Фото: Пиксабеј

Иран го добил одговорот на САД на својот предлог од 14 точки преку Пакистан и во моментов го анализира, изјави портпаролот на иранското Министерство за надворешни работи, Есмаил Багеи.

Според него, планот на Техеран е насочен исклучиво кон прекин на војната, без да се отвора прашањето за нуклеарната програма во оваа фаза.

Како што објави Ал Џезира, предлогот предвидува завршување на конфликтот во рок од 30 дена и целосен прекин на непријателствата.

Иран бара укинување на американските санкции, прекин на поморската блокада, повлекување на американските сили од регионот, како и запирање на воените активности, вклучително и конфликтите поврзани со Израел во Либан.

Планот е структуриран во три фази. Во првата се предвидува постепено отворање на Ормуската Теснина и укинување на поморската блокада, при што Иран би ја презел одговорноста за расчистување на морските мини.

Втората фаза вклучува враќање на Иран на процесот на збогатување на ураниум, прекин на нападите врз земјата и нејзините сојузници, како и укинување на санкциите и одмрзнување на средствата.

Во третата фаза, Техеран предлага воспоставување стратешки дијалог со арапските држави и создавање регионален безбедносен систем за целиот Блиски Исток.

Планот предвидува прекин на воените дејствија и од страна на САД и од страна на Израел, со цел долгорочна стабилизација на регионот.