(Или финализација на идентитетската смрт на Македонците)
Нацифашизмот, драг читателу, да го дефинираме тој поим за да нема забуна, е старозаветен пронајдок, ариевски во основа, што се вика „избран народ“, кој е од Господ даден и како таков има право да тлачи и управува според своја волја и моќ со другите. Мала дигресија. Денес „избраниот“ старозаветен народ Израел го гледаме на дело со таа ариевска филозофија во Газа, а со него како поддржувач на неговиот масакр врз Палестинците стои безрезервно и избраната во таа смисла западна бриселовашингтонска ариевска цивилизација.
Доволен е овој експликативен вовед за темата. Патем, неодамна пишував и за хипотезата на Фројд, Евреин, дека имено и антисемитизмот кон неговите сонародници се должи и на нивната митоманска проекција за (само)избран народ, земајќи си го како свој имот и Господ (Јахве). Тоа. И што ми е тука зборот, драг читателу? Дека и ние Македонците сме жртва на самоизбраната како господова и самопрогласена за најнапредна, најумна и најдемократска ариевска западна цивилизација. Таа што во име на својот ариевизам уништи и колонизира цели други народи под претекст за нивно хуманизирање и демократизирање, а всушност за своја материјална бенефиција, почнувајќи од Јужна и Северна Америка сè до Африка и Пацификот во Азија. На тие завладеани простори таа изврши цела серија етноциди, културоциди и геноциди. Тоа внатре во ариевска Европа на моќните колонијалистички нации како да не постоеше или, поарно речено, не се гледаше. Но Раселовиот суд, на кого не се навраќаме ние, на сјајниот Англичанец Бертран Расел, истакна дека најмногу геноцидна тортура во ΧΧ век во Европа е вршена врз два нејзини народа: македонскиот и ирскиот. Тие по проколнатичката судбинска линија имале слух за своето братство, па не е случаен и фактот дека експерти за тероризам од македонското ВМРО ги обучувале во таа одбранбена вештина и ирските борци за слобода. Оти Западот, драг читателу, зборува само за некаков брутален тероризам или варварство, а никогаш не проговорил за неговиот државен тероризам над цели послаби и сиромашни народи. Но тоа е познато. Па Ноам Чомски, на пример, нашироко има пишувано за денешниот американски државен тероризам, кој го видовме впрочем на дело веднаш по завршувањето на Втората светска војна со Хирошима и Нагасаки, за набрзо потоа во силно темпо него да го демонстрира на планетарен простор: Виетнам, Ирак, Либија, Авганистан, Сирија, а потоа и на Србија 1999, кога за свои потреби во неа создаде нова држава-дивоградба Косово.
А „мал“ фрагмент од него, како горчлива торта од неговите „крвави свадби“ (Лорка) беше вглобен и во новата македонска судбина во таа цивилизација со албанскиот тероризам во 2001. И тоа беше јасниот звук на западната труба на апокалипсата за упокоение на Македонците, испланирано до детали уште во Букурешт 1913. Сè што се случуваше од таканареченото наше осамостојување до денес е само сурова демонстрација на евроамериканскиот цивилизациски фашизам кон нас, а кој сега го гледаме во неговиот вистински ариевски карактер и во Палестина. Од 1990 сè до Нивици/Преспа 2018 (17 јуни) притисокот за исчезнување на Македонците од картата на народите беше неверојатно варварски, иако и „цивилизациски“ софистициран и стилизиран, брутален и неподнослив. Невиден, иако Македонците се изјаснија со референдум против негова директна намера за нивна идентитетска ликвидација. Но тоа ништо не им значи на модерните по Хитлер нови ариевци. И што е најстрашно и најперверзно во целиот овој случај, драг читателу, е тоа што и таквото нивно убиство од „демократската“ и „хумана“ цивилизација беше во брзи етапи спроведувано со необична страст на „цивилизациско“ задоволство, кое се дефинира со поимот садизам, еден вид перверзно еротско самозадоволство од смртта на избраната жртва. За тоа говори и специјалниот производ на западната цивилизација, француски во основа, Маркиз де Сад (сега воскреснат во Емануел Макрон) во своите есеистички списи: „Човекот во сите времиња наоѓал наслада во разурнувањето на природата и во насладата што си го приопштувал тоа себе“. Можеби слична наслада чувствувал по аналогија и Нерон, кој наредил да се убијат 12.000 луѓе само затоа што некој го навредил неговиот кочијаш. Парадоксално, пак, кај нас е, иако сличен, обратен случајот. Нашите кочијаши на Нерон (читај: цивилизацијата на Брисел и Вашингтон), Заев, Димитров, Ковачевски и преостанатите како нив, го убија сопствениот народ (иако морално не му припаѓаат) затоа што божем не се согласувал со „прогресивните“ норми на цивилизацискиот Нерон. Преврната од римската, ама уште пофункционална слика во контекст на нашата тема. И во што е задоволството на овие наши кочијаши кон Брисел и Вашингтон, а Нерони кон сопствениот народ, кој за несреќа на него ги родил, драг читателу? Веројатно во нивното мекотелство што немаат ’рбет, во безрбетноста и отсуството на трошка морална доблест, факт дека кај нив некаде затаила еволуцијата и сè уште се жители на Галапагос, со мали или со големи опашки што ги кријат под газот, но народот ги гледа. Суштества заради кои повторно се враќа на егзотичниот еволуционистички остров Дарвин, теолог без Бог, со својата научна тетратка и молив за да ја објасни закржлавеноста на еволуцијата, служејќи се со некои македонски архипримероци на тој план.
Изгледа како да вртевме долго, драг читателу, ама сепак привидно, оти како што гледаш сме во самиот епицентар на темата. Само уште една дигресија во контекст на неа. Палестина ќе преживее, како што преживеаја всушност во логорите на Хитлер и оние што сега ја ништат неа ‒ Израелците.
А ќе преживеат и Курдите, со чија, по аналогија, е толку многу слична нашата судбина. Ќе преживеат без некоја северна, јужна или каква друга смртоносна придавка што го разорува нивното генеричко животодавно име, и секогаш ќе бидат Палестинци и Курди со физички, но без смртни идентитетски рани како ние Македонците (а којзнае дали оваа ѕверска цивилизација нема да им го смисли и ним она што ни го смисли на нас Македонците). Тие сега за сега трпат само физички геноцид, а нам покрај него сега ни го натоварија и идентитетскиот, најстрашниот што можел да го замисли во својот мрачен ум само Сатаната, но не и Господ.
И сега конечно доаѓаме до нацифашизмот на нашата влада, која сега експресно според нацифашистичкиот модел ги менува личните документи, чин што им носи идентитетска смрт само на Македонците во Републиката, но не и на другите граѓани во неа. Некои од нив, пак, како што гледаме, и ѝ се радуваат на таа смрт бидејќи ја посакуваат. И ќе слават. И таа смртоносна операција на ариевската постхитлеровска цивилизација на Брисел и Вашингтон, сјајно илустрирана со македонскиот, а сега и со палестинскиот пример, драг читателу, не случајно ја изведуваат во крајниот чин нивните поданици од народот избран за ликвидација. Рековме кои се кај нас тие.
И ги менуваат личните идентитетски документи истоштените под мегапритисокот Македонци. Даден им е од министерот со наципрофил рок да го сторат тоа до крајот на февруари идната година, датумот кога според замислата и цивилизацијата и на нејзините балкански предатори (Атина, Софија и Тирана) тие треба мемориски целосно да исчезнат од непоткупливите тефтери на Господ, кои сепак ќе се отворат на Страшниот суд. И еве ги Македонците во поворката на смртта пред сега смртоносните шалтери за менување на документите. Еве ја сега, драг читателу, сликата на новиот холокауст по Хитлер над цел еден народ во Европа. Холокауст. Не физички, иако има дел и од тоа, туку идентитетски, пострашен од физичкиот. Апсолутен. Изгледа дека фирерот на Третиот рајх немал доволно интелигенција и имагинација за тоа како што ја имаат сега официозите на новиот Четврти рајх на цивилизацијата. И чекорат, на општо задоволство на Брисел, Вашингтон, Атина, Софија и Тирана, Македонците кон шалтерите на својата идентитетска смрт, без да знаат како Јозеф К. на Франц Кафка ни зошто се осудени, ни зошто ги убиваат по месечината (како во романот на Кафка) или напладне под полна светлина на сонцето како што се случи тоа во Преспа на 17 јуни 2018. Чекорат тие кротко како јагне потерано на клање, без да изустат, онака како што го тераа на Голгота Исус римските (бриселовашингтонски по аналогија) војници, за што нè известува 860 години пред тој настан старозаветниот пророк Исаија.
Тоа. А Бодлеровиот клуч на универзалната аналогија, драг читателу, ме тера на една воленс-ноленс споредба на нашите домашни идентитетски ликвидатори со есесовците на Третиот рајх. Во едно тие се слични со нив. И тие како нив се убаво облечени, со вратоврски, измазнети и беспрекорно ја извршуваат наредбата, го пуштаат плинот во гасната комора, а потоа се враќаат во семејството како добри сопрузи, ручаат, ги милуваат децата и одат во градината да видат дали расцутеле трендафилите. Аналогијата, велиш драг читателу, е сурова. Да, но не е прецизна и вистината. Знам, мислиш кај е кај нас гасната комора. Ја има, и не имагинарно туку реално. Тоа е комората на идентитетската смрт во која сме затворени. А гасот што усмртува, велиш? Па, тоа сега во конкретниот случај по Преспа 2018 е менувањето на нашите лични идентитетски документи. Дали има сега грешка во аналогијата? Не. Тука треба една корекција во неа; тоа дека офицерите на Третиот рајх го пуштаа гасот на други, не на својот народ, кој го обожаваа како нивниот фирер до бесвест. А нашите го пуштаат плинот за идентитетска смрт на својот народ од кого се изродени. Се разбира, пак, на некој евентуален нирнбершки процес за ова злосторство тие би можеле да се бранат како Ајхман и Рудолф Хес дека само го извршувале тоа што им е наредено. Од каде? Во нашиот случај од Брисел на ЕУ и од Вашингтон како врховен фирер на нацијата. Но тоа нема да ги спаси. А што се однесува на цивилизацијата за која станува збор и за чија колонијалистичка и геноцидна суровост се напишани томови и томови, цела една александриска библиотека книги, и таа веќе се ниша во агонија. Сега мава во Украина, набедувајќи ги за својот злостор Русите, и во Палестина, користејќи го како изговор Хамас за да направат во Газа нова Хирошима. А ние Македонците, по погромот во Преспа 2018 и сега со конечната смртоносна идентитетска операција со менување на личните документи, каква Хирошима сме на оваа цивилизација. Хирошима на апсолутен идентитетски геноцид, драг читателу. Таква! Што значи, колку и да ти звучи тоа парадоксално, дека целата оваа цивилизација што го стори тоа според божја правда треба да седне на обвинителна клупа на новиот нирнбершки процес за злосторства против човештвото.
Социолозите, антрополозите и филозофите често се занимавале со темата на смртта на цивилизациите. Со тоа генијално се занимавал и старозаветниот пророк Даниел за што сум пишувал. Во тој контекст и Пол Валери во своите „Погледи на денешниот свет“ меланхолично ќе крикне: „Цивилизации, ние сега знаеме дека сте смртни“. Всушност, францускиот ингениозен поет и мислител знаел дека цивилизациите, особено неговата, на која ѝ припаѓал, се полни покрај со култура и со сурово варварство, некогаш и многу повеќе отколку со култура, каков што е за жал примерот со Македонија и Македонците во неа. Но има еден дијалектички закон што таа суровост ја озаконува како цивилизациски пад во смрт. За тоа говори и сјајниот француски антрополог (кој нема никаква врска со Макрон) Луј Вансен Тома во својата двотомна книга „Антропологија на смртта“. Имено, дека со секоја смрт што цивилизацијата му ја нанесува на некој друг, сметајќи го за туѓо тело на нејзиниот организам, и таа на крајот е осудена да умре со истата смрт. Ако е тоа утеха, драг читателу, за нас Македонците за смртта во која нè ставија центрите на моќната западна цивилизација Вашингтон и Брисел. Се разбира, перверзно пилатовски, давајќи им ги гробарските лопати на нашите гробари… Ги има многу. Тие и институциите кај нас ги претворија во гасни комори за забрзување на нашата докрај идентитетска смрт, која сега се финализира со садистичко нацифаши менување на личните идентитетски документи. А народот психолошки исплашен, па и физички истормозен, оди, како што вели Исаија за Исус, без збор да изусти во кланицата на цивилизацијата во која го водат неговите домашни одродници. Но парадоксот тука е што поголема жртва од вистинските жртви на таа идентитетска кланица се, имено, домашните квислинзи што ја спроведуваат до совршенство и предвреме наредбата за наша идентитетска ликвидација од Брисел и Вашингтон. Но и од Атина, Софија и Тирана (невината). Имено, за нив и важи она што го вели еден од ликовите во драмата на Сартр „Затвореници од Алтона“: „Ги мразам жртвите што ги посакуваат своите џелати“.
Тука сме при крај, драг читателу, со нашата денешна многу траурна колумна со црна ружа на реверот со кој се оди не на свадба, туку на закоп. Но таква е нашата ситуација, иако ние при очи одбиваме да ја гледаме и се тешиме со она на Фројд дека „единствен начин да се говори за смртта е таа да се игнорира“. Иако мора да се разбудиме од тој траурен смртен сон. Знаеме дека Третиот рајх на цивилизацијата за која зборуваме, драг читателу, профитабилна до краен садизам, од мртвите Евреи во логорите правеше и сапун за да си ја испере гнасотијата од својата совест. А каков сапун со нашата насилничка идентитетска смрт направи од нас оваа цивилизација? За што ќе служи тој?