Денес, драг читателу, ќе зборуваме нешто за среќата. Сакаш ли? Среќата е идеал на секој човек. Но секогаш зад овој поим стои едно големо НО. Но затоа што среќата најчесто, ако не и секогаш, по дефиниција е сијамска сестра близначка на несреќата. Тоа се изгледа врзани садови што не можат еден без друг. Или среќниот човек не знае дека е среќен или обратно, несреќниот дека е несреќен и зошто, и така работите тука се многу испреплетени и во нив не може да се снајде најдобро ни Толстој, кој се занимавал посебно со тие феномени, а ни Кант, кој сувопарно по сè изгледа ја свел среќата на неговиот славен морален закон, како највисока и најбожествена норма за човекот, иако мислам дека ако не бил закоравен атеист, не бил ни верник, но сепак му бил потребен Бог и како априори поим или, како што вели тој, „ствар по себе“ за да ја зацврсти својата за него можеби и најзначајна формула за човекот ‒ моралната до коjа веќе поодамна модерниот западен човек и воопшто не се држи.
Но сеедно. Без разлика на тоа, секој еден од можеби денес десетината милијарди луѓе па планетата копнее за среќа и сака да биде среќен и без јасна дефиниција што е тоа и што значи онтолошки таа. Секој еден, иако веќе пред едно столетие и повеќе песимистот Малтус пророкуваше дека главната несреќа за човештвото е неговиот прогресивен и неконтролиран прираст. Некои математики во таа смисла прогнозираат дека до крајот на ова столетие планетата ќе има околу 60 милијарди жители и дека веќе тогаш ќе бидат исцрпени сите основни ресурси што се потребни за нормален, а не како сега екстратехнолошки живот и егзистенцијална удобност, барем за богатите, како што сè уште тоа е пример за Западната цивилизација, која ги пљачка сиромашните и послабите.
Така, драг читателу, среќата, ако ја земеме и симболично, како архетип, на поволната егзистенција, е амбивалентна и различна во различни епохи на човековото постоење на север, југ, исток и запад. Тука така се доближуваме веќе до колективната среќа на разни нации, народи, па и цивилизации и раси, нешто што е доста сложено. Но за тоа, драг читателу, ќе зборуваме во следниот наш подолг и пак во неколку продолженија есеј. Сега засега сме на индивидуалната среќа што ја посакува секоја единка и на свој начин, бидејќи никој не размислува како Кант, па да има општа формула за неа, како што и никој не размислува за несреќата, на пример, како Ками, или без исклучок сите егзистенцијалисти, дека таа е основа на човековото постоење. Ками во таа смисла, а во која друга, дури мисли дека смртта е основната и најважната тема на филозофијата, за разлика од Хајдегер, кој како Индусите мисли обратно дека таа го осмислува животот и не е трагедија за човекот. Итн.
Секоја чест на филозофите, но со поимот среќа најмногу и најдлабински, најубаво сепак се занимавале писателите и поетите, и тоа повеќе интуитивно отколку рационално, кантовски. Иако и Кант е тежок метафизичар, ама во прегратките сепак на некој вид, оксиморонски речено, има железна метафизичка логика. Ни научниците, логичари par exellence не се занимавале посебно драматично или епикурејски со тој поим. Кај нив среќата е во откривањето на она што е веќе априори дадено од Господ, а треба да се открие. Како на пример законот за гравитацијата кај Њутн итн. Тука барем во многу поголем степен отколку кај уметниците да е исклучена големата радост на креацијата во која не е однапред проектиран концептот на Бог, кој бара сомнеж (како што би рекол Бертран Расел за грчките претсократовци) и откривање на она што го дал тој како строг закон во микро и макронештата. Не, кај уметниците отсуствува тој концепт на Бог, присутен е само талентот што тој му го дал на Уметникот за да оди и до зад крајните граници на Непознатото, како што би рекол Бодлер, и пак да не го најде во целина и како закон него како што бидува тоа во науката. Што, пак, значи дека најголемата онтолошка среќа на уметникот е неопфатната дарба за креација, која секогаш води кон Непознатото и Неизвесното како рај на духот. Таа страст на креацијата како поетски израз ја чувствувале и старогрчките претсократовци кон кои повеќе од Расел имал пиетет Ниче, за кои има книга од збити прекрасни есеи. Тие, претсократовците и самите се изразувале, повеќето од нив, поетски во стихови, и некои од нив, како што е тоа Емпедокле, навистина се повеќе поети отколку филозофи во класичната смисла на тој поим. Па и самиот Ниче, за разлика од германските филозофски тешкаши како што се Хегел, Шопенхауер и другите, филозофски се изразувал во поетизирани фрагменти. Пишувал и поезија, а неговото најпознато поетско дело „Така зборуваше Заратустра“ е апсолутно поетско и напишано во стихувана форма.
Сеедно. Зацапавме малку во филозофија и изгледа дека малце ја промашивме темата, иако, како и многупати досега, можеби сме во самото нејзино средиште. Но за да се вглобиме во него, сега треба да се свртиме кон модерниот човек на оваа екстратехнолошка цивилизација. Проблемот за среќата на тој човек е најпогоден можеби за Фројд и психоанализата, па и на Јунг. Двајцата тие го типизираат човекот во однос на среќата, но и несреќата, кои тие тешко ги раздвојуваат. Централниот поим кај нив во таа смисла е „либидото“, кое и кај двајцата е синонимно со поимот „ерос“. Но има разлика. Кај Фројд станува збор за биолошкото сексуално, кое воленс/ноленс е услов за човековата среќа, доколку е тоа задоволено, ако не, тоа е услов и за човековата несреќа, која овој психоаналитичар обично најчесто ја дефинира со поимот „невроза“. Кај Јунг напротив либидото е духовна категорија. Тоа кај него е еросот на креацијата, трансцендентално е, и од потсвеста е искачено најчесто во сферата на натсвеста.
Така. Но зошто толку многу значење му даваме на либидото, драг читателу? Затоа што било да е тоа како кај Фројд биолошко, било да е тоа како кај Јунг духовно, тој поим е синонимен со желбата како централен поим на човековата среќа, која е гарантирана со нејзиното остварување. Така, сега воленс/ноленс дојдовме веројатно до вистинската дефиниција за среќата: желбата и нејзиното исполнување како услов за неа. А колку да се знае во име на вистината ни Фројд ни Јунг не го дефинирале човекот како „битие на желбата“, туку сјајниот Барух Спиноза. Во тој контекст, Спиноза им го припишува тој принцип дури и на стварите (предметите), со таа разлика што тука поимот желба е заменет пак со синонимниот поим „порив“. А тоа, според него, значи дека секоја една ствар има порив да трае. Тоа се однесува можеби на законот на инерцијата во телата. Не знам дали Гете го читал Спиноза, а веројатно да, кога рекол по аналогија на него „Ремек-дело на човекот е да трае“, за што, ако се сеќаваш, драг читателу, имаме пишувано во есејот „Македонија и Спиноза“, се разбира и во врска со идентитетскиот геноцид над Македонците со нивното варварско преименување.
Да, но сега кога сме кај Спиноза, далечен претходник на психоанализата, да се потсетиме и на неговата најславна дефиниција „Deus sive natura“, во која прави алхемиска синтеза меѓу Бог и Природата како андрогинска целина. Но таа негова формула, според нас, повеќе е насочена кон човекот отколку кон Бог, заради негова среќа: имено, за да живее во склад со природата и нејзините елементи со еден длабок и спокоен ритам на отчукување на неговото срце. Но модерниот човек на капиталистичкото општество, „еднодимензионалниот“, како што го нарекува него Маркузе, човек на потрошувачката, консумеристичка цивилизација едноставно ја загубил хармоничната врска со мајката природа на која го упатуваа уште Хердер, Русо и романтичарите. На тој начин тој ја загубил и андрогинската врска со космосот како микродел од неговата целина. Па и Рилке, орфејски спинозијанец, во една своја песна вели дека на човекот за да биде среќен му е доволно дури само едно дрво на ридот да го гледа секој ден. Тоа. Но модерниот технолошки човек на капиталот од таа екстразначајна хармониска синтеза со Бог, Природата и Космосот, невкотвен во своето битие, е незадоволен. Нему не му е потребно како на Рилке само едно дрво на ридот за да биде среќен, туку сака да го опфати целиот свет, а, како што гледаме веќе, и целата вселена за да биде среќен. И тоа евентуално среќен. Тој човек за кого станува збор, надвор од своето сопство, како што би рекол Јунг, е хистеричен турист, барајќи ја среќата низ туѓи места, градови, езера, мориња и планини.
Модерниот технолошки човек на капиталот е невротично битие, слеп роб на материјата и на материјалното богатство. Таков, тој е целосно отуѓен од духовното и спиритуалното. Речиси се ретки исклучоци тие што не се такви. Еден од нив, за кој веќе имаме пишувано во тој контекст, драг читателу, е раниот англиски романтичар, поет, сликар и визионер Вилијам Блејк, кој, според сведоштвото од едно писмо на еден негов пријател, смртно се плашел да биде материјално богат, а сè заради една цел, да не го загуби на тој начин духовното богатство што го поседувал во себе. Капата долу! Тоа, и уште човекот не знае да биде среќен и затоа што им завидува на според него среќните, наместо среќата да ја побара во себе, во своето срце во кое, како што велеше во своите проповеди и Исус, се наоѓа и Небеското царство. Таму, а не на небото. Но човекот ништо не сфати од тоа, дури ни оние што мислат дека се верници што палат свеќи пред икони и иконостаси.
А среќата не мора да биде само реален факт, и најчесто жед и желба за материјално богатство. Ако добро го прочитаме Чехов, кој во своето дело толку многу и на дискретен начин се занимавал со поимот среќа, ќе видиме дека таа кај неговите ликови се остварува и во облик на сон или копнеж по многу мали и скромни нешта. На пример, сон да се има една мала градина, или лозје, или како што е тоа, на пример, кај трите сестри во зафрлената провинција во неговата истоимена драма, кои постојано секој ден, додека не остарат, сонуваат да појдат на море. Да. И тој сон, тој копнеж е всушност нивната среќа.
При крај сме на просторот, драг читателу, а штотуку, грубо речено, набасавме на среќата што има своја вистинска онтологија, иако некому може да му изгледа празна. Но не и на Чехов. Не и нам. Главно во нашиот видокруг досега беше модерниот човек на западната технолошка цивилизација, со исклучок сега на помалку архаичниот човек. Не наминавме кај старите цивилизации на магиската култура и нивниот архаичен човек и повеќе на неговото интуитивно отколку логичко сфаќање на среќата. Тука сега во тој контекст само ќе ги спомнеме халдејските пастири од Сумер, кои покрај Тигар и Еуфрат ги паселе своите стада дење, а ноќе страшно љубопитно гледале во големата космичка слика на ѕвезденото небо и во него, да се послужиме со поимот на Фројд и Јунг, ја проектирале како негов одраз и озарение нивната душа. Ја проектирале толку страсно и духовно моќно што им се чинело дека и од нивните стада молзат ѕвездено, а не обично млеко. Но тоа нивно магиско проектирање не било залудно. Тие страсно ја проучувале на интуитивен антрополошки начин ѕвездената космичка слика и така ја создале сликата на астрологијата, на, модерно речено, сликата на човекот како антропокосмос. И тоа била нивната магиска и магична среќа. Далечните од нив Кинези во старата епоха независно истото го правеле и на тоа, на сликата на антропокосмосот тие од тогаш до денес ја користат многу успешната медицина на акупунктурата, а Индусите, пак, медицинскиот систем на чакрите, односно пршлените на ’рбетот.
Темата за среќата, како што гледаш, драг читателу, е бескрајна. Ние во овој мал есеј зафативме едвај само еден мал микродел од нејзиниот безбрежен океан. Само остана да кажеме уште едно нешто многу важно за неа, без да се расфрламе со големи зборови. Таа е нешто елементарно, што, пак, значи дека не е поврзано со материјално богатство и слични мегаломанства. Таа е едноставно бескрајната Љубов и Слобода, двата клучни поима за среќа за кои говори Исус Христос. Но Љубов и Слобода што немаат никаква институционална врска со судови и слично, туку се чист божествен онтолошки производ на душата. Ништо друго. Но за тоа, знаеш, драг читателу, веќе поопширно имаме пишувано неодамна во серијата колумни „Размисли за Христос“. Доволно е. Но кога велам елементарна среќа, пак како во еден дамнешен есеј, мислам на познатата песна на шведскиот американизиран писател Карл Сандберг „Среќа“. Во неа тој не наоѓа одговор што е тоа кај најучените луѓе и мудреците. Едноставно никој од нив не умее да даде дефиниција за неа. Па сепак, парадоксално, тој неа самиот ја открива еден сончев ден шетајќи покрај реката Деплан, кога здогледал како пеат група Унгарци со жените и децата, придружувани со звуците на хармониката што ја тегнел еден од нив. А покрај нив за сликата на таа елементарна среќа да биде целосна имало и бочвичка со пиво. И тогаш Сандберг настрана од учените и мудреците како духовно озарени го дефинирал поимот среќа. Елементарната човечка радост. Тоа е она што многумина во модерната епоха не го знаат и наместо среќни, се несреќни. До тука толку. А сега, знам, драг читателу, веќе ми поставуваш важно прашање: постојат ли среќни народи, освен индивидуи.
За тоа со среќата и несреќата на колективи, народи, цивилизации, па и раси во еден подолг есеј следниот пат. Дотогаш биди поздравен и сè најубаво.

































