фото: Маја јаневска-Илиева/ илустрација

Со изведување на материјални докази од страна на Обвинителството, денеска во судницата во КПУ „Идризово“ продолжува судскиот процес за пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани, во кој загинаа 63 лица, а повеќе од 200 беа повредени, пренесе МИА.

На претходното рочиште Обвинителството презентираше обемен доказен материјал поврзан со објектот во кој работела дискотеката, неговата сопственост, како и движењето на имотот, при што беше претставена целокупната фактичка, правна и сопственичка историја на објектот.

Во судницата беа изведени документи кои се однесуваат на правниот статус на објектот согласно урбанистичките планови, геодетски елаборати, барање за легализација од 2011 година за делот што се третирал како бесправно изграден објект, записници од извршени надзори, договор за закуп, дополнителни барања за легализација, како и записник за одземени предмети и документација од дискотеката по пожарот.

Меѓу доказите беа презентирани и фотографии од внатрешноста на дискотеката по реновирањето, обезбедени преку вештачење на мобилниот телефон на првообвинетиот Дејан Јованов. Од Обвинителството нагласија дека за прикажаните интервенции во објектот не постои никаква официјална документација.

Во делот на доказите поврзани со Општина Кочани беа презентирани записник од извршен вонреден надзор, во кој се констатирани неправилности, односно дека објект со одобрение за лесна индустрија со години бил користен како угостителски објект – дискотека, без да поседува одобрение за пренамена.

Обвинителството презентираше и барање од Општина Кочани од 2012 година за неиздавање лиценца за работа, во кое се наведува дека претходното известување од Општината се однесувало на паркинг-простор наменет за објекти од лесната индустрија, а не за ноќен клуб. Изведено беше и барање од истата година испратено до Министерството за економија, во кое Општината известува дека компанијата „Класик ТП“ поднела барање за добивање лиценца за дискотека и бара повратна информација за постапката.

На рочиштето реагираше одбраната, која посочи дека дел од доказите се прибавени на незаконит начин и не треба да бидат прифатени како доказен материјал, доведувајќи ја во прашање и законитоста на нивното прибирање.

Обвинителството презентираше и записник за пронајдени и одземени предмети од местото на трагедијата, составен откако биле создадени услови за увид. Меѓу одземените предмети се лични документи, лаптоп-компјутери, каса со пари и друга документација. Посебно беа издвоени 140 билети за влез во дискотеката „Пулс“, договор за патролно обезбедување меѓу „Рубикон секјурити солушнс“ и „ММММ Кафе ДООЕЛ“, известување за вршење дејност и записник од инспекциски надзор за безбедност и здравје при работа во дискотеката.

Пожарот во дискотеката „Пулс“ избувна на 16 март 2025 година за време на настап на музичката група ДНК и претставува една од најтешките трагедии во поновата македонска историја. Судскиот процес го води судијката Дијана Груевска-Илиевска, додека обвинението го застапува тим од 15 јавни обвинители.