Малку по малку, Македонците ќе изгубат сѐ!

1689

Новиот бугарски премиер Кирил Петков, за кого верувам дека е искрен во своите намери, нема да може да го отстрани ветото. Не случајно еден мој пријател вели дека „неговите раце се врзани“. Секој обид на Кирил Петков да ги премине радикалните црвени бугарски линии, ќе значи пад на бугарската влада

Уште пред првото бугарско вето, еден мудар и симпатичен Албанец ги кажа причините поради кои се најдовме во денешната апсурдна ситуација. На прашањето: „Мислите ли дека ќе почнеме преговори за Европската Унија?“, нашиот сограѓанин одговори: „Богами, тешко. Тешко. Сега на Бугарите ќе им текне. Уште нацијата. Малку по малку, ќе изгубат сѐ. Поради тоа што попуштаат многу. Јас сум Албанец. Мене да ми се скрати правото, да сменам една буква, јас ќе станам. А Македонците, кога бидна ова, не станаа масовно!“
Далеку од тоа да поттикнуваме кон бунт, но нашиот Албанец ја говори вистината. Затоа сме сведоци на бесмислици, кога од македонската химна го немаше делот за Делчев, Груев, Сандански… Делот беше пропуштен за да не му се создадат непријатности на гостинот во Бугарија, меѓутоа на сметка на македонската гордост.
Ние можеме да бидеме прагматични и да попуштаме до немајкаде, дури и да изградиме најмодерна железничка инфраструктура, на која би се движел воз со неверојатна брзина од 600 километри на час, бугарското вето нема да исчезне.
Новиот бугарски премиер Кирил Петков, за кого верувам дека е искрен во своите намери, нема да може да го отстрани ветото. Не случајно еден мој пријател вели дека „неговите раце се врзани“. Секој обид на Кирил Петков да ги премине радикалните црвени бугарски линии, ќе значи пад на бугарската влада.

Можеме да се лажеме бесконечно, но пругата кон Бугарија и работните групи нема да го решат проблемот со Бугарија. Тие можат да ни направат само дополнителни проблеми, бидејќи ќе произлезат нови обврски од наша страна кон Бугарија. На овој начин, ќе го легализираме ветото и ќе ѝ дадеме аргументи на бугарската политичка елита пред Брисел, каде што не минуваат обвинувањата за крадење на историјата.
Доколку анализираме внимателно, нашиот проблем со Софија всушност произлегува од самото (не)функционирање на Европската Унија и затоа само Брисел може да го реши. Најголемата тешкотија на Брисел е т.н. ветократија, бидејќи никој во Европската Унија не може да донесува одлуки и да преземе ефективна одговорност. Ветократијата може да функционира во помалите заедници, како што се клановите и племињата, но не и во сложените политички субјекти, како што е Европската Унија.
Европската политичка елита ја разбра суштината на проблемот, затоа трите политички партии што ја сочинуваат новата германската влада за првпат директно истакнаа дека федералната европска држава треба да биде патот кон кој треба да се движи Европската Унија.
Што точно преставува тоа? Во коалицискиот договор за формирање на новата германската влада се вели дека треба да се донесат европски електорален закон, транснационални листи, заеднички министри, засилување на моќта на европскиот парламент, укинување на едногласноста во донесувањето одлуки што се однесуваат на надворешните и безбедносните прашања (укинување на ветото) итн.
Можеби целите на германската коалициска влада се многу амбициозни, доколку се земе предвид дека секоја земја-членка на Европската Унија треба да се откаже од правото на вето. Меѓутоа, германска влада ја има поддршката на Париз, бидејќи Франција со години се залага за стратегиска автономија на Европа.

Каде сме ние во оваа приказна? И малите деца го знаат одговорот. Треба да почекаме како ќе се одвиваат нештата во европската политичка сцена. Да го чекаме погодниот момент, не за партијата, туку за македонската држава. Не е важно кој политички партиски субјект ќе ја внесе Македонија во ЕУ, туку на каков начин. Можеби ќе треба да чекаме децении, но цената во овој момент е преголема. Верувам дека секоја отстапка во однос на националните и јазичните особености на македонскиот народ ќе доведе до дополнително трауматизирање на македонското општество.
Меѓутоа, нашето чекање не треба да биде како она на Естрагон и Владимир на Годо, кое се состои од низа дејства што не претставуваат ништо, само губење време додека се чека. Напротив, потребни се дејства што ќе ја унапредат македонската држава во секој поглед, сѐ до погодниот момент. Тоа е решението, а не попуштањето. Во спротивно, малку по малку, Македонците ќе изгубат сѐ!