Околу дневната евтина тарифа за електрична енергија

Од 1 декември 2023 г. почна да важи новата мерка што ја донесе Владата на Република Македонија (РМ) во врска со корисниците на електрична енергија кај домаќинствата. Имено, повторно се воведува евтина тарифа и прекуден, која ќе трае од 13 до 15 часот. Овој систем со евтина и скапа тарифа постоеше и пред неколку години, но беше укинат, а сега повторно се воведува.
Најголемиот број домаќинства имаат двотарифни електрични броила (народот ги нарекува струјомери) бидејќи користеа двотарифен систем и во минатото. Кога дневната евтина тарифа беше укината, постојните двотарифни електрични броила не беа заменети, домаќинствата ги имаат и денес. Некои од нив се од постар тип (електромеханички) поврзани со посебен преклопник, а некои од поновите се електронски, со можност за далечинско отчитување на потрошената електрична енергија. Но при укинувањето на дневниот двотарифен систем пред неколку години, интервенциите од екипите на ЕВН како да го направија тоа прекуноќ. За тоа не слушнавме ништо во јавноста.
Евтина дневна тарифа ќе можат да користат веднаш само 170.000 домаќинства кај кои постои можност за далечинско сетирање. Кај преостанатите 600.000 домаќинства со постари броила сетирањето ќе се врши рачно и ќе трае неколку месеци.
Мислам дека старите броила беа сетирани на двотарифен систем во минатото така што дневниот евтин термин беше од 14 до 16 часот. Но при менувањето на времето од зимско во летно мерење, тој термин се поместуваше за еден час напред, а потоа назад.
Со овој напис сакам да предложам да не се прави унифицирано сетирање, односно дневната евтина тарифа кај сите домаќинства да биде од 13 до 15 часот. Во тие два часа сигурно ќе се јави врвно оптоварување на електроенергетскиот систем во РМ. Плус во тој термин истовремено се вклучени речиси сите потрошувачи на електрична енергија во сите фирми, институции итн.
Денес, во време на енергетска транзиција во светот, една од темите за развој е како да се избегнат моменталните врвни товари во електричната мрежа, а најчесто се користи терминот „умна мрежа“ (smart grid).
Предлагам кај одреден број домаќинства терминот да биде од 14 до 16, а можеби да се воведе уште некој дополнителен термин.
Врвните товари на електрична енергија се неповолни од повеќе аспекти. Веројатно производството на електрична енергија во РМ во тој термин на денот нема да биде доволно за да ги задоволи потребите, па ќе мора да се увезува скапа електрична енергија. А во зимскиот период цената на електричната енергија на берзите најчесто е висока, а некогаш и превисока.
Напомена: Јас не сум експерт упатен во електрични броила. Оваа забелешка ја напишав од гледна точка на обичен корисник.

(Авторот е професор на Машинскиот факултет – Скопје)