Името на државата е идентитетот на народот, односно нацијата!
Идентитетот е родот од кој потекнувам, јазикот со кој зборувам, културата и традициите што ги негувам, историјата без дисконтинуитет на територијата на која живеам! Не е идентитет ништо од ова парцијално и сепаратно, туку сѐ заедно, универзално и интегрално!
Велиме: Името на нашата држава е Македонија! Името на мојот народ е македонски народ! Јазикот на кој зборувам е македонскиот јазик! Културата и традициите што ги негувам се македонската култура и традиции! Историјата на територијата на Македонија на која живеам е македонска историја без дисконтинуитет од пред новата ера до денес, ние не сме доселени од зад Карпатите со трски во уста преку Дунав во шестиот век од нашата ера, туку како домородни живееме на своја автохтона територија Македонија, во државата Македонија ги почитуваме правата и слободите на сите!
И затоа, сега и веднаш, еднострано бараме раскинување на договорот Заев – Борисов од 1 август 2017 година и на спогодбата Димитров – Коѕијас од 17 јуни 2018 година, распуштање на македонско-бугарската и македонско-грчката меѓувладина комисија за ревизија на македонската историја, поништување на уставните амандмани од 11 јануари 2019 година за промена на името на државата Македонија и идентитетот на македонскиот народ и продолжување на членството во Обединетите нации и во сите меѓународни органи, организации и заедници под единственото државно име што се состои само од еден единствен збор – зборот Македонија!
Македонија мора да биде држава како и сите држави во светот! И Македонците немаат вечни пријатели, Македонците немаат вечни непријатели, Македонците имаат вечни интереси!
Имајќи предвид дека американскиот унилатерализам и европскиот центризам се трајно минато свршено време, а светот се гради на мултиполарни основи, Македонија мора да ја приспособи својата надворешна политика на новата светска геополитичка карта!
Македонија мора да гради надворешна политика на активен мултилатерализам, од пријатели никогаш доста, но врз основниот принцип на меѓународното право на еднаква сувереност, што подразбира: заемно почитување и разбирање, соработка по сите прашања од заеднички интерес, немешање во внатрешните работи на суверените држави и реципроцитет во меѓусебните односи! Светот не им припаѓа на глобалистите и сатанистите, туку на патриотите, на националистите, ова е свет на нации, не постојат анационални држави!
Независно од историските хипотеки од Балканските војни 1912-1913 година, Првата светска војна 1914-1918 година, Втората светска војна 1939-1945 година и Граѓанската војна во Грција 1946-1949 година, предлагаме договори за траен мир и добрососедство на Македонија со соседните држави и историско помирување на македонскиот народ со соседните народи, врз основниот принцип на меѓународното право на „еднаква сувереност“!
Имајќи предвид дека империјата Македонија не може да се супституира од Републиката Македонија, иако Македонија е единствена држава во светот со тоа име, ние, Македонците, макар и еднострано, декларираме дека, културата и историјата на Македонија не се ексклузивно право, туку дел од културно-историскиот идентитет на сите балкански демоси како современи политички нации во чија основа е македонскиот етнос, независно од разликите во читањето на историјата од аспект на актуелната геополитика, дури и независно од разликите помеѓу современите литературни јазици како производ на современите политички нации!
Големината на една цивилизација е во универзалноста на нејзините вредности, а универзални вредности на македонската цивилизација на која припаѓаме се: мирот и љубовта наспроти војната и омразата, толеранцијата и коегзистенцијата наспроти дискриминацијата и сегрегацијата, и културниот глобализам што подразбира интеграција со афирмација на помесните етноси, јазици, религии и култури, наспроти корпоративниот глобализам, кој врз основа на профитните интереси на мултинационалните корпорации врши интеграција со асимилација на помесните етноси, јазици, религии и култури сѐ до нивна физичка ликвидација од Земјината топка! За последните неколку века, британскиот империјализам, европскиот колонијализам и американскиот интервенционизам избришаа стотици етноси, јазици, религии и култури од Земјината топка…
Затоа и Гоцевата мисла „светот како поле за културен натпревар помеѓу народите“ не е само негова лична импресија, туку претставува експресија на генетскиот код на македонската цивилизација!
Никогаш да не заборавиме, дека со сите разлики помеѓу нас Македонците, по род и државјанство, од сите делови на Македонија, во светот и татковината, само Македонија е нашиот еден и единствен заеднички именител, само Македонија е нашиот еден и единствен заеднички содржател! Со Македонија нѐ има, без Македонија сите заедно ќе нѐ снема!
(Авторот е претседател на Светскиот македонски конгрес)