Фото: Доналд Трамп/Официјален фејсбук профил

Претседателот на Соединетите Американски Држави, Доналд Трамп, изјави дека новиот мировен предлог од Иран е неприфатлив, нагласувајќи дека тековните операции се одвиваат успешно.

Во изјава за Кан, Трамп посочи дека внимателно го разгледал предлогот, но дека не може да биде прифатен.

Тој воедно повторно апелираше до израелскиот претседател Исак Херцог да го помилува премиерот Бенјамин Нетанјаху, истакнувајќи дека станува збор за лидер кој треба целосно да се фокусира на воените случувања.

-Израел немаше да постои без мене и Биби Нетанјаху. Потребен е премиер кој ќе се концентрира на војната – изјави Трамп.

Тој и претходно, на почетокот на март, упати сличен повик до Херцог, барајќи Нетанјаху да биде ослободен од обвиненијата за корупција, за да може целосно да се посвети на конфликтот со Иран.

Нетанјаху, кој од 2019 година се соочува со обвиненија за поткуп, измама и злоупотреба на доверба, ги негира сите обвинувања. Тој поднесе барање за помилување во ноември.

Од друга страна, Херцог повеќепати ги отфрли тврдењата дека ветил помилување, нагласувајќи дека Израел е суверена држава во која владее правото.

Според израелските закони, претседателот има овластување да помилува осудени лица, но досега нема преседан за таква одлука во текот на судска постапка.