. Предупредувањата дека нацијата се врати назад кон автократијата со оваа власт и дека во голема мера партиите што ја чинат се оддалечија од демократските норми – носат дополнителна итност од разгледување на можноста за промена или приспособување на изборниот модел на потребите на демократијата во Македонија. Дали промените ќе бидат радикални или не, останува да видиме. Секако, по изборите. А можеби ни тогаш. Којзнае.

Проф. Звонимир Јанкулоски