Лозовите и овошните насади во атарите на Росоман и селата Сирково, Камен Дол, Сопот, Паликура и Курија претрпеа сериозни штети од ниските температури во мај, информира Драганчо Николов од Подрачната единица на Агенцијата за поттикнување на развојот на земјоделството во Кавадарци, пренесе МИА.
По реакциите на земјоделците за последиците од невообичаено студеното време, првичните информации од терен покажуваат дека најголемите оштетувања се регистрирани во подрачјата покрај реките Црна и Луда Мара.
-Повидливи се последиците кај лозјата, отколку кај овоштарниците – посочи Николов.
Во наредните денови ќе се вршат подетални теренски проценки за утврдување на штетите предизвикани од временските услови, кои не се типични за овој период од годината.
Николов препорачува земјоделците да применат соодветни мерки, како третирање со биостимулатори и дополнително потхранување, со цел да се намали стресот кај насадите.


































